X
 28.11.2017 Култура

Умберто Еко: Како да се води телевизиска програма


Стар телевизор
(Фото: Pixabay)


Беше тоа едно воодушевувачко искуство кога Академијата за науки на островот Свалбард ме повика неколку години да ја проучувам популацијата Бонга, цивилизација што се развила меѓу непознатата земја и среќните острови.

Бонгите се однесуваат слично на нас, но покажуваат необична склоност кон комплетирање информации. Не знаат што е тоа претпоставка, ниту имплицитно. На пример, ние почнуваме да зборуваме и очигледно е дека користиме зборови, но немаме потреба да го кажуваме тоа. Кога еден Бонга му се обраќа на друг, најпрво ќе рече: „Внимавај, сега нешто ќе ти кажам и притоа ќе користам зборови“.

Ако заѕвоните на вратата на некој Бонга, тој ја отвора и вели: „Сега ја отворам вратата“. Ако ве повика на вечера, ви го покажува вашето место на масата и вели: „Ова е маса, а овие се столови!“ Потоа триумфално најавува: „А сега, еве ја келнерката! Ова е Розина. Таа ќе ве праша што сакате и ќе ви го донесе вашето омилено јадење“.

Интересно е да се набљудуваат Бонгите кога одат во театар. Во салата се гасат светилките и се појавува актер кој вели: „Ова е завеса“. Потоа завесата навистина се подига и на сцената излегуваат актерите да го изведат, да речеме, Хамлет или Вообразениот болен. Но овде секој актер се претставува пред публиката со име и презиме, а потоа и со името на ликот што ќе го толкува. Кога актерот ќе ја заврши репликата, тој најавува: „А сега, пауза!“ По неколку секунди друг актер почнува да го кажува својот текст.

Излишно е да се каже дека на крајот од првиот чин актерот истапува напред и објавува: „А сега следува пауза“...

Долго се прашував од каде им е таа опсесивна потреба за прецизирање. Можеби послабо сфаќаат, си велев себеси, и ако некој не каже: „Сега те поздравувам“, не сфаќаат дека некој ги поздравил. Но, постоеше друга причина. Бонгите негуваат култ кон театарот и затоа сè мораат да претворат во претстава, дури и она што е имплицитно.

Во текот на мојот престој меѓу Бонгите имав можност да ја реконструирам историјата на аплаузите. Претпоставувам дека во древните времиња аплаудирале од две причини: или затоа што биле задоволни од убава претстава или во чест на личноста што исклучително ја почитувале.

Силината на аплаузот покажувала колку некој е сакан и почитуван. Некогаш лукавите импресарија, за да ги убедат гледачите во вредноста на театарската претстава, уфрлале во публиката платеници кои аплаудирале и кога немало причина за тоа. Кога почнаа телевизиските програми, Бонгите во студијата носеле роднини на организаторот и со помош на светлосен сигнал (невидлив за гледачите) ги известувале кога треба да аплаудираат.

Набрзо гледачите го откриле трикот и кај нас аплаузот бил целосно дискредитиран. Но, не и за Бонгите. Публиката во домовите посакала да аплаудира и Бонгите во толпи упаднувале во телевизиското студио, подготвени да платат само за да можат да ракоплескаат. Некои се запишувале и на специјални курсеви. Бидејќи веќе знаеле сè, во одредени моменти водителот гласно би најавил: „А сега, еден убав аплауз“. Но наскоро гледачите во студиото почнале да аплаудираат и без поттикнување од водителот...

Аплаузот до таа мера станал неопходен што и во рекламните спотови, штом онаа панаѓурска фигура ќе изговори: „Купувајте средство за слабеење пип“, букнува бесконечен аплауз. Гледачите пред телевизорите знаат дека пред водителот нема никој, но аплаузот е потребен за програмата да изгледа убедливо, инаку ќе го сменат каналот...

Не можам да кажам дека Бонгите помалку вредат од нас. Напротив, еден од нив ми рече дека имаат намера да го освојат светот. Дека овој проект не е платонски, се уверив кога се вратив во татковината. Вечерта го вклучив телевизорот и видов водител кој ги претставуваше своите помошнички, потоа најави изведба на комичен монолог и на крај рече: „А сега, балет!“ Еден отмен господин кој дискутираше на актуелни политички теми со друг, исто така отмен господин, во еден момент го прекина разговорот и рече: „А сега, кратка пауза за реклами“. Некои водители дури и публиката ја најавуваа. Други, телевизиската камера што ги снимаше.

Сите аплаудираа...


Умберто Еко (1987)
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура