Последната колумна на големиот писател Умберто Еко била објавена во италијанскиот „Еспрес“
„Можам да пружам само полемички одговор на тоа што би направил кога би бил владетел со светот, бидејќи не постои можност тоа да се случи. Како што стареев, започнав да го мразам човештвото, така што би го, доколку имам апсолутна моќ, оставил на патот кон самоуништување - тоа би исчезнало, а јас би бил посреќен.
Луѓето како мене, ние сме интелектуалци - ние ја работиме својата работа, пишуваме текстови, имаме начини да го кренеме гласот, да протестираме, но не можеме да го промениме светот. Се` што можеме да направиме е да ја поддржиме политиката на емпатија. Канцеларката Ангела Меркел даде позитивен пример кога го охрабри германскиот народ да ги вдоми сириските бегалци. Го промени имиџот на Германците ширум светот - никој повеќе нема да ги гледа како СС на Адолф Хитлер. Тоа е она што може да го направи еден политичар.
Младите луѓе треба да научат да филтрираат и да ги доведуваат во прашање информациите кои ги добиваат преку интернет, а не да ги земаат здраво за готово. Тоа не е едноставно. Јас користам Википедија и знам дека можам да и` верувам 99% од времето, но луѓето на мојата страна напишале дека сум бил прво од тринаесет деца и дека сум се оженил со ќерката на својот издавач. Ништо од тоа не е вистина. Така што, дури и тоа може да биде предмет на манипулација. Еден од моите внуци има 15 години и вели дека неговите пријатели веруваат во теории на заговор за кои читаат на интернет. Не постои контрола на квалитетот - и тоа е огромен проблем.
Секоја влада треба да настојува да го подобри образованието. Пред Првата светска војна, само околу 20% од луѓето во Италија имале завршено основно училиште. Денес е проблемот во универзитетите - ризично е што сме ги намалиле условите за упис за што повеќе луѓе да добијат пристап до високото образование, но квалитетот на тоа образование истовремено е намален. Тоа се случило во Италија во последните години и претставува вистинска трагедија. Сега првите три години од факултетот се премногу лесни - студентите воопшто не мора да читаат книги подолги од стотина страни. Оние кои се на власт мораат да сфатат дека е неопходно да бидеш предизвикан за да пораснеш. Кога јас студирав, читав над илјада страници и ништо не ми беше!
Учењето јазик е единствената работа која би ја направил задолжителна во училиштата. Ако концептот на Европа постои, тогаш е базиран на заедничкото знаење јазик. Во две најголеми земји, Франција и Британија, повеќето луѓе изгледа дека го зборуваат само својот мајчин јазик. Не толку одамна, во Англија луѓето течно го зборувале латинскиот. Постои приказна за англискиот генерал кој го пратиле во индиската провинција Синд во 19-от век за време на една побуна. За да се пошегува, испратил телеграма во Лондон со зборовите „Peccavi“, што значи „Згрешив“. Прекрасната работа не била тоа што можел да се пошегува на латински, туку што неговите колеги во Лондон разбрале.
Мојот внук учи грчки веќе две години. Можеби уште не може да го чита Хомер во оригинал, но развил разбирање од грчката цивилизација. Тоа е дел од нешто што се вика „енциклиоза“, што значи „кружно образување“, а од тој збор потекнува и изразот „енциклопедија“.
Луѓето се религиозни животни. Кучињата не се религиозни. Вистина е дека тие лаат на месечината, но тоа веројатно не е поради религијата. Луѓето имаат тенденција да бараат причина во ситуацијата во која се наоѓаат. Постои прекрасна реченица, кажана од Г. К. Честертон: „Кога луѓето престануваат да веруваат во Бога, тоа не значи дека повеќе не веруваат во ништо; тоа значи дека веруваат во се`“.
Владетелот на светот не може да ја елиминира религијата. Може да бидете атеист или неверник, но мора да сфатите дека на повеќето луѓе едноставно им треба некакво верско убедување. Карл Маркс кажал дека религијата е опиум за масата - дека таа го држи народот тивок. Но, таа може да биде и кокаин за масата. Таа има двојна функција - одговара на некои фундаментални прашања и понекогаш принудува да одат во борба со неверниците. Тоа е карактеристика на човештвото на ист начин на кој луѓето е единствен вид кој умее да сака.
На крајот, да сум владетел на светот, би ги принудил сите луѓе да ги прочитаат сите мои книги, за да станат исто паметен како и јас и за да не веруваат дека на светот му треба владетел!“