X
 06.12.2017 Култура

Македонските обичаи мартинки и Хидерлез пред портата на УНЕСКО




„Мартинки“ во март во Скопје

Обичајот да се носат мартинки и прославувањето на Хидерлез во Македонија во секој момент треба да станат дел од светското духовно наследство и да бидат впишани на репрезентативната листа на нематеријално културно наследство на човештвото под закрила на УНЕСКО. На островот Чеџу во Јужна Кореја во тек е 12. состанок на Комитетот за заштита на нематеријалното културно наследство, кој ќе трае до 9 декември.

На дневен ред ќе се најдат и двете мултинационални апликации во кои рамноправно учествува и Македонија. Впишувањето на листата е речиси извесно бидејќи двете досиеја шест години ги изработуваа експерти од меѓународни тимови, во координација со експерти од Организацијата за образование, наука и култура при Обединетите нации. Во Јужна Кореја досиејата од македонска страна ќе ги претстави Билјана Прентоска, новиот генерален секретар при Националната комисија на УНЕСКО на Република Македонија.

И двата обичаја се први мултинационални апликации во кои учествува нашата земја. Тоа значи дека обичаите се практикуваат во повеќе земји. Затоа тие земји заеднички ги номинираат за листите на УНЕСКО. Со векови луѓето практикуваат на 1 март да им врзат црвена врвка на дечињата околу рацете, или како украс на облеката носат плетени црвени конци. Мартинките како обичај не се практикуваат само во нашата земја, туку и во Бугарија, Романија и во Молдавија. Сите четири земји го подготвија досието рамноправно. Номинацијата е пријавена на 31 март 2016 година. Во Македонија, Центарот за научни истражувања и промоција на културата ХАЕМУС веќе неколку години во март организира случувања за промоција и задржување на традицијата на мартинките.


Славење на пролетта, Хидерлез

Славењето на пролетта, кај нас познат како Ѓурѓовден, во Турција како Хидерлез, е вториот обичај што треба да стане дел од светското наследство. Обичајот е номиниран на 30 март 2016 година како мултинационална апликација на Македонија и Турција, и се однесува исклучиво на начинот на кој Турците во Македонија го чествуваат обичајот. Пред неколку години Македонија се обиде да аплицира со Ѓурѓовден како мултиетнички обичај што различно го чествуваат повеќе националности во Македонија, заедно со Хрватска, Србија, Романија, Молдавија и Турција. Но, досието беше вратено да се дополни и доработи. Од билатерални административни причини, решено е првата апликација да биде само на овој начин, а потоа да се збогатува со обичаите на другите националности што слават Ѓурѓовден.

Пеливани на Хидерлез

Од Република Македонија, на репрезентативната листа на нематеријално културно наследство на УНЕСКО досега се најдоа: обичајот четрсе – прославувањето на Младенци во Штип, „Копачката“, соборско оро од селото Драмче, Пијанец, и машкото двогласно пеење Гласоечко. Охридското Езеро, пак, има двојна заштита од УНЕСКО како природно и културно наследство. Интересно е што кога се заштитувал Охрид како природно (во 1979) и како културно наследство (во 1980 година), биле земени предвид многу широки граници. Така, денес УНЕСКО не го штити само градското јадро, туку и црквите, галеријата со икони и археолошките локалитети. Експертите велат дека од друга страна тоа многу ја отежнува заштитата. Добро е што и Албанија го подготвува досието за природна заштита на Охридското Езеро и од другата страна на границата.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура