X
 26.07.2022 Живот

Ќе се истражува водната флора и фауна на изворите во Свети Наум

Проектот „Извори Свети Наум – инвентаризација на биолошки карактеристики и екосистемски услуги (SN_BESI)“ ќе добие финансиска поддршка од Регионалното биро за наука и култура на УНЕСКО во Европа и од добротворната фондација Abrdn.

Тој е еден од петте проекти што ќе бидат финансирани од УНЕСКО, со апликација на јавната установа Национален парк „Галичица“, а неговата реализација треба да почне од 1 август годинава.

- Во рамките на проектот ќе се спроведат истражувања и попис (инвентар) на водната флора и фауна на изворите во Свети Наум – најнови информации согласно меѓународно прифатена методологија. Ќе се прави процена на видовите и живеалиштата според релевантните директиви (Европските директиви за видови и живеалишта, Европската директива за инвазивни и ненативни видови итн.), ќе се развијат еколошки едукативни пакети кои ќе се користат во Свети Наум за едуцирање на различни целни групи за вредноста на самото место и биолошките, еколошките и културолошките карактеристики. Предвидено е да се направи и процена на состојбата на екосистемите и екосистемските услуги преку интегративен метод на оценување - соопшти НП „Галичица“.

Резултатите добиени од истражувањата во 10-месечниот период на реализација ќе бидат интегрирани во стратешките документи на НП „Галичица“.
- УНЕСКО ќе работи заедно со избраните локации за да обезбеди резултатите да се вклопат во приоритетните области на нивните научни програми: Програмата за човекот и биосферата (MAB), Меѓувладината хидролошка програма (IHP) и Меѓувладината океанографска комисија на УНЕСКО (IOK), стои во информацијата.

Проектот на „Галичица“ е единствен за биосферен резерват и регион на природно и културно наследство на УНЕСКО, а ќе бидат финансирани и проекти во Грција, Словенија, Италија и Велика Британија.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот