X
 02.09.2016 Култура

Ова се 15-те најстари градови во Европа

Некои градови се изгубени засекогаш, некои се пронајдени, но имаат споменична вредност, бидејќи се рушевини и не се населени, а други, пак, човекот никогаш не ги напуштил, но врз нивните темели изградил модерни градови.

Во времето кога настанувале првите градови, сè уште не постоело писмо, па трагите што водат до нив се наоѓаат или длабоко под земјата или во стиховите на древните поети што стигнале до нас многу подоцна, и благодарение на кои археолозите се посветиле на нивно откривање.

Овие се 15-те најстари градови на “Стариот континент”:

15. Ереван, Ерменија – 782 п.н.е.

Главниот град на Ерменија е основан 29 години пред Рим, на стратешки важно и соодветно место каде што поминувал караванот на трговците меѓу Европа и Азија. Градот бил мета на Асирците, Римјаните, Византијците, Персијците, Арапите, Селџуците, Монголите и на Советскиот сојуз. По распадот на СССР, градот доживува процут и станува неодминливо туристичко место.

Ереван


14. Задар, Хрватска – околу 900 п.н.е.

Илирското племе Либурни од Балканскиот полуостров, основале град на местото на денешен Задар, уште во 9 век п.н.е. Подоцна градот потпаднал под власта на Римското царство, за подоцна да биде вклучен во рамки на Византија. Во 17 и 18 век, за градот се бореле Млеците, Турците и Фанцузите.

Задар


13. Мцхета, Грузија – околу 1000 п.н.е.

Грузија е непрекинато населена уште од дамнешни времиња, а некои сметаат дека Мцхета е населена уште од 3000 п.н.е. Ова гратче северно од Тбилиси е местото од каде што почнало да се шири христијанството низ Грузија во 317 година. Градот изобилува со споменици и манастири што се наоѓаат на листата на УНЕСКО на заштитени локалитети од културно наследство.

Мцхета


12. Кадиз, Шпанија – околу 1100 п.н.е.

Феникијците од Тир, денешен Либан, го основале Кадиз во 1100 п.н.е. под името Гадир. Во тоа време, градот бил трговски центар, а Римјаните кои подоцна го освоиле најмногу го ценеле неговото пристаниште. По падот на Рим, градот бил заборавен, сè до походот на Колумбо, кој допловил дотука, барајќи го поморскиот пат за Индија.   

Кадиз


11. Митилена, Лезбос, Грција – 1100 п.н.е.

Овој древен град бил главен центар на островот Лезбос во Егејското море. Островот се споменува уште во Хомеровите епови, Илијада и Одисеја, а значајноста на Митилена се зголемува со фактот што претставувала дом на најголемиот философ на сите времиња, Аристотел, каде што поминал две години од својот живот.

Митилена


10. Лисабон, Португалија – 1200 п.н.е.

Иако многумина тврдат дека Лисабон е континуирано населен од 2500 п.н.е. доказите за културата која го населувала во периодот до 1200 п.н.е. се многу сиромашни. Со сигурност се знае дека Феникијците го населиле во 12 век пред Христос. Градот бил под римска власт, потоа во рамки на омали кралства и војводства, сè додека не го окупираа Маврите од Мароко, коишто го основале првиот исламски калифат во Европа.
Градот е речиси целосно уништен во 1755 година од катастрофален земјотрес, во кој загинаа околу 60.000 луѓе. Волтер сатирично го опишал земјотресот во своето познато дело Кандид.

Лисабон


9. Халкида, Евбеја, Грција – 1300 п.н.е.

Хомер ја споменува Халкида во Илијадата, која е напишана, најверојатно, во 8 век п.н.е. и ги опишува случувањата од 13 век п.н.е. Археолошките докази откриваат дека настанала пред Тројанската војна, како јонска колонија на Атина. Халкида е главен град на островот Евбеја и се наоѓа делумно на остров, делумно на копно. Деловите се поврзани со три моста. Иако бил од голема важност во римското доба, сепак, нема остатоци од стариот град.

Халкида


8. Ларнака, Кипар – 1300 п.н.е.

Градот Ларнака лежи на остатоците од некогашниот град Китион, кој бил феникиска и грчка колонија. Подоцна бил дел од персиското и римското царство. Освен што е познат како важна стратешка точка на источниот Медитеран, градот е познат и како родно место на философот Зенон, основачот на стоицизмот.


Ларнака


7. Кутаиси, Грузија – почеток на втор милениум п.н.е.

Кутаиси, град во западна Грузија, бил главен град на кралството Колхида, вазална држава во рамки на Римското царство. Стациониран во јужната област на Кавказ, Кутаиси бил точка на конфликти меѓу бројни грузиски, руски и турски владетели. Заштитен знак на градот е катедралата Баграти, која е под заштита на УНЕСКО како светско наследство.

Кутаиси


6. Трикала, Грција – околу 3000 п.н.е.

Древниот град Тика е основан околу 3000 п.н.е. и поголем дел од него е сочуван под улиците на модерна Трикала. Тоа што низ него тече река, било клучно за развојот и просперитетот на градот во добата на грчките полиси. Храмот за лекување е една од најпознатите рушевини од овој вид.

Трикала


5. Патра, Грција – 3500 п.н.е.

Ископините покажале дека Патра била населена уште во најраниот период на Хелада, во средината на 4 милениум п.н.е. Како и поголемиот дел од грчките градови, набрзо по падот на Рим бил окупиран од Турците, а во 1799 година е запален од страна на Албанците муслимани. Денес во Патра живеат околу 200.000 луѓе.  

Патра


4. Ханија, Крит, Грција – 4000 п.н.е.

Археолошката обработка на древниот град Кидонија, покажале дека местото врз кое лежи денешна Ханија било непрекинато населено од почетокот на 4 милениум п.н.е. Најстарите зачувани рушевини настанале во Минојскиот период на почетокот од вториот милениум п.н.е.
Хомер напишал дека Ханија бил еден од најважните градови на своето време, а за големината на културолошкото богатство пронајдно под градот, зборуваат Хомеровите стихови. Градот го уништиле Сарацените во 9 век од н.е. а повторно го изградиле Млеците.

Ханија


3. Пловдив, Бугарија – 4000 п.н.е.

За некои остатоци од неолитските населби во Пловдив, експертите сметаат дека можеби потекнуваат од 6 милениум п.н.е. Во античко време, градот бил окупиран од Тракијци, Македонци и Римјани, кои од него направиле значајна урбана населба. Рушевините од римското доба се добро сочувани, а амфитеатарот Филопополис претставува архитектонска драгоценост. Древниот стадион имал капацитет за 30.000 луѓе.
Пловдив го освоиле Отоманците во 14 век, а ослободен е дури во 1878 година.

Пловдив


2. Атина, Грција – 5000 п.н.е.

Акрополот во Атина е населен најмалку 7000 години. Грчките легенди велат дека градот настанал кога божицата Атена посадила семе од маслина, натпреварувајќи се со богот на морето, Посејдон. Никнатото дрво го сметале повредно од водата што ја ослободил Посејдон со удар во стена со трозабец, па така Атена имала чест да биде заштитничка на градот.
Како родно место на демократијата и на највисокиот дострел на грчката култура, дури и освојувачите на Атина ја ценеле дотолку што ограбувањето и репресивните мерки над атинците секогаш биле помалку сурови во однос на другите градови и нивните жители.   
Атинците го победиле Персиското царство во битката кај Маратон во 490 п.н.е. по што настапила “златната ера” на Перикле. Во Атина живееле и работеле врвните научници и уметници, Сократ, Хипократ, Софокле, Платон и Аристотел.

Атина


1. Аргос, Грција – 5000 п.н.е.

Аргос, кој се наоѓа на источниот дел од Пелопонез, населен е најмалку 7000 години. Бил значаен центар во Микенскиот период, а најсилен бил во периодот на владеењето на тиранинот Фејдон во 7 век п.н.е. Во Илијадата е познат по добрите коњи, а сочувани се бројни споменици од античкото време.     

Аргос
 
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура