X
 10.12.2017 Живот

Мал тест за безбедност за родителите и децата

Училишната година одамна почна и не би било лошо родителите да проверат дали децата ги знаат основните правила за безбедност. За да бидете сигурни дека вашите деца ќе се заштитат од потенцијална опасност, можете да спроведете тест со овие прашања. Самите нека кажат што би направиле, а потоа заедно седнете и поминете го секој одговор.


Прашање:

Што ќе направиш ако си сам/а дома, а некој се обидува да ја отвори вратата?

Одговор:

Ако некој се обидува да влезе кога детето е само, тоа прво треба да ве повика вас, па потоа полиција, бидејќи разговорот со полицијата може да се одолжи, а за тоа време родителите можат да ги повикаат соседите и да ги предупредат за опасноста.

Прашање:

Смееш ли да земеш колаче од лице што не го познаваш?

Одговор:

Земање храна, играчки или што било друго од непознати луѓе е строго забрането. Научете ги децата дека понекогаш можат да прифатат чоколадо од бабичката од соседството, но не од непознати деца.

Прашање:

Што ќе направиш ако некој приклучок дома почне да чади, а мама и тато не се дома?

Одговор:

Ако постои опасност од пожар, детето треба брзо да излезе и да повика пожарникари. Би требало да се обрати и кај соседите за помош. Строго е забрането децата сами да се обидуваат да го изгаснат пожарот.

Прашање:

Непозната личност ја бара твојата помош. Треба ли да помогнеш?

Одговор:

Ако некој на улица бара помош од вашето дете, тоа треба јасно да одбие и брзо да замине. Доколку на тоа лице навистина му требала помош, би му се обратило на возрасен човек.

Прашање:

Што ќе направиш ако те нападне група од кучиња?

Одговор:

Најважно е детето да остане мирно и да не ги провоцира кучињата за напад. Не смее да ги гледа в очи, но може да им го одвлече вниманието со капа, чадор или тетратка која внимателно ќе ја фрли настрана, па полека ќе почне да се оддалечува од групата кучиња без да се врти назад.

Прашање:

Пред малку си запознал/а врсник/чка. Ако те повика дома, ќе одиш?

Одговор:

Научете ги децата да не ги посетуваат луѓето што слабо ги познаваат, дури и ако странец им се претстави како семеен пријател. Тоа се однесува и на непознати деца. Детето секогаш може да го одбие повикот со изговор дека мајката или таткото го гледа.

Прашање:

Што ќе направиш ако почувствуваш мирис на плин во куќата?

Одговор:

Детето треба веднаш да излезе од дома, да оди кај соседите и да повика пожарникари.

Прашање:

Ако чекаш лифт и наиде некој што не го познаваш, смееш ли да влезеш во лифт со него?

Одговор:

Опасно е децата да влегуваат во лифт со странци. Научете ги да одбијат ако непознати лица се обидуваат да ги убедат да влезат со нив во лифтот. Можат да кажат дека ги чекаат родителите, кои само што не стигнале.

Прашање:

Што ќе направиш ако забележиш дека некој те набљудува?

Одговор:

Детето треба да влезе во супермаркет, фризерски салон или друго место каде што има многу луѓе и оттаму да ги повика родителите.

Прашање:

Ако сте сами дома, кому смеете да му отворите врата?

Одговор:

Не отворајте им врата на непознати лица – ова е правило кое важи за децата низ цел свет. Детето треба добро да го сфати тоа.

Прашање:

Што ќе направиш ако странец те зграби и не сака да те пушти?

Одговор:

Детето мора да им го привлече вниманието на другите луѓе така што ќе вика и ќе се бори.

Прашање:

Што ќе направиш ако се најдеш опкружен/а со непознати луѓе?

Одговор:

Научете го детето да остане мирно кога се наоѓа во толпа. Мора постепено да се движи кон работ од масата луѓе, а не спротивно на неа.

Прашање:

Што ќе направиш ако си на улица за време на бура?

Одговор:

Мора да најде сигурно засолниште – блиска продавница, ниско дрво во паркот. Нека не се движи близу метални конструкции, базени со вода, високи дрвја или автомобили.

Прашање:

Што ќе направиш ако некој преку интернет ти се заканува тебе или твоето семејство?

Одговор:

Нека не подлегнува на провокации и закани. Тоа веднаш треба да им каже на родителите или да пријави на телефонска линија за помош.

Прашање:

Твоите пријатели те викаат со нив да играш на заледена река. Ќе прифатиш?

Одговор:

Детето мора да знае дека е забрането да се лизга на заледена река. Тоа може да го прави само на уредни подрачја и под надзор на возрасни.

Прашање:

Смееш ли да земаш лекови од приборот за прва помош кога родителите не се дома?

Одговор:

Информирајте го детето за опасностите од лековите. Дури и да се сигурни за кој лек се работи, забранете му да го користи кога вие не сте дома. Нека ве повика вас или некои роднини ако не се чувствува добро.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот