X
 11.12.2017 Забава

„Дарк“ - серија преполна со отуѓеност и меланхолија

Сервисот за стриминг „Нетфликс“ одлучил да ја оствари интернационалната соработка со режисерите за да креира разновидна и креативна содржина. Швајцарскиот режисер Баран Бо Одар ѝ понудил на публиката необична комбинација од повеќе жанрови преку германската серија „Дарк“.

фото извор: Netflix

Во оваа серија, со вештата рака на режисерот и сценариото, направен е мрачен ритам кој кај гледачите предизвикува напнатост во текот на сите 10 епизоди. На моменти е тешко да се гледа оваа серија, но не поради бруталните сцени, туку поради пасивно-агресивната тензија што се шири низ целата приказна.

Дејствието се одвива во мал германски индустриски град во кој жителите живеат мирен живот. Немир во домовите внесува исчезнувањето на еден тинејџер, бидејќи неговиот случај ќе ги потсети граѓаните на приказната што се случила пред 33 години – исчезнало момче и никогаш не било пронајдено. Додека во еден агол се развива мистеријата за озлогласената шума, каде што никој не смее да се приближи, во друг агол се следи животот на полицаецот Улрих Мислен и на неговото тричлено семејство, но и љубовницата чиј сопруг извршил самоубиство.

Серијата е исполнета со сивило, а режисерот ги искористил мрачната атмосфера и генералната несреќа на градот за да ги прикаже психолошките состојби на главните ликови. Речиси и да не постои сцена во која некој од ликовите е среќен или задоволен. Генералната отуѓеност и меланхолија се присутни во секоја пора од серијата.

Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Забава