Претпоставките дека „Ворнер брос“ во соработка со „Толкин истејт“ ќе ја снима ТВ-серијата „
Господарот на прстените“ сега ја потврдуваат од „Амазон“ – серијата навистина ќе се снима. Тие ги откупиле правата за најпознатото дело на Џ.Р.Р Толкин и ќе направат серија во неколку сезони.
„Амазон“ ќе ја снима серијата во сопствена продукција. Деталите околу тоа сè уште не се познати, но она што се шпекулира е дека се очекува оваа серија сериозно да го надмине успехот на „Игра на троновите“.
Уште со самата најава се отворија прашања за смислата да се снима серија на истата тема што многу темелно и успешно ја обработи Питер Џексон со своите трилогии „Господарот на прстените“ и „Хобит“. Но, од „Амазон“ тврдат дека нивната серија ќе биде своевидно ретропродолжение (
prequel), односно ќе се концентрира на случувањата што им претходеле на дејствата од посочените две трилогии. Во својата нова верзија тие сметаат и на некои нови ликови кои досега не биле прикажани во одличните филмови на Џексон.
Три најсилни ТВ-студија биле заинтересирани за правата за снимање серија според делата на Толкин – Ејч-би-о, „Нетфликс“ и „Амазон“. Ејч-би-о веќе се откажале од таа идеја поради енормните трошоци што ги побарува ваква серија, за на крај „Амазон“ да се избори за правата за снимање со оглед на тоа што е подготвен да ја создаде најскапата и најгледаната фантастична серија на светот.
За какви трошоци станува збор, покажува и фактот дека само за откуп на правата за делата на Толкин морале да искешираат помеѓу 200 и 250 милиони долари. По овој износ следуваат трошоците за снимањето. Кога ќе се земат предвид претпродукцијата, изборот и хонорарите за актерите, пронаоѓањето локации, трошоците за нужна ЦГИ обработка, овие трошоци може да стигнат и до 150 милиони долари, и со тоа би можеле да ја направат „Господарот на прстените“ најскапа ТВ-серија во историјата.