X
 18.12.2017 Култура

Како нацистите ја искористиле филозофијата на Ниче?

nice

Ако постои филозоф што фашистите го сакале, тогаш тоа бил Ниче. Хитлер толку многу го сакал, што за роденден на Мусолини му ги подарил сите дела од Ниче. Идеалите на Ниче за антиегалитаризмот, суперчовекот и волјата за моќ ги инспирирале нацистите да дејствуваат, што резултирало со милиони жртви. Тие ги обожавале неговите идеи и го сметале за пророк на нивната идеологија.

Зошто? Затоа што не ја разбирале неговата филозофија, односно погрешно ја толкувале и намерно ја менувале.

Филозофијата на Ниче намерно била создадена да биде тешка за читање. Во неговите критики за „Моралот на господарите и моралот на робовите“ тој им дава заслуга на Евреите, што одвреме-навреме изгледа како антисемитска проповед. Но во реалноста тој ги сметал Евреите за моќен народ со добра култура; неговите напади биле насочени кон нивните идеи, а не кон луѓето. Неговата идеја за суперчовек не била расен концепт, туку духовен.

Тој тврдел дека Германците се одличен народ поради „полската крв што тече низ нивните вени“ и сметал дека германскиот национализам бил опасна шега. Неколку пати, поради несогласување поврзано со антисемитизмот, тој им ставил крај на врските со блиски пријатели, вклучувајќи ги и својата сестра и композиторот Ричард Вагнер. Откако полудел, тој пишувал писма во кои ги повикувал големите сили на Европа да ја нападнат Германија пред да биде доцна.

Тогаш, како станал нацистички филозоф?

Како Ниче бил киднапиран е интересна приказна и навистина моќно предупредување. Приказната започнува со неговата сестра Елизабет Ферстер-Ниче. Таа била прилично неинтелигентна жена, па од филозофот Рудолф Стинер побарала да ѝ помогне да ја разбере филозофијата на својот брат откако Ниче се откажал да ја научи по неколкуте мачни обиди да ја едуцира. Ниче ѝ рекол дека ѝ недостига секакво чувство на обично, па дури и сурово, логичко размислување; нејзиното размислување го сметал за ништовно со најмала логична конзистентност, немајќи чувство за објективност. Нејзиниот сопруг бил славен антисемит, кој Фридрих не можел да го поднесе.

Таа го презела имотот на својот брат откако тој полудел. Со тоа, таа можела селективно да ги уредува новите верзии на неговите дела и да ја создаде целата книга „Волја за моќ“ со помош на неговите неискористени белешки, на начин што ги потенцира битките што се вклопуваат во нејзината политичка идеологија. Таа со години не дозволувала да се објави книгата „Ecce Homo: Како човекот станува она што е“ затоа што би ја попречила во нејзините обиди да го намести Ниче. Таа развила извонредна способност да ги помни сите разговори со нејзиниот брат во кои тој ја поддржувал нејзината идеологија.

Таа дури и се запознала со Хитлер на почетокот на 30-тите години, кога тој бил во посета на музејот за Ниче што таа го водела. Хитлер присуствувал и на погребот на Ниче во 1935 година.

Како нацистите го искористиле Ниче?

Исто како што американските политичари сакаат да се повикаат на идеите на мртвите американски херои, како Вашингтон и Џеферсон, така и нацистите се повикувале на големите Германци кога се обидувале да го оправдаат нивниот режим. Ниче, со измените што ги претрпела неговата филозофија поради промените од неговата сестра, станал главен мислител за нацистите, кои барале начин да ги оправдаат своите верувања со помош на филозофијата.

Германските универзитети го вовеле учењето на Ниче како дел од курсевите за новиот поредок, а референцијата за волјата за моќ прифатена од нацистите била клучен психолошки увид. Според филозофот Алфред Бајумлер, Ниче го предвидел подемот на Хитлер и фашизмот во Германија.

По војната, искривувањето на неговите идеи за да одговараат со идеологиите на неговата сестра, а подоцна и поврзаноста со нацистите, било коригирано во голем дел подари делата на еврејско-американскиот филозоф Волтер Кауфман, така што може да се каже дека било разоткриено мислењето дека Ниче бил протофашист.

Сепак, Ниче имал доста шокантни ставови за жените; гледајќи ги идеалните жени како малку повеќе од лојални за потенцијалниот суперчовек. Ова била точка што фашистите ја искористиле. Слично на тоа, Ниче ги отфрлил егалитаризмот и демократијата и повремено се впуштал во реторика како „да ги јадеме сиромашните“. Не бил светец, но не бил ниту нацист. Ако читањето на Ниче не ве шокира, тогаш нешто не е во ред.

Филозофијата на Ниче лесно може да се разбере погрешно и речиси е лесно намерно да се толкува погрешно. Дури и денес, екстремната десница сѐ уште користи погрешно толкувани делови за да ја оправда својата политика. Ниче бил антинационалист и ги сметал Евреите за достојни противници, го презирал христијанството и секаков вид масовно движење; потребно е човек лошо да ја протолкува неговата филозофија за да го смета за фашист наместо за индивидуален гениј.

Што значи за нас денес сето тоа?

Речиси секоја филозофија може да биде вака искористена. Не е толку тешко. Секој марксист би тврдел дека барем еден од комунистичките режими на минатиот век ја претворил оваа филозофија на начин на кој би ги промовирал своите себични цели. Утилитаризмот може да се искористи за да се тврди дека секоја акција е за големото добро. Може да се каже дека Библијата се користи за да се оправда речиси сè: ропство, аболиционизам, војна, мир итн.

Она што треба да го запомните од оваа приказна е дека искористувањето на нечија филозофија е прилично лесна работа. Елизабет Форстер Ниче успеала во тоа без да ги разбере вклучените идеи - таа ги имала соодветните законски права и настани што работеле во нејзина полза. Сето тоа се случило и покрај тоа што пријателите на Ниче се спротивставувале, а луѓето што ја предавале неговата филозофија не направиле ништо. Ова може да се случи со секоја школа на мислата, а тоа треба да ве плаши. Затоа, секогаш гледајте да ја откриете целата приказна пред да донесете  каква било одлука, од филозофска гледна точка.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура