X
 25.12.2017 Технологија

Решените проблеми во 2017 година

Велат дека проблемот што се споделува веќе е половина решен. Но, навистина решен проблем е приказна која е вредна да се сподели. Добро е да се признаат пронајдените решенија, па годинава иако светот се соочи со многу проблеми, се постигна успех и во решавање на многу од нив. Ова се неколку од решенијата:


1. Очила за лицата со оштетен вид

Очилата „иСајт“ во себе имаат вградено камера која забележува сè што е во видикот на корисникот. Дизајнирани се првенствено за оние што имаат оштетен вид, а не за оние што воопшто не гледаат. Креирани се со комплицирана технологија која идентификува лица, книги, весници и слично. Нивната цена е 9.995 долари, што е многу, но се поевтини од претходните модели.

2. Вертикални океански фарми

Брен Смит, рибар, во потрага по алтернативни начини за риболов, решил да се обиде со подводно вертикално земјоделство. Во неговиот систем, хоризонтални јажиња на површината се поврзани со кули кои се протегаат од дното на морето до површината, кои поддржуваат алги, школки, риби. Освен морската храна, има и други придобивки. Неговиот систем служи и како заштитник и дом за различни подводни суштества.

3. Хиџаб за муслиманските атлетичари

Спортистите не треба да избираат помеѓу верата и спортот со кој се занимаваат, но муслиманките што носат хиџаб често ги мачи оваа дилема. Досега ФИБА имаше забрана за носење хиџаб во професионалната кошарка, а и кога им е дозволено да носат, спортистите се загрижени дали ќе можат да дадат сè од себе, а стравуваат и од преголема топлина. Годинава „Најк“ разви хиџаб кој ќе им овозможи на спортистите да функционираат нормално, бидејќи ткаенината е прекриена со мали, невидливи дупчиња.

4. Лек за леукемија кај децата

Леукемијата долго време беше смртна пресуда за многумина. Најчесто се појавува кај децата и адолесцентите. Сепак, третманот на болеста се подобрува, па често помага хемотерапијата. Годинава е одобрена нова терапија која ја третира болеста преку користење на сопствените бели крвни зрнца од телото. Одреден вид Т-клетки се отстрануваат, генетички се подобруваат, а потоа се враќаат во крвотокот. Уште е рано, но новиот третман ветува многу.

5. Лифтови што се движат насекаде

Лифтовите функционирале исто со децении – нагоре и надолу. Но, сега се креирани нови мултилифтови кои се очекува да бидат пуштени во употреба во 2021 година, а се базирани на технологија слична како кај брзите возови. Со нив ќе биде можно движење во сите насоки, а ќе се намали времето на чекање.

6. Решен математички проблем стар 44 години

Имате топка и ја покривате со ленти ткаенина додека целата површина не биде покриена. Потоа, ставете ја ширината на лентите заедно и додајте ги сите. Во 1973 година математичарот Лазло Фејес Тот рекол дека колку и да е мала сферата, комбинираната ширина секогаш ќе биде барем π пати од радиусот на сферата. Во септември 2017 година Зилин Јианг од Израелскиот институт за технологија и Александар Полиански од Московскиот институт за физика и технологија пронашле доказ кој го решава проблемот.
Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија