(
Фото: Pixabay)
Низа процени и податоци укажуваат дека овогодишната празнична сезона била успешна за трговците, но анкетите и истражувањата покажуваат дека поголемиот дел од колачот оди кај интернетските
трговски синџири.
Тоа го потврдува и истражувањето што го спроведе најголемото трговско здружение „National Retail Federation (NRF)“. Според неговата анкета, првпат во историјата оваа година најпопуларна дестинација за празнично купување беше интернетот, затоа што барем дел од речиси 59 проценти од американските потрошувачи празничното купување го извршиле токму преку глобалната мрежа. На второ место, со 57 проценти од празничните набавки, се класичните стоковни куќи, а потоа следуваат дисконтите, супермаркетите и други специјализирани продавници.
Во тоа истражување, чии резултати беа објавени на крајот од ноември, NRF предвидуваше пораст на овогодишната празнична потрошувачка во САД за 3,6 до 4 проценти на вкупен износ од околу 680 милијарди долари.
Тоа во просек изнесува 967 долари на потрошувач, а досега објавените бројки ги потврдуваат таквите процени. Малопродажбата во декември била за 6 проценти повисока во споредба со истиот месец минатата година, со тоа што интернет-продажбата пораснала за 10,5 проценти, со што дополнително е потврден трендот на зголемено купување преку интернет.