X
 17.01.2017 Наука

Дали знаете кој е најсилниот материјал на светот?

Поминаа 15 години од откривањето на графенот, ултра-тенкиот лист или плочка од јаглерод, што се смета за најсилен материјал на светот. Иако е многу посилен од челикот, како материјал користен во архитектурата покажа определени недостатоци, но научниците неодамна создадоа нов, подобрен тип.

Преведувањето на дводимензионалниот графен во тридимензионална структура, поточно во градежен материјал, како што се градежните блокови, одеше многу тешко – затоа што графенот, едноставно, „сака“ да остане дводимензионален.

Со помош на компјутерско моделирање, истражувачите дизајнираа нов материјал, моментално без име, налик на сунѓер, што е дури десетпати појак од челикот, а има само пет проценти од неговата густина.
Значи, многу полесен, а сепак многу поиздржлив. Овие две карактеристики дизајнерите и истражувачите ги сметаат за најважни во модерната архитектура.

„Овој материјал можеме да го користиме како замена за многу материјали, како што се челикот и бетонот, кои се користат за градење мостови , на пример“, истакна Џао Чин, еден од истражувачите на МИТ - Институтот за технологија во Масачусетс.

Како настана графенот?

Графенот го открил  Ендру Гејм, професор по физика на Универзитетот во Манчестер, во 2002.

Тој бил заинтересиран да види како се однесуваат микроскопските слоеви на јаглеродот кога се сами. Затоа го истражувал графитот, супстанца што се користи за правење моливи, а се состои од тенко поврзани слоеви на јаглерод.

Гејм успеал со помош на селотејп да ги раздели слоевите, за на крај да му остане само еден многу танок слој, графен, првиот дводимензионален материјал со дебелина од еден атом. Под микроскоп, графенот изгледа како рамна решетка во облик на саќе.

Графенот, освен што е многу силен материјал, се витка како гума и може да спроведува струја илјадапати повеќе од бакарот. Тој е речиси целосно провиден, но истовремено и толку многу густ, што ниту најмалите атоми од гас не можат да поминат низ него. Тој е голем кристал, што е многу силен – стопати посилен од челикот, а може да се растегнува до 20%.

Заради ваквите својства го нарекле „чудесниот материјал“. Истражувачите од МИТ користеле компјутерски модели за да откријат дали е возможно дводимензионалниот материјал да се претвори во тридимензионален.

Бидејќи практично е провиден и е добар проводник, графенот е добар и за изработка на провидни екрани чувствителни на допир, светлосни панели и соларни ќелии. Графенот засега е многу скап и тежок за производство.


Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука