Ги советувам младите многу да работат и да не го губат времето како што сега го губат. Јас успевав во животот поради две работи. Прво знаев многу јазици (осум) и времето совршено го користев, а тоа ми послужи како основа за градење на мојата кариера, вели академик Филиповски
Академик Ѓорѓи Филиповски, единствениот жив од тројцата основачи на МАНУ, кој на 6 мај годинава наполни 100 години, по вокација агроном, важи и за основоположник на современите педолошки истражувања во земјава. Неговите најзначајни активности од наставно-научната и општествена дејност претставуваат и сведоштво за почетоците во формирањето на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Земјоделско-шумарскиот факултет. Го најдовме во Охрид, каде што се одмора со пешачење, читање, слушање музика... Разговаравме за значењето на земјоделството кај нас, земјоделските науки, за статусот на земјоделските инженери – агрономите. Академикот им порача на младите многу работа, учење и да не го губат времето.
Академик Филиповски и академиците Блаже Конески и Харалампие Поленаковиќ биле тројцата члена на првата комисија задолжена за формирање на МАНУ, основана на 23 февруари 1967. Објавил над 200 научни трудови и 19 монографии во наши и странски списанија. Две монографии му се преведени на англиски јазик во САД. Трудовите му се од повеќе области на педологијата (наука за почвите), областа на географијата, генезата и класификацијата на почвите, како и од областа на мелиорациите и ерозијата на почвите. Негово капитално дело е „Почвите на Република Македонија“ во 6 тома во издание на МАНУ. Во 2016 е промовирана напишаната студија од 250 страници во која се објавени резултатите од седумдецениските истражувања на почвите на Република Македонија заедно со Педолошка карта. Како експерт на ФАО бил во повеќе земји на Југоисточна Европа во врска со составувањето педолошки карти, a како експерт на нашата земја престојувал во Египет во врска со користењето на водите од Асуанската брана за мелиорација на солените почви. Бил на специјализација, студиски престој или присуствувал на меѓународни и национални конгреси и држел предавања и реферати во повеќе земји.
Вреди ли да се вложува во знаење за да се заврши Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ)?
- Се разбира дека вреди. Јас сум еден од тие што го завршија тој факултет затоа што земјоделството има перспектива. Тоа е една од гранките што треба силно да се развиваат. Сега земјоделството е силно субвенционирано за напредок и јас се надевам дека во иднина далеку повеќе ќе произведуваме, и за нас и за извоз. Светот и цивилизацијата се соочуваат со егзистенцијални прашања за опстанок. Неопходен е стручен кадар кој ќе се справува со овие предизвици.
Се нарекуваме земјоделска земја, а нашите дипломирани агрономи се попознати и поуспешни во странство. Зошто е така?
- Бевме земјоделска земја кога јас бев студент затоа што земјоделството претставуваше 80 % од националниот доход, но и денес земјоделското производство има прилично големо учество во националниот доход со околу 20 %. Како држава можеме да произведуваме далеку повеќе од она што го произведуваме сега, ако ги користиме капацитетите што ни стојат на располагање. Тоа апсолутно ни е потребно зашто нема напредок ако не го унапредиме земјоделството. Треба да обезбедиме квалитетна и безбедна храна и треба да обезбедиме девизни средства за внесување други работи што ни се потребни. Јас не знам колку дипломирани агрономи имаме, а колку ни требаат, но штом факултетот се труди да има повеќе студенти, верувам во тоа дека ни требаат многу повеќе отколку што имаме. Факултетот има капацитет и ресурси да продуцира висококвалитетен стручен кадар кој може да придонесе за развој на земјоделско-прехранбениот сектор во државата.
Како да се одржува квалитетот во оваа професија? Како Вие би дејствувале?
- Пред сè и најважно е младите да го сфатат значењето на оваа уникатна професија. Велам уникатна затоа што целокупното познавање на земјоделските култури, начинот на нивното производство, нивната заштита, преработката и добивањето финални производи кои значат живот за сите нас, претставуваат нешто што може да се спореди само со формирањето живот. Со еден збор - одговорна професија. Затоа треба уште повеќе да се инвестира во практичната настава, затоа што без силна пракса агрономите што ќе завршат нема да можат успешно да работат. Само преку практични искуства и позитивни примери младите стекнуваат самодоверба и желба за напредување. Секако, како да се зголеми интересот на младиот човек за избор на овој факултет, не зависи само од Факултетот за земјоделски науки и храна, туку во голема мера зависи и од односот кој го зазема општеството кон земјоделството и кон студентите. Зависи од тоа какво значење на фармерот ќе му даде општеството. Особено е значајно државата да инвестира многу повеќе средства од сегашните во овие науки, кои се значајни за државата, а особено во обезбедување услови студентите да бидат во тек со модерните текови. Со субвенциите што ги издвојува државата за овој сектор во последните неколку години ми се чини ќе се создаде интерес кај студентите, а слушам дека во последниве години и стопанството пројавува интерес да стипендира ваков кадар, кој е неопходен. Сепак, мислам дека интересот треба да се создава уште од најрана возраст.
Инаку, генерално, нивото на високото образование во државата е опаднато, има дегенерација на моралните вредности и тоа треба да се промени. Кога јас бев на факултет, беше сосема друго. Тогаш немаше проблеми, на пример: да нема средства за научна работа, за млад научен кадар. Тоа за мене е неразбирливо. Тоа е недопустливо и мора да се промени. Неопходно е државата да обезбеди средства за наука и истражувања.
Дипломата за инженер-агроном е меѓународно признаена...
- Дипломата за инженер-агроном мене ми ги отвораше вратите секаде во светот, што може да се види и од мојата биографија, а што доволно говори колкаво е значењето на овие науки во светски рамки. И многу други мои студенти, наши колеги што дипломирале на факултетот, денес можат да се сретнат во познати и признати институции во Европа и светот. Затоа, младите што се заинтересирани за природни науки најдобро е да се запишат на нашиот факултет, зашто ова е професија на иднината. Дипломата што ја стекнувате е признаена диплома. Во првите две години се изучуваат фундаментални науки, а потоа во наредните две се учат стручните предмети.
Дали доколку сега треба да одберете што ќе студирате, повторно би одбрале земјоделски науки?
- Кога бев ученик, имав голем интерес за природните науки. Природните науки отсекогаш биле област на мојот интерес. Мојата љубов кон природата ме донесе на овој факултет и ми ги отвори вратите и многу подалеку. Завршив во 1942 година и да треба да одбирам, пак истото би го студирал. Морам да нагласам дека јас не потекнувам од селско семејство, туку од центарот на Битола. Сега би постапил апсолутно исто.
Зошто земјоделството е толку значајно?
- Здравјето зависи од медицината, а да не заборавиме дека животот зависи од храната.
Производството на храна по глава на жител во светот е многу нерамномерно распределено и постојат големи разлики во снабдувањето со храна, односно во количината и квалитетот на исхраната. Соочени сме со зголемени егзистенцијални проблеми во глобални размери, како што е светскиот глад, и покрај големото производство на храна. Затоа, мора да се насочиме кон враќање на луѓето на природниот начин на живот.
За што размислувате покрај Охридското Езеро?
- Јас имам 100 години. Мојата кариера е завршена. Мојот интерес е да продолжи животот што подолго. Читам, слушам музика. Основното ми е да читам 3-4 саати на ден заради менталните способности. Гледам документарни филмови на телевизија, а еднаш дневно гледам вести. Инаку, слушам класична музика, а сега популарна класика, сте слушнале за Андре Риу. Користам компјутер и таблет, ама не и смарт-телефон зашто гледам дека луѓето стануваат зависници од него.
Што ќе им порачате на младите, кои совети би им ги дале?
- Прво и најважно е да работат. Без труд нема успех. Владее мислење „со малку работа - многу пари“, а тоа во капитализмот е невозможно. Плус ги советувам да приберат многу знаење, колку повеќе - толку повеќе пари. За тоа ќе им помогне и изборот на идната професија, а да се биде инженер-агроном воопшто не е мала работа. Само вреден, трудољубив, посветен човек може да биде земјоделски инженер, затоа што таквите луѓе не го губат времето. Природата не остава простор за утре. Времето што ќе го изгубите утре нема да можете да го надоместите. Јас во животот успевав поради две работи. Прво знаев многу јазици (осум) и времето совршено го користев, а тоа ми послужи како основа за градење на кариерата и да го живеам животот со природата.
Фото: ФЗНХ