„Децата се по природа креативни. Наша задача е да им дадеме слобода, материјали и простор за да им овозможиме таа креативност да го постигне својот целосен потенцијал“
Креативноста и имагинацијата не познаваат граници. Не познаваат ниту возраст. Можеби сме навикнати да читаме и да слушаме за големи изуми создадени од возрасни научници и луѓе кои со децении работеле во полето на истражувањето, но многумина од нас би биле навистина изненадени кога би слушнале за големите изуми измислени од младите умови – децата.
Денес, 17 јануари, е токму нивниот ден – Меѓународниот ден на децата иноватори.
Со цел да ги охрабриме и да ги поттикнеме креативноста и интересот на децата кон науката, споделуваме листа со 5. најпознати деца иноватори и откриваме кои сѐ иновации се измислени од малите, а големи умови – оние на децата.
Петте најпознати деца иноватори!
Истражувањата покажуваат дека мозокот на децата од претшколската возраст е најкреативен и најимагинативен. Со вистинска поддршка, охрабрување и насочување да работат на своите замисли, децата можат да постигнат големи резултати на секое поле. Дури и на полето на иновации.
За тоа сведочат многубројните примери на деца иноватори. Од пераи за полесно пливање во вода, преку топлинки за уши, до Брајовата азбука, листата со иновации создадени од деца е долга.
1. Бенџамин Френклин
Датумот на раѓање на големиот Бенџамин Френклин не случајно е датумот кога се слави Меѓународниот ден на децата иноватори – 17 јануари. Иако светот повеќе го слави Френклин за неговите подоцнежни остварувања – потписник на Декларацијата за независност на Америка; Френклин се смета за првото дете иноватор за кое знае светот денес.
Од повеќе иновации што ги создал, најпознат е по неговата прва иновација – пераите, кои ги смислил на само 11 години, некаде во далечната 1718 година. Тој, исто така, е заслужен и за бифокалните очила, флексибилниот катетер, како и за понапредната печка за топлење, уште позната како Печката на Френклин.
2. Луј Брај
Луј Брај на тригодишна возраст го повредил своето око во работилницата на татко му и од инфекцијата која се проширила и на другото око, за жал, го изгубил видот. Во училиште Брај учел на релјефни букви на допир. Наскоро се запознал со шифрарник, метод на тивка комуникација кој се користел во војската. Тоа му дало инспирација да измисли поедноставно писмо за читање и пишување за слепите лица.
Патентирано во 1924 година, Брајовото писмо им помага на лицата со оштетен вид да можат полесно да читаат, учат и да пишуваат.
3. Хана Хербст
Со современите технологии и знаења напредуваат и изумите што доаѓаат од децата. Современик дете иноватор е секако Хана Хербст, која на 13-годишна возраст, на летниот камп за инженери, дошла до идеја брановите од океаните и нивната енергија да ги користи како извор на енергија.
Денес нејзиниот проект е познат по името БЕАКОН, а во 2016 година таа доби признание од тогашниот американски претседател Барак Обама.
4. Шубам Банерџи
Не секоја иновација значи смислување нешто ново. Некогаш големината на иновацијата е само унапредување на веќе постоен изум. Најдобар пример за тоа е Шубам Банерџи, кој на 12-годишна возраст сфатил дека печатачот за Брајовата азбука е премногу скап. Затоа тој реши да направи поевтина верзија и со тоа да го направи достапен до пошироката јавност што има потреба од него.
5. Рија Каруманчи
Колкумина од нас секојдневно сретнуваат повозрасни граѓани кои користат бастун како средство за поддршка при тешкотии во одењето или, пак, поради нарушен вид? Но, само Рија доаѓа до идејата да направи паметен бастун кој ќе им го олесни движењето на луѓето со тешкотии.
На само 14 години таа доаѓа до идејата на речиси стогодишниот бастун, измислен во 1921 година, кој дотогаш го менувал само изгледот, да му даде нова суштина. Со помош на напредната технологија – вградување камери и ГПС-систем, таа им го олеснува одењето со бастун на сите оние што имаат тешкотии со видот на тој начин што преку неговиот систем бастунот им ја опишува околината на своите корисници.
Еве уште неколку изуми креирани од деца!
1. Трамбулина – од 16-годишниот Џорџ Нисен
2. Топлинки за уши – изум на 15-годишната Честер Гринвуд
3. Божиќните светилки – од 15-годишниот Алберт Садака
4. Играчка камион – од 6-годишниот Роберт Пач
5. Човекот од челик: Супермен – замислен од 17-годишните Џери Сигел и Џои Шустер
6. Сладолед (popsicle) – 11-годишниот Франк Еперсон
7. Скии на вода – 18-годишен Ралф Самуелсон