X
 11.02.2019 Живот

Жените што имаат 4 или повеќе деца ќе бидат ослободени од плаќање данок во Унгарија

Унгарската влада во голема мера ја зголемува финансиската помош за семејствата што имаат неколку деца, изјави премиерот.

Мерките објавени од Виктор Орбан при неговиот говор кон нацијата имаат цел да ги охрабрат жените да имаат повеќе деца и со тоа да се намали падот на населението во Унгарија.

Придобивките вклучуваат ослободување од данок на личен доход за жените што раѓаат и одгледуваат најмалку четири деца; субвенција од 8.825 долари за купување возило со седум седишта за семејство со три или повеќе деца и заем со ниски каматни стапки од 35.300 долари за жени под 40-години кои првпат стапуваат во брак.

orban
Фото: АP


Орбан, чија „нула толеранција“ за имиграцијата беше главна тема во изминатите четири години и доби трет последователен мандат во април, изјави дека иницијативата има цел да обезбеди опстанок на унгарската нација.

- Ова е одговор на Унгарците, а не на имиграцијата - рече Орбан.

Исто така, премиерот наброи некои од економските достигнувања на неговата влада, како што е ниската стапка на невработеност, и вети дека ќе се бори против сиромаштијата. Потоа тој го сврти вниманието на изборите во Европскиот парламент во мај, повторувајќи го своето обвинение дека лидерството на ЕУ сака да го наполни континентот со имигранти, од кои повеќето се муслимани.

- Мораме да сфатиме дека европските народи се наоѓаат на историска крстосница. Оние што одлучуваат во корист на имиграцијата и имигрантите, без оглед на тоа зошто одлучуваат така, всушност создаваат земја со мешано население - изјави тој.

Левото крило на Европа, според Орбан, станало гробар за нациите, семејството и христијанскиот начин на живот.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот