X
 17.01.2023 Култура

Ова се најпродаваните книги на сите времиња

Порано книгите биле најважен и најчесто користен извор на информации, едукација, но и забава.

Иако живееме во доба на интернет, дигитализација и телевизија, книгите и понатаму остануваат многу популарни, со милионски продажби секоја недела.

Во продолжение се 15. најпродавани книги на сите времиња.

Треба да се напомене дека некои верски и политички книги, како што се Библијата, Куранот и Цитатите на претседателот Мао, имаат повеќе од милијарда примероци. Но, речиси е невозможно да се следи продажбата на овие книги бидејќи голем дел од нив ги подарува црквата или владата.

Покрај тоа, овие книги често биле печатени од многу издавачи низ вековите, а голем број од нив не биле пријавени. Затоа овие книги не се дел од листата, но сите можеме да се согласиме дека се меѓу најпродаваните книги на сите времиња.

Вака изгледа листата со топ-15 најпродавани книги на сите времиња.

1. „Дон Кихот“ - Мигел де Сервантес


Продадени копии:
500 милиони

Шпанскиот роман на Мигел де Сервантес првпат бил објавен во два дела, во 1605 и 1615 година и се смета за највлијателното книжевно дело од шпанската ера и литературниот канон.

Се нарекува и „првиот модерен роман“ и според многумина е најдоброто книжевно дело некогаш напишано. До 20 век романот се сметал за темел на модерната литература.

Со 500 милиони продадени примероци низ светот, „Дон Кихот“ е најпродаваната книга на сите времиња.

2. „Приказна за два града“ - Чарлс Дикенс

Продадени копии:
200 милиони

Дејството во овој роман од Чарлс Дикенс е сместено во 1859 година во Лондон и Париз, пред и за време на Француската револуција.

Книгата раскажува за 18-годишното отслужување затворска казна на францускиот лекар Манет во затворот во Париз и неговото конечно ослободување да живее во Лондон со неговата ќерка Луси.

Многу луѓе веруваат дека ова е најпознатото историско дело на Дикенс, а продадено е во неверојатни 200 милиони примероци низ светот.

Во 2003 година книгата беше рангирана на 63. место во една од најпознатите анкети на Би-би-си, а беше инспирација за сценариото на Кристофер Нолан за „Подемот на Темниот витез“.

3. „Господарот на прстените“ - Џ. Р. Р. Толкин

Продадени копии:
150 милиони

„Господарот на прстените“ е роман со висок интензитет напишан од Толкин и е продолжение на неговата прва книга „Хобитот“.

Книгата првично требало да излезе во два тома, но издавачот сметал дека тоа е лоша идеја, па ја издал во три тома во период од една година.

4. „Малиот принц“ - Антоан де Сент Егзипери

Продадени копии:
142 милиони

На четврто место е „Малиот принц“, напишана од францускиот писател Антоан де Сент Егзипери.

Продадена во повеќе од 142 милиони примероци низ светот, книгата првпат била објавена на англиски и на француски во САД во 1943 година.

Приказната следи едно момче кое посетува различни планети во вселената и се занимава со теми како осаменост, љубов, пријателство и загуба.

Книгата стана најуспешното дело на Егзипери и е една од најпродаваните и најпреведуваните книги.

5. „Хари Потер и Каменот на мудроста“ - Џ. К. Роулинг

Продадени копии:
107 милиони

Одличен роман од британската писателка Џ. К. Роулинг, кој е првиот од серијалот „Хари Потер“.

„Блумсбери“ првпат ја објави книгата во Велика Британија на 26 јуни 1997 година, а во Америка беше објавена следната година.

Книгата освои голем број британски и американски книжевни награди и беше на врвот на листата со најпродавана белетристика на „Њујорк тајмс“ во 1999 година, каде што остана до 2000 г. Романот е преведен на 73 јазици.

6. „И на крајот не остана ниту еден“ - Агата Кристи

Продадени копии:
над 100 милиони

Мистериозниот роман напишан од англиската писателка Агата Кристи е убедливо нејзиниот најпопуларен роман, а истовремено и нејзин бестселер.

Книгата првпат била објавена во Обединетото Кралство во 1939 година под друго име, а во 1940 година и во Америка.

7. „Сон во црвениот павилјон“ - Као Ксуекин

Продадени копии:
над 100 милиони

Оваа книга се смета за еден од четирите големи кинески класични романи. Напишан е во средината на 18 век за време на династијата Кинг.

Романот често се нарекува ремек-дело на кинеската литература, а познато е дека е еден од врвовите на кинеската белетристика.

книги
Фото: Freepik

8. „Хобитот“ - Џ. Р. Р. Толкин

Продадени копии:
над 100 милиони

Фантастичен роман за деца, напишан од Џ. Р. Р. Толкин, кој првпат бил објавен на 21 септември 1937 година и набрзо бил номиниран за Карнеги медал и ја добил наградата за најдобра фикција за млади возрасни на „Њујорк хералд трибјун“.

Беа направени серија филмски адаптации кои првпат беа објавени во 2012 година и станаа еден од филмските серијали со најголема заработувачка на сите времиња.

9. „Таа: мистериозната историја на една авантура“ - Х. Рајдер Хагард

Продадени копии:
100 милиони

Книгата била инспирирана од искуствата на Хагард во Јужна Африка и британскиот колонијализам.

Станува збор за приказна која ги следи Хорас Холи и Лео Винси додека нивното патување ги води до пронаоѓање изгубен град во внатрешноста на Африка.

10. „Лавот, вештерката и гардеробата“ - Ц. С. Луис

Продадени копии:
85 милиони

Романот е најпознат како дел од „Хрониките на Нарнија“ и првично бил првата книга во серијалот.

11. „Кодот на Да Винчи“ - Ден Браун

Продадени копии
: 80 милиони

Книгата постигна огромен успех во 2003 година, а истражува алтернативна религиозна историја чија централна точка на заплетот е дека меровиншките кралеви на Франција потекнуваат од крвната лоза на Исус и Марија Магдалена.

Книгата доби главно негативни критики од католичката и од другите христијански заедници.

12. „Мисли и збогати се“ - Наполеон Хил

Продадени копии:
70 милиони

Книгата била напишана во 1937 година, а била промовирана како книга за личен развој и самоподобрување, првпат објавена за време на Големата депресија.

Додека насловот на книгата и голем дел од содржината се за зголемување на приходите, авторот наведува дека неговата филозофија може да им помогне на луѓето да успеат во секаков вид бизнис, да прават и да бидат сè што можат да замислат.

13. „Хари Потер и Полукрвниот принц“ - Џ. К. Роулинг

Продадени копии:
65 милиони

„Хари Потер и Полукрвниот принц“ беше објавен на 16 јули 2005 година и е шести роман од серијалот за Хари Потер.

Во првите 24 часа само во САД беа продадени 6,9 милиони примероци од книгата, со што стана најбрзо продавана книга во историјата.

Приказната се одвива за време на шестата година на Хари во Хогвортс.

14. „Ловец во жито“ - Џером Дејвид Селинџер

Продадени копии
: 65 милиони

Иако е објавена во 1951 година, книгата сè уште предизвикува многу контроверзии, особено во САД, каде што беше 13. по ред најбавна книга во 90-тите, според Американската библиотечна асоцијација.

Според теориите на некои екстремни луѓе, книгата е всушност алатка за контрола на умот на ФБИ или ЦИА.

15. „Алхемичарот“ - Пауло Коелјо

Продадени копии
: 65 милиони

Приказна која плени со својата едноставност и инспирира со својата мудрост, а го следи младиот андалузиски овчар Сантијаго, кој ја напушта родната Шпанија за да најде скриено богатство закопано под пирамидите.

Првично напишана на португалски, стана меѓународен бестселер.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура