X
 15.05.2020 Култура

Празен аеродром во Литванија претворен во отворено кино

Товарен авион полета од аеродромот во Вилнус, главниот град на Литванија, додека само неколку стотици метри подалеку луѓето гледале филм од нивните автомобили во импровизирано кино на отворено на самиот аеродром.

Околу 160 возила, под строги инструкции да ги држат прозорците затворени за да спречат ширење на вирусот, уживале во можноста да го гледаат филмот „Паразит“, кој неодамна освои „Оскар“ за најдобар филм.

Минатата година меѓународниот аеродром во Вилнус имал 3,8 милиони патници, но сите закажани патнички летови беа запрени пред еден месец откако и Литванија се соочи со пандемијата на коронавирусот.

Рестораните, концертните сали и кината остануваат затворени, а владата ги советува Литванците да останат во своите домови. Ако излегуваат, луѓето мора да носат маски и не смеат да бидат во група поголема од двајца, доколку се мешаат со луѓе што не се членови од семејството.

Но, владата оваа недела дозволи работа на кафулињата на отворено, како и одржување на некои настани, како што е кино на отворено, бидејќи стапката на зараза се намалува.

kino
Фото: Screenshot/MSN

- Прикажување филмови на аеродромот отсекогаш беше мој сон, и сега ја добивме можноста. Аеродромот инаку е многу зафатен при нормални услови - вели Алгирдас Рамаска, организатор на киното кое трае веќе четири недели.

- Повратната информација беше неверојатна, бевме веднаш распродадени - додава тој.

Годишниот меѓународен филмски фестивал во Вилнус, кој требаше да се одржи во март, беше откажан токму поради вирусот, а Рамаска се надева дека ќе ги расположи филмските фанови со прикажувањето филмови на аеродромот.

- Станува збор за неверојатно искуство. Никогаш не сум бил на аеродром во мојот автомобил, само во авион - вели 34-годишниот Игл Рибацијаскаит.

За време на филмот, луѓето се советуваа да останат во нивните автомобили и да излезат надвор од аеродромот доколку им е потребна пауза за тоалет.

Дел од аеродромот морал да биде редизајниран бидејќи возењето на аеродромот обично бара посебна возачка дозвола. Патиштата за движење на авионите биле прецртани за да се избегне слетување на карго-авионите на место каде што е поставено киното.

Извор: Traveller.com.au
Фото: Screenshot/MSN
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура