X
 17.04.2022 Наука

Не влегувајте со чевли дома, советуваат научниците

Веројатно ги чистите чевлите ако згазнете во кал или нешто валкано. Но, кога ќе се вратите дома, дали секогаш ги собувате чевлите пред да влезете?

Еколошки хемичари кои поминале една деценија испитувајќи ја внатрешната средина и загадувачите на кои се изложени луѓето во нивните домови советуваат дека е најдобро да ја оставите нечистотијата пред врата.

Луѓето поминуваат до 90 отсто од своето време во затворени простории, така што прашањето дали да носат чевли во домот не е тривијално.

Некои од микроорганизмите присутни на чевлите и на подот се патогени отпорни на лекови, вклучувајќи ги инфективните агенси (микроби) кои тешко се третираат. Додајте ги токсините од остатоците од асфалтните патишта и хемикалиите за тревата кои предизвикуваат рак и го нарушуваат ендокриниот систем, па нечистотијата на вашите чевли ќе ја гледате со други очи.

чевли
Фото: Freepik

Овие загадувачи се без мирис и боја. Значи, не постои начин да се знае дали опасностите од изложеност на олово се само во вашата почва или вашите водоводни цевки или тие, исто така, се наоѓаат на подот од вашата дневна соба. Науката сугерира многу силна врска помеѓу оловото во вашиот дома и она во почвата во вашиот двор.

Статија од „Вол стрит журнал“ тврди дека влегувањето со чевли во домот не е толку страшно. Авторот истакнува дека ешерихија коли (опасна бактерија која се развива во цревата на многу цицачи, вклучително и луѓето) е толку распространета што речиси ја има насекаде. Затоа, не треба да биде изненадување што ја има на чевлите.

Но, да бидеме јасни. Доколку сме изложени на високи нивоа на оваа бактерија, постои потенцијал да се разболиме.

Зошто да шетате низ дома со чевли кога постои едноставна алтернатива: да ги собуете чевлите пред врата? Оставањето на чевлите пред влезната врата ги остава и потенцијалните штетни патогени таму. Сите знаеме дека превенцијата е подобра од лекувањето, а соблекувањето на чевлите на врата е основна и лесна превентивна активност.

Останува прашањето за „синдромот на стерилна куќа“ кој се однесува на зголемените стапки на алергии кај децата. Некои тврдат дека алергиите се поврзани со премногу стерилни домаќинства. Да, некои бактерии се корисни затоа што помагаат да се развие вашиот имунолошки систем и да се намали ризикот од алергија. Но постојат подобри и помалку лоши начини за да го направите тоа отколку да шетате дома со валкани чевли. Излезете надвор, одете на планинарење, уживајте на отворено.

Автор: Марк Патрик Тејлор
Извор: CNN
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука