Наречен во чест на познатиот физичар Енрико Ферми кој прв го изнел, парадоксот се однесува на неусогласеноста помеѓу очекуваната веројатност за постоење многубројни форми на интелигентен живот во вселената и недостигот на докази за постоење вонземна интелигенција.
По неколку децении откако Ферми првпат го поставил прашањето што произлегува од овој парадокс („Каде се сите?“), научниците се обиделе да дадат објаснување.
Истражувањето со наслов „Решение на парадоксот на Ферми“, потпишано од страна на тројца научници од Институтот за иднината на човештвото при Универзитетот „Оксфорд“, Андерс Сандберг, Ерик Дрекслер и Тод Ред, предлага нов модел кој предвидува мали шанси за пронаоѓање интелигентни суштества во галаксијата Млечен Пат.
Фото: Thinkstock
Станува збор за своевидно решение на Парадоксот на Ферми, кој произлегува од конфликтот на равенката на Дрејк, која предвидува универзум полн со напреден живот, од една страна, и сомнителната слика што ја гледаме во реалноста - вселена без интелигентни суштества, освен луѓето, од друга страна.
Истражувачите истакнуваат дека при испитувањето на равенката на Дрејк (која дава процена за бројот на цивилизации во нашата галаксија, способни и подготвени да комуницираат со луѓето), користеле разни познати параметри, како и модели на хемиска и генска транзиција важна за создавање живот.
Добиле целосно поинаков модел, според кој шансите да сме сами во нашата галаксија се 99,6 отсто, а дека сме сами во дел од универзумот што можеме да го видиме до 85 отсто.
Кога моделот се оптимизира како презентација на реален распоред на веројатноста, може да се заклучи дека е голема веројатноста да не постои интелигентен живот во универзумот што можеме да го набљудуваме, и според тоа не треба да бидеме зачудени тоа што досега не сме детектирале знаци за постоење интелигентен живот.
Ова истражување оди во прилог на идејата за теоријата на Големиот филтер, која тврди дека се поголеми шансите напредните цивилизации да се уништиле самите себеси отколку што имаат шанси да ја истражуваат вселената.
Сепак, останува одреден процент на веројатност дека некаде во
универзумот, надвор од опсегот на човекот, постои интелигентен живот.