Во овој период се прават резервации за летните одмори, но многумина се двоумат за дестинацијата, особено со оглед на тоа што постојано се менува ситуацијата со коронавирусот на многу места. „Форбс“ направи листа со држави во Европа кои веќе објавиле датуми за отворање на границите за странските туристи без карантин.
Данска - 26 јуни
Данска ги отвора границите постепено, а влезот за сите странски туристи ќе биде дозволен од 26 јуни. Сепак, треба да имате дигитален сертификат за вакцинација од ЕУ. Данска е отворена за жителите на Европската Унија и за оние од шенген-зоната од 1 мај.
Франција - 9 јуни
Франција планира да дозволи влез за некои странски туристи од 9 јуни, иако земјата сè уште треба да открие кој и како ќе може да влезе во државата. Франција има апликација на која се прикачуваат документите за вакцинација или негативен тест за ковид-19.
Малта - 1 јуни
Островската држава планира да дозволи влез на странски туристи што се вакцинирани од 1 јуни. Земјата најави дека ќе покрива дел од трошоците за сместување на туристите што ќе останат на островот повеќе од две ноќи.
Велика Британија - 17 мај
Велика Британија ќе дозволи влез на туристи без карантин од некои земји во кои ризикот за зараза е мал на 17 мај. Сепак, овие жители ќе мора да покажат негативен резултат од тест за ковид-19. Ќе се дозволи влез од Австралија, Нов Зеланд, Сингапур, Брунеј, Исланд, Фарски Острови, Гибралтар, Фокландски Острови, Португалија и други.
Фото: Португалија/Pixabay
Португалија - 17 мај
Жителите на членките на ЕУ и шенген-зоната и Велика Британија ќе може да влезат во Португалија без карантин. Сите туристи мора да имаат негативен резултат од тест за ковид-19.
Италија - 16 мај
Италија сега е отворена за вакцинирани жители на Велика Британија, ЕУ и Израел. Овие жители нема да мора да бидат во карантин при влез, но мора да покажат негативен резултат од тест за ковид-19. Доколку мерката е успешна, Италија ќе ги отвори границите за жители на други земји во јуни.
Холандија - 15 мај
Холандија го дозволува влезот на жители од одредени земји, меѓу кои и Португалија, Малта, Ирска и некои грчки острови од 15 мај.
Грција - 14 мај
Грција ги отвори границите за жителите од ЕУ, САД, Велика Британија и Израел. Туристите мора да имаат доказ дека се вакцинирани или дека не се заразени со ковид-19 и повеќе не се бара карантин при влез.
Фото: Грција/Pixabay
Германија - 13 мај
Карантинот повеќе не е задолжителен во Германија доколку можете да докажете дека сте вакцинирани, сте имале ковид-19 или не се заразени со ковид-19 при влезот. Ова важи за земјите што се сметаат за малку ризични.
Кипар - 10 мај
Кипар дозволува влез без карантин за вакцинирани лица од 65 држави, меѓу кои и САД и Велика Британија. Жителите од високоризичните земји мора да покажат негативен резултат од тест за ковид-19 направен пред патувањето, но и да направат уште еден тест по влезот.
Хрватска - 1 април
Хрватска дозволува влез без карантин на туристи што се вакцинирани или имале ковид-19 од 1 април.
Исланд - 18 март
Исланд дозволува влез на вакцинирани жители на ЕУ или шенген-зоната од 18 март. Сепак, ова не важи за лицата вакцинирани со руски или кинески вакцини.
Полска - 18 февруари
Полска дозволува влез на туристи од ЕУ, Исланд, Лихтенштајн, Норвешка, Швајцарија, Грузија, Јапонија, Нов Зеланд, Тајланд, Јужна Кореја, Тунис и Австралија.
Естонија - 2 февруари
Естонија дозволува влез на сите туристи што прележале ковид-19 или се вакцинирани.
Романија - 25 јануари
Туристите што биле вакцинирани за ковид-19 не мора да седат во карантин при влезот во Романија, без разлика на земјата од која доаѓаат.
Автор: Алекс Ледсом
Извор:
forbes.com