Како и да го свртиме ова, јасно е дека уште долго ќе се бориме со лажни вести, дезинформации и теории на заговор. А, споменавме ли веќе дека меѓу најголемите распространувачи на дезинформации се политичарите? Еве, сега споменавме!
Автор: Ивор Фука, лавен уредник на непрофитниот онлајн портал Lupiga.com
Текстот е оригинално објавен на
„Рес публика“
Токму така, пландемија. Тоа е натписот што патникот намерник ќе го пречека на еден од најфреквентните влезови во Загреб. Тие пет слогови се напишани со црн автоспреј на пет бетонски блокови сместени на надвозникот над главната градска артерија и навистина е тешко да не ги забележите. На овој начин, непознатиот автор им открива добро чувана тајна на оние што влегуваат во градот, дека пандемијата со коронавирус, што целиот свет го сврте наопаку, е најобична измислица.
Планирана, секако, како што кажува и самото име п(л)андемија. Не можат баш да се усогласат чиј е планот, зашто за тоа постојат милиони теории, но сигурно е дека сѐ што ни се случуваше пред очите и сѐ уште ни се случува е – местенка. Во секој случај, сето ова ни го „смислиле“ некои мошне моќни луѓе, со цел незабележливо да завладеат со планетата. Меѓутоа, тоа не е толку едноставно. Правеле „сметка без крчмарот“, не сметајќи дека постојат оние што ќе го воочат нивниот пеколен план.
Не знаеме дали светот претходно веќе бил луд, но од претходната пролет па досега, таа дијагноза може да му се припише со извесна сигурност. Проблемот со таа дијагноза е што можеби не е јасно каква терaпија би требало да биде ефикасна. Од избивањето на пандемијата (простете, пландемијата), социјалните мрежи зовреа од лажни вести и теории на заговор, а од нив во Хрватска, дополнително, бликаше и опасен говор на омраза. Сите тие што не гледаат дека станува збор за пландемија беа честени со придавки коишто, верувам, на никого од вас не би требало посебно да им ги наведам, додека, на пример, сите оние „глупави овци“ што носат маски беа наречени „скротени кучиња“.
Ивор Фука / Фото: Приватна архива
Проверка на факти како спас
Меѓународното истражување
„Новинарство и пандемијата“, во коешто учествуваа повеќе од 1.400 новинарки и новинари, потврди дека медиумските работници почесто се среќавале со дезинформации во пандемијата одошто пред неа, а најмногу дезинформации доаѓале од „Фејсбук“, „Твитер“ и „УотсАп“. Специјализираните портали за проверка на факти никогаш немале толку работа колку во претходната една и пол година. Доколку некој се сомневал, сега е совршено јасно дека токму такви портали ќе имаат сѐ позначајна улога во иднината. Во пакет со таа улога доаѓаат закани и навреди, зашто новинарите што разоткриваат неточност на некое конкретно неточно тврдење, се наоѓаат на жесток удар од онлајн-насилници, коишто им праќаат
заканувачки пораки, обично со придавката „платеници“, затоа што – се разбира – учествуваат во светски заговор од моќници против голоракиот народ.
И тоа е нешто што загрижува, зашто заканите кон новинарки и новинари се целосно нормализирани во јавниот простор, еднакво како и говорот на омраза или срамните хајки. Сите новинарки и новинари што се занимаваат со проверка на факти во Хрватска, го почувствувале тоа на сопствената кожа. Имено, иако медиумите во Хрватска во основа одговорно си ја вршеа работата во време на пандемијата, оние што се занимаваат со проверка на факти се наведувани на опскурни интернет-портали, коишто во последниве неколку години никнуваат ширум светот. Тоа се места на кои не работат новинари, но кои воедно се претставуваат како новинари и таму шират лажни вести. На новинарите што ги обелоденуваат нивните лаги им се одмаздуваат со анализи на приватните животи, ги подложуваат на потсмев, ги претставуваат како хомосексуалци или како некое „непосакувано“ етничко малцинство, јавно објавуваат нивни контакт-адреси и ја подбуцнуваат својата публика, на пример, да им прати пораки во што поголем број во точно определен час и ден. И со тоа им ставаат мети на чело.
Единствениот специјализиран портал за проверка на факти во Хрватска,
„Фактограф“, во изминатиов период објави повеќе од 400 текстови во кои беа разоткривани лажни вести и неточни тврдења, поврзани исклучиво со Ковид-19 и вакцинацијата. Со тие текстови вкупно опфатија повеќе од 1.000 дезинформации, од кои најголемиот дел биле објавувани на „Фејсбук“. Како изгледало тоа ќе ни опише Петар Видов, главниот уредник на „Фактограф“.
„Со оглед на големата количина дезинформации што беа во оптек, се фокусиравме кон нештата за кои и претходно претпоставувавме дека се неточни и кои, во основа, се покажаа како такви. Ни беше важно да сузбиеме што повеќе такви дезинформации како што се појавуваа“, вели уредникот на „Фактограф“, портал што соработува со „Фејсбук“ во склоп на програмата
„Проверка на факти од трета страна“, со оглед дека Фејсбук од почетокот на пандемијата спроведува дополнителни мерки против дезинформации за коронавирусот и отстранува содржини за коишто проценува дека го загрозуваат јавното здравје. А вистинската општествена штета создадена од дезинформациите најлесно е да ја опишеме токму со примерот за загрозувањето на здравјето.
„Луѓето што веруваат во фактографски неточности за Ковид-19, повеќе ќе тежнеат кон ризично однесување, со што се отежнува сузбивањето на пандемијата и се оптоварува здравствениот систем. Тие што ќе поверуваат во антиваксерската пропаганда за штетноста на вакцините, нема да сакаат да се вакцинираат. Противниците на вакцинацијата, што користат социјални мрежи за ширење дезинформации, меѓу граѓаните шират страв и недоверба кон вакцината, со што се продолжува траењето на епидемијата. Сѐ додека постои доволен контингент луѓе што одбиваат да примат вакцина, вирусот има простор за ширење и понатамошни мутации. Секое продолжување на епидемијата го зголемува бројот на човечки жртви и дополнително го оптоварува стопанството“, објаснува Видов.
Вакцинирај ја мајка ти – мене нема
Тука постоеше сѐ: лажни лекари и проповедници, чипирање и 5Г-технологија, геноцидни состојки во вакцината, изманипулирани нуспојави од вакцината, сокриени отрови во заштитните маски,
самопрогласени експерти за Ковид-19 со масовен број следбеници, лажни лекови и разни други имагинации што би можеле да ги набројуваме до крајот на текстов и пак нема да стигнеме да ги наброиме сите. Масовното ширење на ваквите нешта е овозможено од луѓе што заработуваат од дистрибуција на лажни вести. Интернетот денес е полн со портали што не произведуваат никакви авторски содржини, туку само преземаат содржини од други извори и се обидуваат да ги претстават колку што е можно поскандалозно или да ги исчистат од контекстот, за да соберат што повеќе посети и да заработат по пат на сервиси за огласување на интернет. За дистрибуција на така создадените „вести“ се користат социјалните мрежи, зашто тие се алатки преку кои најлесно се доаѓа до поголем број луѓе.
Во Хрватска повеќепати беа организирани протести против носење маски и други епидемиолошки мерки, со пораки „Робови носат маски“ или „Стоп за диктатурата“. Беа
напаѓани новинари што светот го трујат со лаги. На фреквентни градски локации беа бесени транспаренти на кои пишуваше „Короната е измама“ или
„Вакцинирај ја мајка ти, мене нема“ или „Стоп за корона теророт“. На шеталиштето околу езерото Јарун, со должина од приближно 6 километри, на неброено многу места се испишани шаблонизирани графити со пораки за „пландемија“ или „бламдемија“. На граѓани им биле ставани летоци во
поштенски сандачиња и под ветробрански бришачи, во кои на наивните им е објаснето дека коронавирусот е измама, таен план на група заговорници што манипулираат со ситуацијата, за да извлечат корист од тоа и да ги претворат луѓето во робови. Забележани се повеќе физички напади врз лица коишто во затворени простории
предупредиле некого да носи маска. Во состојбата на „локдаун“, која на многумина им ја загрози егзистенцијата, луѓето реагираа на различни начини.
Тешко е да се каже колкав дел од граѓаните е убеден во нешто од сите тие дезинформации и теории на заговор кои беа ставени на богатата шведска маса, сервирана во пролетта претходната година. Релевантни и прецизни информации за тоа нема. Сепак, впечатокот е, иако не изгледа така, дека станува збор за мошне бучно и агресивно малцинство. Таа агресивност е највидлива, повторно, на социјалните мрежи. Таму под кој било текст за коронавирус којшто се повикува на научни факти, за кусо време се појавуваат еден куп коментари во кои највулгарно се навредувани „наивните“ што веруваат во пандемија и вакцинација, а тие што се впуштаа во дебата со нив ќе беа изложени на такви навреди и во приватни пораки. Тие се прогласувани или за глупаци или за учесници во заговорот.
Експерти велат дека теориите на заговор се плодна почва за многумина, зашто даваат невистинито, но
навидум логично објаснување за тешко разбирливи нешта, па на извесен начин нудат своевидно решение, патоказ за борба, зашто кога ги разбирате нештата и знаете од каде доаѓа „опасност“, тогаш ви е полесно да минете низ вакви нестабилни времиња. Тоа што, меѓу другото, беше родено во тие небезбедни времиња е апсолутниот пораст на бесчувствителноста и целосното отсуство на емпатија. Како поинаку да се објасни кога под текстови што на „Фејсбук“ се споделени од мејнстрим медиуми, а во кои се кажува како некој човек починал од последици од коронавирусот, или се дава дневен извештај за бројот на починати во последните 24 часа, најпопуларен е оној „смајли“ што се смее на цел глас и кој често се користи како знак за потсмев? Како поинаку да се објаснат големиот број лајкови од почетокот на
„локдаунот“ под коментарот на тогашниот собраниски пратеник Иван Пернар, кој вели дека не е нормално целата држава со месеци да биде парализирана, за некој дедо да живее ден, месец или година повеќе.
Приказната за Хрватскиот штаб
Иронично, но во Хрватска Националниот штаб за цивилна заштита значително придонесе за општата недоверба во институциите. Националниот штаб е „ад хок“ основано тело што управува со коронакризата во земјата, а кое е оформено само неколку дена пред да биде регистриран првиот случај на зараза со коронавирус во Хрватска. Од самиот почеток постоеше
оправдан сомнеж во легалитетот на тоа тело, со оглед дека во ниту еден закон не постоеше основа управувањето со кризата да му се препушти на Штабот. Но, тоа е помалиот дел од проблемот.
Точно три седмици по првиот случај на зараза во Хрватска, Штабот воведе значителни епидемиолошки мерки. Прво, наставата во училиштата и на факултетите беше префрлена на онлајн варијанта, а веднаш потоа беа ограничени општествените собири, укинат е јавниот превоз, на граѓаните им е
забрането напуштање на местото на престој. Прогласен е „локдаун“ во текот на кој, освен продавниците со прехранбени производи, не работеше речиси ништо друго. Секојдневните прес-конференции на Штабот, секогаш во истото време, во тие денови во Хрватска беа без конкуренција најгледаната телевизиска програма. Во такви услови, Штабот донесе низа од одлуки што беа целосно промашени и епидемиолошки невтемелени, а кои ја поткопаа довербата од граѓаните, што следствено, по првиот пандемиски бран, со многу други фактори донесе пораст на дезинформации и теории на заговор.
На пример, Штабот одлучи верските обреди да бидат
изземени од одредени мерки. Така, беше дозволена голема традиционална литија на островот Хвар, пред Велигден мерките беа олабавени, а на
една од прес-конференциите беше донесен и портпаролот на Хрватскиот бискупски собор. Токму како што Црквата со години посакуваше, продавниците добија
привремена забрана за работа во недела. На прашањето зошто токму во недела, добивавме само неубедливи одговори. Сето тоа без некоја рационална или епидемиолошки оправдана причина, и покрај зборовите што постојано ги повторуваа – „наредните две седмици се клучни“ – зборови што многумина Хрвати сигурно ќе ги помнат до крајот на животот.
Фото: Пекселс
Поинакви правила на игра беа дозволени и за парламентарните избори во јули, кога беа променети правилата за самоизолација, како и кога постоеја обиди за спас на туристичката сезона, колку и да беше можно тоа, па во тие летни месеци коронавирусот изгуби на важност, иако дневниот број на заразени во тие денови беше двојно поголем одошто кога земјата беше целосно заклучена. За обичните смртници беа ограничени погребите, но таков
епидемиолошки ризик не постоеше за погреби на починати политичари. Воедно, „малите луѓе“ мораа да се самоизолираат по контакт со заразено лице, додека во случаите на некои повластени тие правила беа релативизирани и прилагодени кон потребите на владеачката партија, за којашто, инаку,
не важеа мерки за дистанца и носење маски по изборната победа претходниот јули.
Нема зошто да се чудите
Притоа, членовите на Штабот во повеќе наврати сами
себе се демантираа околу тоа колку заштитните маски се ефикасни и каде треба да се носат. Освен тоа, за секој пораст на бројот на заразените директно ги обвинуваа граѓаните, гледајќи ги од високо и прозивајќи ги за
недисциплинираност, а проблемите ги толкуваа онака како што им одговараше во одреден момент. На пример, кога министерот за здравство, кој инаку секојдневно настапуваше на прес-конференциите на Штабот, беше снимен во близок контакт со четири лица додека ѝ
бакнува рака на своја пријателка, тоа не беше проблем. Или кога началникот на Штабот, воедно и потпретседател на владата кој тврдеше дека поради пандемијата никогаш не се ракува, го
фатија во лага и објавија фотографии. Истото го стори и хрватскиот премиер Андреј
Пленковиќ. На сето тоа одмавнуваа со раце, но кога стануваше збор за граѓаните, тогаш тие на прес-конференциите на Штабот беа нарекувани
„биотерористи“. По сето тоа навистина нема причина да се чудите зошто дел од луѓето не им веруваат на „официјалните вистини“. Од ден на ден, кредибилитетот на Штабот се топеше и топеше, а сѐ поголем дел од јавноста бараше алтернативни објаснувања…
Сите тие потези делумно придонесоа и за сегашниот прилично
ослабен интерес на граѓаните за вакцинација, и покрај тоа што вакцини има повеќе од доволно. Секако, на тоа му кумуваа и разни други фактори, впрочем „антиваксерската сцена“ во Хрватска е мошне активна веќе две децении, но однесувањето на власта во текот на пандемијата сигурно не помогна.
И покрај почетниот дебакл, од причина што вакцините во Хрватска пристигнаа мошне доцна поради лошиот избор на вакцинацискиот пакет, во кој најголем дел од резервираните дози беше „АстраЗенека“, Хрватска претежно поради туристичката сезона планираше до 1 Јули, 2021 година целосно да вакцинира половина од возрасното население. Тоа не се случи, зашто со две дози од вакцините неколку дена пред тој рок беа вакцинирани само
31 отсто од возрасното население. Само на подрачјето на Загреб се оствари целта на Владата – со две дози вакцини се вакцинирани 51 отсто од возрасното население. Денес се покажува и дека власта нема никаква ефикасна стратегија за да го убеди остатокот од населението да се вакцинира, токму како што институциите немале никаква планирана јавна комуникација цело време во текот на кризата и воопшто не реагираа кога некои јавни личности отворено пуштаа дезинформации во етерот. Таа работа им ја препуштаа на медиумите. Но, тоа веќе е тема за еден сосема друг текст.
Како и да го свртиме ова, јасно е дека уште долго ќе се бориме со лажни вести, дезинформации и теории на заговор. И затоа е важно да работиме на медиумската писменост на граѓаните, на сериозен образовен наставен план, за да можеме да разликуваме квалитетни извори на информации од оние коишто не се такви. Но, тоа веќе е во доменот на политиката. А, споменавме ли веќе дека меѓу најголемите распространувачи на дезинформации се политичари? Еве, сега споменавме!
Блогот е објавен во рамки на петтото издание на иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведуваат Рес публика и ИКС, во соработка со партнерите од Хрватска (
Lupiga), Косово (
Sbunker), Србија (
Не давимо Београд), Босна и Херцеговина (
Анализирај.ба), Црна Гора (
PCNEN), и Грција (
Macropolis).