X
 24.02.2021 Здравје

Што доколку некои држави не ги вакцинираат жителите против коронавирусот?

Постои голем ризик од мутирање на коронавирусот и продолжување на неговото ширење. Доколку не се вакцинираат жителите во сите земји, ќе продолжат да се појавуваат нови соеви на коронавирусот кои може да бидат поагресивни, а тоа би влијаело врз целиот свет, дури и врз земјите што ќе ги вакцинираат жителите, пишува Светскиот економски форум.

Овие вакцини можеби нема да бидат ефикасни за новите соеви на коронавирусот поради промените во генскиот код на вирусот. Вакцините се направени за да создадат имунолошка реакција преку антитела кои ја препознаваат структурата на протеинот во вирусот. Доколку оваа структура е различна, вакцината не би можела да ја препознае и со тоа не би го заштитила лицето од коронавирусот.

Истото може да се случи и кога лицето има имунитет по прележување на болеста бидејќи тоа има имунитет за структурата на оригиналниот вирус. Затоа, лицата што веќе прележале Ковид-19 би можеле повторно да се заразат со нов сој.


Фото: Pixabay

Ова значи дека сите ќе бидат изложени на ризик доколку не се вакцинираат жителите во сите држави. Светот е поврзан и ниту едно население не живее во целосна изолираност и затоа не е целосно заштитено. Коронавирусот се пренесува преку воздухот, а секој нов сој би можел да биде посмртоносен и полесно да се пренесува.

Малку е веројатно дека ќе ѝ биде ставен крај на пандемијата со мерките за заштита што се применуваат доколку не се вакцинира целиот свет. Додека жителите на многу земји чекаат да бидат вакцинирани, мерките треба да продолжат да се применуваат за да се намали ширењето на коронавирусот, а со тоа и да се намали брзината на неговото мутирање. Освен тоа, ќе се намали и бројот на смртни случаи и на хоспитализации. Овие мерки се носење маски во јавност, миење на рацете и задржување дистанца при разговор со други лица.

Автор: Ахмед Калеби
Извор: weforum.org
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје