X
 17.05.2021 Наша тема

Интервју со Адам дел Монте, водечки фламенко и класичен гитарист, композитор: И по добивањето „Греми“ размислувам само напред

Ја имам посетено Македонија пред повеќе од 40 години како дете. Патувавме низ поранешна Југославија и Грција. Се сеќавам дека возевме покрај тесен планински пат кога нè запре колона возила, се работеше за некоја локална свадба. Луѓето славеа и го блокираа патот. Тие не сакаа да нè пропуштат да поминеме сè додека татко ми не се напи голтка од ракијата што му ја понудија. Беше многу возбудливо...

Шпанецот Адам дел Монте, кој живее и работи во САД, важи за еден од водечките фламенко и класични гитаристи и композитори од неговата генерација. Во своите изведби секогаш вградува многу различни музички стилови, поради што неговата музика има уникатен звук. Неговото фламенко црпи инспирација од традицијата, но тој успешно успева да вметне и прогресивни елементи од џезот и т.н. „ворлд мјузик“, што ги прави единствени неговите изведби.
Соработувал со „Дојче грамофон“ во изведбата на делот за фламенко-гитара во операта „Аинадамар“ од аргентинскиот композитор Освалдо Голијов (2006 г.), која освоила две награди „Греми“. Со истата опера има настапувано во најпрестижните концертни сали во светот, како: „Карнеги хол“, „Линколн центар“ во Њујорк, „Барбикен центар“ во Лондон, на Музичкиот фестивал Колорадо... Работел на музиката на неколку филмски хитови: „Минхен“ на Стивен Спилберг, „Витез и ден“ на Џејмс Манголд со Том Круз и Камерон Дијаз во главните улоги, „Господин и госпоѓа Смит“ со Бред Пит и Анџелина Џоли, „Приказна за играчките 3“ и др.
Адам Дел Монте учел фламенко и класична гитара во Шпанија, Израел и во Англија. Започнал со неговиот татко и продолжил да учи од познати изведувачи како Пепе Абичуела, Пако Кортес, Нино Мигел и Херардо Нуњез, а негови учители за класична гитара биле Менаш Бакиш од Израел и Гордон Кроски од Англија. Денес предава фламенко и класична гитара на одделот за гитара на Универзитетот на Јужна Калифорнија.
Адам дел Монте ќе биде дел од жирито и ќе одржи концерт на претстојниот фестивал на класична гитара „Тремоло“, кој почнува на 17 мај.

Како еден од водечките фламенко и класични гитаристи, кажете ни што очекувате од претстојниот меѓународен фестивал „Тремоло“ во Скопје, каде што ќе имате концерт и чиј член на жирито сте?

- Навистина не знам што да очекувам бидејќи ја имам посетено Македонија пред повеќе од 40 години како дете. Патувавме низ поранешна Југославија и Грција. Се сеќавам дека возевме покрај тесен планински пат кога нè запре колона возила, се работеше за некоја локална свадба. Луѓето славеа и го блокираа патот. Тие не сакаа да нè пропуштат да поминеме сè додека татко ми не се напи голтка од ракијата што му ја понудија. Беше многу возбудливо...
Сепак, во Скопје очекувам да свирам за вас и да се запознаам со сите учесници и организатори на фестивалот „Тремоло“.



Кога почнавте да свирите на гитара и каков беше Вашиот пат до одлуката за сериозни студии?

- Почнав да свирам на гитара на 8-годишна возраст. Татко ми ми беше мојот прв учител и веднаш почна со фламенко и со класична гитара, истиот ден. Тој ме научи како да ги свирам Солеа (форма на фламенко-танц) и Лагрима од Франциско Тарега. Почнав да учам да свирам слушајќи ја музиката, како што тоа вообичаено се прави во фламенкото, бидејќи станува збор за усна традиција. Подоцна отидов во Англија (9-11 години) каде што научив да читам ноти, потоа теорија на музика итн. Гитарата ми стана постојан придружник и од моментот кога почнав да свирам, донесов одлука да продолжам да го правам тоа цел живот. Веднаш се вљубив во гитарата и знаев да свирам по цел ден.

Вашата изведба и компонирањето музика произлегуваат од традиционалните стилови, како што е фламенкото, но и некои прогресивни форми. Како е можно да се спојат овие толку различни стилови?

- Фламенкото има многу богато минато и многу длабоки културни корени: андалузиски, арапски, јудео-шпански, цигански и други влијанија. Многу е природно да продолжите внимателно да мешате и други елементи во него, но само откако долги години сте го проучувале традиционалниот стил. Јас пораснав во таа средина како дете, а подоцна и во Мадрид како млад човек. Кога свирам во придружба на пејачи и танчари, свирам на потрадиционален начин, а кога свирам свои композиции, вметнувам малку џез и класична/современа хармонија. Бидејќи свирам и фламенко и класика, морав да ја најдам златната средина помеѓу двата стила. Фламенкото е многу поагресивно кога се свири со десната рака, а класиката е попредизвикувачка за левата рака. Ми беа потребни многу години да ја најдам вистинската рамнотежа помеѓу двата стила и да можам да преминувам од едниот на другиот. Кога свирам, и фламенко и класична гитара, седам со гитарата потпрена на десната нога (тоа е начинот на фламенкото). Така ми е најудобно.

Некои од нас можеби слушнале дека Вашата музика ја има во филмот „Минхен“ на славниот Стивен Спилберг или во „Господин и госпоѓа Смит“ и „Приказна за играчките 3“... Кажете ни нешто повеќе за изведбата на музика за филм?

- Имам свирено гитара во неколку холивудски филмови. Најчесто композиторите ме замолувале да импровизирам и на самото место да развијам некои музички идеи и мелодии на основната тема што ми ја задале. Исклучок беше снимањето на трите главни музички теми за „Минхен“ на Стивен Спилберг, во кој е искористена музиката на Џон Вилијамс. Работевме долго на аранжманите за делото да може полесно да се отсвири на гитара.

Што беше инспирација за компонирање на познатата опера „Лантос“? И зошто токму опера?

- Мојата сопруга е оперски диригент и вокален тренер. Се сретнавме во Аргентина, каде што и двајцата бевме вклучени во изведбата на една друга опера, „Аинадамар“ од Освалдо Голијов. Таа опера имаше посебен дел за гитара што го имав снимено за „Дојче грамофон“ во 2005 година. По неколку недели таа ме праша дали некогаш сум размислувал да напишам опера и не можев да кажам не, па реков: „да“. Го следев правилото „пишувај за она што го познаваш“, па решив да напишам опера за животот и протерувањето на сефардските Евреи од Шпанија. Целиот мој живот слушнав за многу богатата и долга историја на Шпанија, со сите различни култури што биле дел од неа. Знаев дека има многу наративен и музички материјал што треба да се обработи. Таа ме охрабри да ја остварам мојата идеја и по цела година истражувања и белешки, почнав да го пишувам либретото на шпански јазик, а потоа да ја компонирам и музиката. Ми беа потребни три и пол години да ја завршам. Оттогаш имавме една мини изведба на материјалот на пијано, на гитара и на перкусии, со минимална пејачка екипа од само 5 пејачи. Ја изведовме музиката на „Тусон десерт музичкиот фестивал“ каде што беше многу добро прифатена. Внесувањето на фламенкото во оперскиот свет отвора многу музички можности. Симфониски оркестар со фламенко-гитара, кајон (фламенко-удирачки инструмент) и звукот на стапалата при танцувањето, создава многу уникатни звучни комбинации. Исто така, голем предизвик е да се запишат коментарите на комплицираните ритми за да може да ги прочитаат и отсвират музичарите од оркестарот. Се читаат многу поинаку од тоа како звучат.



Како се чувствувавте како добитник на престижните награди „Греми“?

- Со „Греми“ беше наградена операта „Аинадамар“. Јас бев дел од сето тоа и бев многу среќен што бев вклучен во еден ваков проект. Размислувам само напред, за тоа што сè има уште да се постигне.

Кој е Вашиот најголем предизвик кога станува збор за Вашата музичка кариера?

- Најголемиот предизвик во мојата кариера сега ми е да најдам време да компонирам, да вежбам и да научам нов репертоар. Тоа отсекогаш бил тежок чин за балансирање, но сега станува сè потешко затоа што барам сè повеќе од себе.

Како се исполнувате, креативно, во овие времиња на пандемија?

- Враќањето на свирењето на Бах беше мојот начин да се справам со пандемијата. Бидејќи не можевме да излегуваме надвор и сите концерти беа откажани, имав повеќе време, па решив да го обновам знаењето на класичниот репертоар. Исто така, добив неколку барања за снимање од разни уметници што сакаат да вметнат фламенко-гитара на нивните албуми.
Веднаш кога почна пандемијата, добив договор за снимање на „Музички албум за медитација“. Пред повеќе од 30 години, кога живеев во Мадрид, ја открив врската помеѓу хебрејските букви и музичкиот нотен систем. Врз основа на овој концепт решив да ги земам хебрејските свети Божји имиња од Кабалата и да ги преточам во музички ноти. Во моментов сум во завршна фаза на првиот од овие албуми. Исто така, со нетрпение ја очекувам светската премиера на операта „Лантос 1492“, во „Албукерки опера хаус“, позната како „Опера Југозапад“ со комплетен оркестар на сцена и костими во сезоната 2022-2023.

Фото: Адам дел Монте
Подготвил: Весна Дамчевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема