X
 06.03.2019 Живот

Во само шест земји од светот има целосна родова рамноправност

Кога станува збор за (не)еднаквоста на жените на пазарот на трудот и законските регулативи што треба да ја осигурат, Македонија се најде на 48. место од вкупно 187 анализирани земји. Ова го покажува новото истражување на Светската банка наречено „Жени, работа и закон 2019“.

Од максималните 100 поени, нашата земја има 88,13. Исто толку имаат и Босна и Херцеговина, Лаос и Јужноафриканската Република.

Охрабрува податокот дека светскиот просек се зголемил од 70 на 75 поени и дека 39 земји оствариле резултат над 90 поени. Сепак, само шест земји во светот целосно оствариле родна рамноправност кога станува збор за трудовото законодавство - Белгија, Данска, Франција, Латвија, Луксембург и Шведска имаат по максимални 100 поени.

Во однос на регионот, Грција е лидер и со 97,50 поени е на 11. место. Потоа, Србија е на 18. место со 96,88 поени, Хрватска е на 20. место со 94,38 поени, Бугарија е на 27. место со 93,75 поени, Косово е на 32. место со 91,88 поен, Албанија е на 35. место со 91,25 поен, а Словенија е на 39. место со 90,63 поени.

Иако резултатите укажуваат на општ напредок, патот до целосна рамноправност во практика е многу долг. Имено, осигурувањето на законската рамка, иако е важен чекор, не е доволен за да се променат нештата во реалниот живот. Остварувањето 100 поени не значи и 100 отсто еднаквост на мажите и жените. Еден од најдобрите примери за тоа е нееднаквоста на платите за работење слична работа. На пример, иако Шведска е една од само шесте земји што оствариле максимален број поени, според анализата на Светската банка, дури и во таа земја жените заработуваат пет отсто помалку од нивните колеги од спротивниот пол.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот