Развиените земји потпишаа заедничка изјава на конференција во Глазгов минатата година дека до крајот на 2022 ќе престанат со финансирање на фосилните горива и приоритет ќе им дадат на обновливите извори на енергија.
Ново истражување покажува дека од 34 држави што ја потпишале изјавата, само некои навистина ги исполниле ветувањата. Според договорот, земјите морале да префрлат 28 милијарди долари од финансиите на фосилни горива во буџет за чиста енергија.
Малку потписнички, меѓу кои и Европската инвестициона банка (ЕИБ) и Велика Британија, објавиле дека ќе ги исклучат фосилните горива од своето меѓународно финансирање, според заеднички извештај на американската организација „Оил чејнџ интернешнал“, канадскиот Меѓународен институт за одржлив развој и британскиот „Тирфанд“.
Трите организации ги анализирале јавно достапните податоци на 18 потписнички и ЕИБ. Било заклучено дека ветувањата делумно ги исполниле Данска, Франција, Шведска, Холандија и тоа во доменот на развојни финансиски институции, но не и извозни кредитни агенции.
Преостанатите земји не ги исполниле ветувањата. Рекордер на неславната листа е Канада, која обезбедила најголемо јавно финансирање на инвестиции во фосилни горива, со 11 милијарди долари годишно главно за нафта и гас.
Втори на листата се САД со 3,1 милијарди долари годишно, а следуваат Италија и Германија со 2,8 милијарди долари и Шпанија со 2,4 милијарди долари јавни финансии во областа на фосилните горива.
Извор:
Ekapija
Насловна фотографија: Pixabay