X
 17.08.2018 Технологија

Авиони на струја – големи очекувања или далечен сон



Идејата за тивки авиони што не ја загадуваат околината звучи прекрасно, но и покрај многубројните стартап-компании и ветувања, батериите сè уште се преслаби.

Електричните авиони се сон на секој инженер во светот последниве неколку децении, но дури последниве неколку години технолошкиот развој овозможи предуслови за реализација.


Авион во лет
(Фото: Pixabay)


Денес постојат низа компании и стартапи што се занимаваат со електрични и хибридни прототипови на батерии наменети за електрични летала. Некои од нив одат толку далеку што ветуваат летови без бучава и загадување во идното десетлетие.

Концептите што ги развиваат тие компании воопшто не личат на футуристичките летала од научнофантастичните филмови. Наместо тоа, изгледаат како тенки хибриди на авиони и хеликоптери направени од лесни и издржливи карбонски влакна. Меѓутоа, летањето на струја не зависи од дизајнот на авионот, туку од батериите и од нивниот натамошен развој.

Моментално барем 20 компании развиваат планови за воздушен такси-превоз, меѓу кои се и големите играчи „Боинг“, „Ербас“, „Убер“ и „Флаинг хоук“.

Но, ни тие сè уште го немаат решено проблемот со батериите затоа што летањето бара неверојатна количина енергија, каква што не може да се добие од денешните батерии.

Технологијата што ја користи „Тесла“ во својот „модел 3“ и која со едно полнење може да помине речиси 500 километри не е доволна за напојување ни на мало летало со ограничена километража.

Клучното мерило за сила на батеријата е густината на енергијата – количина енергија складирана во одреден систем. За жал, денешните батерии не содржат доволно енергија ниту да го одлепат леталото од земјата. За споредба, млазното гориво дава околу 43 пати повеќе енергија од еднакво тешка батерија.

Густината на енергијата во акумулаторот секоја година во просек се зголемува за 5 до 8 проценти. Ако во иднина продолжи ваквото темпо на развој на батериите, тогаш со сигурност нема да видиме ни помали електрични авиони барем до 2030 година. Меѓутоа, постои решение кое компаниите веќе го разгледуваат – хибридни летала.

„Хибридната технологија ветува“, изјави стручњакот за воздухопловство Ричард Абулафија, потпретседател за анализа во „Тил груп“, компанија за истражување на пазарот на воздухопловни компании. „Хибридната технологија е далеку од реалната цел, тоа би можело да биде изводливо дури во 30-тите години на овој век“.

Последните години е постигнат значителен напредок во летањето на батерии. Во јуни 2016 година авион на соларна енергија го доврши својот целогодишен лет околу светот.

„Солар импулс 2“ беше покриен со 17.000 фотонапонски ќелии кои ги полнеа батериите преку ден. Но овој авион во ниту една смисла не беше патнички бидејќи се движеше со брзина од 50 километри на час. Сепак, тоа беше голем чекор напред за летовите на струја.

„Со децении сме оддалечени од доволно моќни батерии кои ќе можат да подигнат барем неколку луѓе со обичен авион“, рече Абулафија и додаде: „Сонот за електричен лет ќе остане само сон уште долго време“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија