За туристите тоа е благослов, за хотелиерите и угостителите пропаст. Париз моментално е празен како ретко кога. Оној што ќе го посети сега нема да треба да чека во бесконечните редици пред најзначајните знаменитости. Париз спаѓа во најпосетените градови во светот. Ајфеловата кула ја знае секое дете, а сега поради корона-кризата, локалните жители го имаат својот град и неговите знаменитости само за себе.
Но, тоа не е утеха бидејќи последиците од кризата се големи. Тие се особено забележливи во туризмот. Всушност, туристите од пред две недели повторно се во градот, но ако деновиве одите по улиците на француската метропола, едвај ќе можете да ги забележите.
Лоша година
Минатата година поширокото подрачје на Париз забележало 50 милиони гости. Омилените места за посета биле базиликата Сакр-Кер на Монмартр со 11 милиони посетители, Лувр со 9,6 милиони и Ајфеловата кула со 6,2 милиони туристи. Тоа е работа вредна милијарди.
И јасно е дека Париз годинава нема да ги достигне тие бројки. Имено, многу туристи со поголема платежна моќ доаѓаат од Соединетите Американски Држави, од Блискиот Исток и од Азија, пред сѐ, од Кина. За нив во сила се ограничувачки мерки за влез во земјата. А токму луксузните хотели сметаат на нив.
- Може да се каже дека половина од хотелите се затворени - вели Франк Делве, претседател на Сојузот на хотелиери за подрачјето на Париз.
Тој објаснува дека тоа е последица на изостанувањето на посетителите од странство. Секој што ќе помине покрај луксузните хотели може да потврди дека тие се затворени барем до септември.
- Загубите се големи во луксузниот туризам, кај врвните хотели и ресторани со ѕвездички - се жали Делве.
Има луксуз, нема народ
Секој што некогаш бил во луксузната продавница „Галери Лафајет“ знае дека пред отмените бутици на приземјето се чека во редица. Купувачите, главно од Азија, таму купуваат на големо. Од крајот на мај оваа продавница повторно е отворена, но сега нема редици, само лица под заштитни маски.
Делве вели дека сега е вистинскиот момент за посета на Париз.
- Нема метеж во сообраќајот, нема редици пред знаменитостите, има место на ресторанските балкони - вели тој.
На влезот во Версај за време на викендите се чека само 20 минути - тоа е речиси незамисливо во нормални услови. Карти за Ајфеловата кула за истиот ден? Нема проблем. Само оние што сакаат до врвот мораат малку да бидат потрпеливи. Всушност, во Лувр има многу луѓе околу „Мона Лиза“, но затоа на влезот во катакомбите чекаат само неколку лица. Таму во нормални услови е неподнослив метеж.
Градот изгледа како огромен балкон - рестораните добија одобрение за зголемување на надворешните капацитети.
Германците полека се враќаат
Германските туристи се важни за Париз. Од соседната земја минатата година во Градот на светлината биле милион и пол посетители. Во просек, тие престојувале 3,2 дена и оставиле 550 милиони евра. Од германските туристи подобри се само Британците, Шпанците и Италијанците, барем кога станува збор за Европејците.
Надин Донат од Лајпциг ги води германските туристи низ градот. Таа во Париз пристигнала како танчарка, но се повредила и ја променила професијата.
-За време на пандемијата моите туристички групи беа откажани. Не е лесно. Кога беа воведени рестриктивни мерки, морав да барам помош за невработени, а потоа и социјална помош. Незгодно ми е да го раскажувам сето тоа, но така е - вели таа.
Од почетокот на јуни ограничувањата за патување меѓу Германија и Франција се укинати и Надин очекува позитивен тренд.
- Се добива впечаток дека луѓето повторно се осмелуваат да дојдат - речиси од 1 јули туристите повторно се во градот - вели Надин и проценува дека ќе има 40% работа во споредба со минатата година.
Поглед во 2021
Пред избивањето на пандемијата имала идеја во Градот на љубовта да организира романтични понуди за парови.
- Идејата ми падна на памет кога минатата година еден човек ме праша да му помогнам да организира запросување на неговата девојка - вели таа.
Сега работата полека почнува. Париз и онака има тешки години зад себе - од терористички напади, до демонстрации на „жолтите елеци“, кои со месеци го пустошеа градот. Штрајкот на работниците во железницата ги погоди хотелиерите и угостителите среде божиќна сезона. А сега уште и Ковид-19.
Делве, сепак, мора да гледа во иднината.
- Следната 2021 ќе биде добра година. Луѓето од целиот свет ќе сакаат да го посетат Париз - тврди тој и додава дека се надева оти идната година градот ќе има рекорден број посетители.
Извор:
B92
Фотографии: Pixabay