Голем интерес предизвикува проектот „Светот на Биби“ на Форумот за цртани филмови (Cartoon forum), кој се одржува до 19 септември во Тулуз, Франција. Дистрибутери, продуценти, емитувачи, автори од цел свет им честитаат на претставниците на проектот, кои овие денови ги користат за поголема меѓународна афирмација на Биби, Боби и Зази.
„Светот на Биби“ меѓу најдобрите цртани филмови од Европа
- Нашиот тим е исправен пред можеби најголемиот предизвик досега - да го промовираме тоа што напорно го работевме во изминатите нецели две години пред кремот на детската забавна индустрија. Нѐ радува што реакциите се одушевувачки, особено што ни честитаат за тоа колку многу работи се направени под брендот „Светот на Биби“ за кратко време. Ова нè охрабрува да продолжиме да ја радуваме детската публика - велат од тимот на „Светот на Биби“, кој е во Тулуз.
Проектот во Тулуз го претставуваат продуцентите Жарко Стојаноски, Марјан Алексовски, Стојче Ѓорѓиев и режисерот Гоце Цветановски. Во неколку пичинг-средби тие ќе имаат презентација на проектот, кој влезе во речиси секој дом во Македонија.
Во подготовките за оваа меѓународна презентација на тимот му помогна Барбара Слејд, сценарист и продуцент на многу детски шоуа за „Никелодеон“, „Дизни“, „Фокс“ и други. Таа е наградувана за многу детски цртани, а беше главен сценарист на „Ангелина балерина“ и „Rotten Ralph”.
На форумот учествуваат претставници на 38 земји. „Вие креирате, ние ве поврзуваме“ е мотото на овој форум. Од основањето во 1990 година досега биле финансирани 774 проекти со вкупен буџет од 2,7 милијарди евра.
Тимот на „Светот на Биби“ заедно со менторката Барбара Слејд
„Картун форум“ е единствен настан кој се фокусира на пичинг-сесии на ТВ-проекти, каде што продуценти од областа на анимациите можат да најдат свои партнери. Пичинг-сесиите се клучен елемент на овој форум. Секој проект се презентира пред потенцијални партнери собрани во иста просторија.