Полека, но сигурно се ближи крајот на летото, а со тоа доаѓа почетокот на новите сказни на Биби. Се надеваме дека имавте забавно (и едукативно) лето со сите наши содржини, на кои посветено работевме. Овој пат нашата дружина ќе искуси едно сосема поинакво и неочекувано патување, на какво што само роботчето Р1 - со својата неверојатна моќ - може да ја однесе. Ова е можеби нашата најдобра епизода досега, на која работеа шест аниматори во период од околу два месеца. Затоа, никако не пропуштајте го почетокот на новата сезона на „Сказните на Биби“, вели режисерот Никола Чикос.
„Роботчето Р1“ е првата епизода од третата сезона на „Сказните на Биби“, чија премиера е закажана за утре (недела), во 19 часот, на
јутјуб-каналот на Биби.
„Сказните на Биби“ е анимирана програма која изминатите две години им е омилена на децата во Македонија и пошироко.
Девет нови епизоди со многу изненадувања, нови ликови и песнички ќе донесе новата сезона.
„Роботчето Р1“ е направена според приказна на Билјана Црвенковска, во режија на Никола Чикос, а гласовите ги позајмуваат Слаѓана Вујошевиќ и Сашко Коцев.
- Новата сезона на сказни од „Светот на Биби“ ќе ни донесе многу нови и малку поинакви авантури, неколку нови ликови, многу смеење, забава, нови песни и, се разбира, нови поуки. Првата сказна од овој циклус е „Роботчето Р1“, нешто навистина поинакво од она што сме го гледале досега. Имаме роботче, имаме патување во минатото, а и дополнително изненадување за малите гледачи. Оваа сказна е и почеток на некои нови забавно-едукативни содржини што ќе ги понудиме кон крајот на оваа и почетокот на следната година, но за нив ќе откриеме повеќе во некоја следна пригода - вели Црвенковска.
Продуцентите на „Светот на Биби“ најавуваат многу новини за претстојната сезона. Активно се работи на многу едукативни видеа што ќе бидат во рамките на едукативниот центар „Бибиверзум“, во кој оваа година активностите ќе бидат онлајн.
- Уписите ќе почнат наскоро, а исто така во тек се и уписите за
онлајн-школата „Ја учиме азбуката со Биби и Боби“. Работиме и на нов серијал со ликовите од „Светот на Биби“, нови приказни од мама Ана, нови книги, нови сликовници, нови игри. Исто така, фокусирани сме и на нов концепт за учење странски јазици со помош на Биби и Боби - велат продуцентите на „Светот на Биби“.
Со голема радост го очекувам почетокот на третата сезона на „Сказните на Биби“, проект чиј квалитет расте со секоја сезона, се утврдува професионалноста, а пријателствата со колегите се зацврстуваат, вели актерката Слаѓана Вујошевиќ, која го толкува ликот на Биби.
- Новите содржини максимално ме исполнуваат, а искрено се надевам дека ќе ги радуваат и најмалите другарчиња. „Светот на Биби“ никогаш досега не потфрлил во целта да подучува низ забава, па така и следнава година следуваат видеа кои се креативни, духовити, а сепак максимално корисни во едукацијата на најмладите! Чест е да се биде дел од проект кој поставува темели на вистински вредности, но за мене е уште поголема одговорноста да се оправда оваа заслуга. Се надевам дека нема да ги разочараме сите оние што веќе напамет ги знаат видеата, како и оние што допрва ќе го откриваат „Светот на Биби“ - вели Вујошевиќ.
Навистина сум многу среќен што сум дел од уште една нова сезона од проект кој е еден од ретките од домашна продукција, а сепак со високи критериуми за квалитет, со сценарија кои поминале кај признаени педагози и лектори, вели актерот Сашко Коцев.
- Биби и Боби се веќе препознатлив бренд. Работиме во многу ведра атмосфера, имаме повеќе идеи отколку што можеме да постигнеме да ги реализираме зашто ова е сепак еден доста мал тим кој е многу ентузијастички настроен. Ова, секако, не е проект во кој сум созреал како актер, туку проект во кој уживам, ме враќа во детските денови и отвора нови страници и погледи. Ни прави да го погледнеме светот од позиција на најмалите, што нив би ги интересирало, какво е нивното внимание, особено денес кога има толку многу проекти и избор во странската продукција. Исто така, што би ги научиле, како повеќе би го засакале тој лик, а сепак тој да остане во рамките на дидактичниот карактер кој строго се контролира од писателот, а и од самата продукција. А, сепак, и што би ги засмеало и како да го изградиме нивниот вкус за хумор. Тоа се предизвиците со кои заеднички ги градиме овие детски приказни. Снимањата се навистина забавни, кога ќе нè опфати детската игра со микрофонот пред нас и ќе се погледнеме со Биби/Слаѓана, констатираме дека сме подетиниле. Не знам што ни е позабавно, дали тоа, дали моментите кога успеваме во приказните да проткаеме и хумор за возрасните, што е уште поголем успех. Секако, најсмешни се деловите што не влегле во приказните, кога сме импровизирале на темата, буквално за наша забава - вели Коцев.
Во изминатите две години, колку што постои „Светот на Биби“ (почнувајќи од 14 октомври), имаме продуцирано повеќе од 300 минути анимација, а се реализирани околу 20 милиони прегледи на каналот на Биби.
Освен на јутјуб-каналот на Биби, сказните на Биби и нејзините пријатели можат да се проследат и на Македонската телевизија, на Макс ТВ и А1 ТВ.