X
 17.09.2021 Наша тема

Доктори музичари: Паскалов, педијатар - страстен блузер, ортопедот Калковалиев вљубеник во винил-плочите


Во слободните денови знам да поминам часови над грамофонот, со детално преслушување на цели албуми. Мислам дека слушањето плочи, на некој начин, е мој личен отпор кон брзиот начин на живот и развојот на технологијата, која со сите предности на модерното живеење, истовремено и многу ни одзема, вели ортопедот Борислав Калковалиев


Музиката и медицината умеат да се испреплетат толку силно што не можат да функционираат одвоено. Овие две гранки знаат совршено да се надополнат и да креираат симфонија под која човечките битија полесно егзистираат, работат и творат.

Гого Паскалов, Борислав Калковалиев, Игор Спироски, Петар Угуров, Огнен Даскалов, Гоце Спасовски се само дел од докторите што негуваат љубов кон музиката, нотите, акордите...


Педијатар и блузер

Гого Паскалов е педијатар и од мал се навлекол на музика.

- Првите аудиокасети ги купив во четврто одделение и во тоа време мислев дека ќе бидам обожавател на „Металика“ и „Ајрон Мејден“ цел живот. Во почетокот на средното училиште почнав да слушам блуз и останав на тоа до денес. Првата гитара ја купив тогаш, исто така мислејќи дека цел живот ќе бидам гитарист. Со текот на годините се навлеков на усна хармоника, поттикнат од еден од моите најдобри другари Сашо Ѓорѓевски - ни сподели докторот Паскалов.




Денот го поминува на работа, но музиката му е резервирана за вечерните часови.

- Педијатријата е нешто што најмногу сакам да ја работам. Кога бев помлад, многу повеќе сакав да сум музичар отколку лекар, но некако со текот на годините тоа се смени. Имам час-два во вечерните часови за музика, едноставно оди едно со друго, сами се балансираат. Не би можел да го замислам животот без блуз и моите другари музичари со кои заедно го основавме ЗКМ „Блуз фамилија“. Тие ме инспирираат да бидам подобар музичар иако нивното ниво за мене е недостижно. Целиот тој процес дека сум дел од нешто што го поврзува музиката ме исполнува и релаксира - вели Паскалов.

Вели дека за него, музиката е стил на живот.
- Јас сум педијатар со голема љубов кон блуз-музиката. Според мене, поврзаноста е љубовта и посветеноста, не можете да станете лекар или музичар ако вистински не го сакате тоа. Како музичар јас имам уште многу да учам, но мислам дека имам време - додава тој.

Ортопед - вљубеник во винил-плочите

Борислав Калковалиев е специјализант по ортопедија и неговите први контакти со музиката датираат од детството, со инструментот хармоника.
- Но, посериозно, ако така може да се каже, почнав со свирење на гитара во мандолинскиот оркестар во  основно училиште. Потоа следуваше и членување во бендови во средношколските и факултетските денови. За жал, што поради обврските што поради други околности, свирењето во последните години се сведува на другарување со мои драги пријатели, кое често знае да потрае и со часови. Но, љубовта кон музиката како уметничка форма никогаш не ме напушти, туку свирењето го заменив со едно друго хоби, а тоа е слушањето плочи, кое мора да кажам, во последната година, ми станува на некој начин и опсесија  - вели Калковалиев.



Плочи слуша дома, некогаш сам, некогаш во друштво на најблиските.
- Станува збор за музика која и инаку сум ја слушал и сѐ уште ја слушам. Најчесто рок од шеесеттите години, блуз. И она што можеби порано не сум го практикувал, а со винилите почнав да слушам, е фанк и изворна македонска народна музика. Години наназад ме привлекуваше магијата на винилите и оттогаш собирам и купувам плочи. Посериозно сум посветен околу 1,5 година, со инвестирање во опрема и збогатување на колекцијата на плочи - вели ортопедот.



Со часови над грамофонот

Станува порано наутро за да има време со утринското кафе да прочита нешто поврзано со работните обврски што ги носи денот, а истовремено да си пушти и некоја од плочите, пригодна за расположението.


- Во слободните денови знам да поминам часови над грамофонот, со детално преслушување на цели албуми, или одреден период од работата на некој изведувач. Мислам дека слушањето плочи, на некој начин, е мој личен отпор кон брзиот начин на живот и развојот на технологијата, кој со сите предности на модерното живеење, истовремено и многу ни одзема. Слушањето плочи нуди баш една таква приватност која, за жал, сè помалку ја имаме. И од друга страна, аналогниот сигнал на музички запис нуди една сосема поинаква димензија на слушањето музика. Така, музика која со години сум ја слушал, ме фасцинира одново со уште поголем ефект сега кога ја слушам на плочи. Ја споменав изворната македонска песна. Првото слушање на Сариевски, на пример, на плоча, ме остави без зборови, на раб на солзи до крајот на песната - раскажува Калковалиев.

Вели дека има голема поврзаност меѓу музиката и медицината.

- Сметам дека е важно секој што се занимава со интелектуална работа да има сопствен начин на канализирање на стресот што го апсорбираме од навистина брзото темпо на живеење на нашето време. Оти, само доколку сме исполнети со позитивна енергија и мир во душата, можеме да го дадеме максимумот од себе, без разлика на полето на дејност - потенцира тој.



Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема