На 23 октомври Брајан Хамилтон, менаџер на хокејскиот клуб „Ванкувер Канакс“, си заминувал од клупата кога девојка која седела на трибините во негова близина забележала сомнителна бенка на неговиот врат.
Девојката му го привлекла вниманието на Хамилтон откако му покажала порака напишана на нејзиниот мобилен телефон во која пишувало дека бенката изгледа потенцијално опасно и добро е да ја погледне лекар. Девојката била 22-годишната Надија Поповици, која дипломирала на Универзитетот во Вашингтон и планира да се запише на медицински факултет следната есен.
- Се чувствував лошо во тој момент кога си заминував од клупата, а таа го стави мобилниот телефон на стаклото и пишуваше дека бенката на вратот можеби е рак. И тоа ме исплаши - се потсетува Хамилтон.
Надија била во право и бенката навистина била тумор, а Хамилтон сакал таа да знае дека била во право. Затоа, објавил порака на социјалните мрежи во која ја бара Надија.
По само неколку часа од објавувањето на пораката, играчите и обожавателите тргнале во потрага по Надија и ја пронашле на работното место. Таа волонтирала во кризната линија за лица кои размислуваат за самоубиство.
Следната сабота хокејскиот тим играл повторно, а младата студентка го запознала Хамилтон. Надија добила овации на стадионот, а потоа било објавено дека хокејските тимови што играле во натпреварот ќе ѝ подарат 10.000 долари на Надија за да ѝ помогнат да ги плати трошоците за студирање.
Бенката на Хамилтон била отстранета откако се покажало дека е канцерогена, а по операцијата било заклучено дека здравјето на Хамилтон повеќе не е загрозено бидејќи ракот зафатил само надворешен дел од кожата. Лекарите му кажале на Хамилтон дека бенката можела да биде опасна за неговиот живот ако ја игнорирал неколку години.
Извор:
Dnevnik
Фото: Twitter