Сингапур започна петгодишна кампања со која сака да ги поттикне граѓаните повторно да најдат време за читање книги. Програмата „Рид СГ“ (ReadSG) ги повикува да читаат најмалку 15 минути дневно, а за учеството можат да добијат и симболични парични награди.
Кампањата ја започна сингапурскиот Национален библиотечен одбор (НЛБ), загрижен поради сè пократкото внимание и сè помалиот интерес за содржини што бараат подолга концентрација. Идејата е едноставна – читањето да се претвори во секојдневна навика преку цели, бодови, виртуелни монети и мали награди, пишува Си-ен-ен.
Учесниците на платформата „Крауд таск СГ“ (CrowdTaskSG) можат да пријават една сесија на читање дневно, под услов да трае најмалку 15 минути. За секоја таква сесија добиваат 20 виртуелни монети, а за еден сингапурски долар треба да се соберат 1.000 монети. Тоа значи дека до еден долар доаѓаат по 50 дена читање.
Иако заработката е симболична, парите не се главната цел на програмата. Организаторите сакаат да им понудат на граѓаните едноставна цел што можат да ја вклопат во секојдневието, на пример, за време на возење во автобус, пауза за ручек или пред спиење.
НЛБ предупредува и на промените во начинот на кој луѓето ги консумираат содржините. Кратките видеа, известувањата и непрекинатото скролање често бараат само неколку секунди внимание, додека читањето книга бара подолга концентрација. Токму поради тоа, кампањата настојува да ја врати навиката за фокусирано читање.
Проектот ќе трае пет години, а во првата фаза целта е да се привлечат 150.000 корисници
Програмата се спроведува во време на сè почести расправи за таканареченото „гниење на мозокот“, израз што се користи за опишување на можното влијание на прекумерното консумирање површинска онлајн содржина врз вниманието и когнитивните навики. Сингапур и понатаму се наоѓа при врвот на меѓународните тестирања за читачка писменост, но експертите забележуваат дека младите сè почесто губат интерес за читање од задоволство кога книгите ќе почнат да ги поврзуваат со училишните обврски и испитите.
Кампањата има и хуманитарна компонента. Забележаните минути читање можат да придонесат за акцијата „Рид фор гуд“, чија цел оваа година е да собере 7,5 милиони минути и да обезбеди до 150.000 сингапурски долари за програми наменети за децата и за други групи на кои им е потребна помош.
„Рид СГ“ ќе трае пет години, а во првата фаза целта е да се привлечат 150.000 корисници. Програмата е започната со поддршка на повеќе од 40 државни установи, образовни организации, медиуми, издавачи и други партнери.
Сепак, кампањата го отвори и прашањето дали љубовта кон книгите може да се поттикне со пари. Додека едни сметаат дека наградите можат да им помогнат на луѓето да развијат навика, други предупредуваат дека читањето би требало да биде поврзано со задоволството и љубопитноста, а не само со бодовите и заработката.
Истражувањата покажуваат дека паричните награди можат да влијаат врз однесувањето, но и да ја ослабат внатрешната мотивација кога наградата ќе ја снема. Поради тоа, Сингапур, освен на парите, смета и на заедничките цели, хуманитарните акции и чувството на напредок.
Фото: magnific