Наскоро во Белград ќе почне да кружи автобус кој барем малку ќе им го олесни животот на сите луѓе што живеат на улица.
-„ДрумоДом“ наскоро почнува со работа (по една година подготовки). Ќе биде наменет за сите во Белград што се без дом. Станува збор за адаптиран автобус кој ќе ги посетува местата каде што престојуваат овие наши сограѓани и ќе им обезбеди бесплатно туширање, тоалет, потстрижување, перење на облеката и можност за разговор. Заедно ќе бараме трајни решенија. „ДрумоДом“ ќе биде наш проект, проект на сите луѓе што сакаат да ги поддржат овие наши сограѓани и сограѓанки - стои во објавата на фејсбук-страницата на „ДрумоДом“.
Градските власти на Сан Франциско воведоа иста ваква услуга пред неколку години. Тамошниот автобус трипати неделно застанува во центарот на градот за да можат бездомниците бесплатно да се искапат. Проектот започна откако преку интернет-кампања беа собрани 75.000 долари за обнова на постар автобус. Компанијата „Гугл“ донира дополнителни 100.000 долари.
Се проценува дека на територијата на градот Белград има меѓу 3.000 и 5.000 бездомници, од кои 1.000 се малолетници. Зад акцијата „ДрумоДом“ стои
фондацијата „Адра“.