X
 26.05.2021 Образование

Белград ќе им даде бесплатни таблети и дигитални учебници на учениците до четврто одделение

Сите ученици од прво до четврто одделение во Белград ќе добијат бесплатни таблети и дигитални учебници, најави заменик-градоначалникот Горан Весиќ.

Тој потсети дека 66.573 основци и околу илјада деца што одат во посебни училишта ќе добијат бесплатни таблети и дигитални учебници.

- Нашата земја постигна значителен напредок во дигитализацијата. Сведоци сме како се развива е-управа, па затоа полека одиме кон укинување на шалтерите. Време е да се дигитализира училиштето. Затоа Градот Белград издвои средства така што сите деца од прво до четврто одделение ќе добијат бесплатни таблети од 1 септември, за кои ќе бидат задолжени училиштата, а родителите ќе потпишат реверс. Потоа ќе објавиме тендер за набавка на дигитални учебници, така што секое дете ќе добие код и на таблетот ќе го има истиот учебник што го има на училиште. Децата нема да мораат да носат учебници дома. Градот Белград ќе обезбеди дигитален учебник за секое дете - истакна Весиќ.

Издавачите ќе имаат уште една година доколку сакаат да ги дигитализираат и работните тетратки, додаде Весиќ.

- Ова е голема работа за Белград. Освен во Естонија, во Европа нема земја во која децата од прво до четврто одделение имаат таблети и дигитални учебници. Ова покажува колку напредуваме како земја и среќен сум што Белград дојде до ситуација да има пари за ова - наведува Весиќ, нагласувајќи дека во проектот ќе бидат вложени речиси четири милиони евра.

2
Фото: Freepik

Наведената сума не е трошок, туку, како што вели заменик-градоначалникот, инвестиција за иднината.

За повисоките одделенија ќе се дискутира во наредните години, а засега проектот се однесува на пониските одделенија во основните училишта.

На крајот, Весиќ изјави дека училиштата ќе избираат учебници и Белград нема да се меша во нивниот избор. Градот ќе преговара со издавачите за цената на учебникот затоа што треба да биде значително пониска, имајќи предвид дека нема да има трошоци за печатење и дистрибуција.

Фондацијата „Алек Кавчиќ“ објави дека ја поздравува иницијативата на Белград за набавување бесплатни таблети и им понуди на сите основни училишта, наставници и ученици бесплатно користење на учебниците на веб-страницата www.besplatnabiblioteka.com.

- Учебниците на оваа веб-страница може да се користат без кодови и без интернет-врска. Потребни се околу 10 секунди за да се преземе еден ПДФ-учебник, а може да се зачува на таблетот и да се користи без интернет - вели основачот на фондацијата, Александар Кавчиќ.

Извор: Rs1info.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование