X
 17.10.2018 Живот

„Златните пасоши“ ѝ се закануваат на европската безбедност

Европската безбедност е изложена на ризик од таканаречените „златни пасоши“, кои им овозможуваат на државите да продаваат државјанства или престој на потенцијално „опасни“ поединци, предупреди комесарката за правда на ЕУ.

Вера Јурова ги опиша програмите како проблематични и нефер повторувајќи ги приватните грижи на европските разузнавачки агенции, кои се плашат дека „златните пасоши“ им се даваат на луѓе со доволно пари да купат пристап до Британија и Европа. Нејзините коментари доаѓаат кога Малта и Кипар се најдоа на црната листа, на која се наоѓаат 21 земја што имаат вакви шеми со пасошите и за кои се смета дека претставуваат висок ризик од затајување данок. Листата беше објавена во вторникот од ОЕЦД, кој бара построги контроли. Двете земји-членки на ЕУ веќе им имаат продадено државјанство на стотици физички лица од Русија, Кина и од Блискиот Исток.

Јурова рече дека правењето пари е ставено пред безбедноста.

пасош

- Разбирам дека шемите за државјанство се поволни за економијата. Но, ова не е фер за луѓето што не можат да си дозволат да купат државјанство. А државјанството е нешто толку големо и толку вредно, што државјанството што се продава е проблематично за мене - изјави таа.

- Имаме легитимни грижи, бидејќи ако во една земја опасна личност добива државјанство, таа добива државјанство низ цела Европа. Можеби сите мора повторно да започнеме преговори за целиот систем и целата надлежност на Европа бидејќи постои контрадикција. Ако постојат слаби точки во ЕУ, слаби точки каде што е лесно да се влезе, цела Европа има проблем - додава таа.

Јурова треба да издаде извештај што препорачува многу построги контроли на ваквите шеми до крајот на годината. Во моментот Брисел нема моќ да ги забрани, иако тоа може да се промени. Комесарката рече дека нејзиниот извештај ќе инсистира на вистински врски помеѓу купувачот на пасош и земјите во кои бараат државјанство.

Во Малта човек може да добие државјанство во замена за придонес од 650.000 евра кои одат во развојниот фонд на земјата или преку купување или изнајмување имот, како и инвестиции од најмалку 150.000 евра во државни обврзници. Шемата на Малта не бара од новите граѓани да поминат време на имотите што ги купуваат и изнајмуваат. Шемата е дизајнирана од компанијата „Хенлеј и партнерите“, која собира комисија за секој продаден пасош и досега заработила 19 милиони евра од договорите.

Компанијата изјави дека постои значајна општествена вредност создадена преку овие програми, што може да ги охрабри странските инвестиции и да го зајакне локалниот БДП.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот