X
 17.11.2021 Наша тема

„На Западот се цртаат 23 и 24 век, а ние стоиме заглавени во минатото“: Интервју со карикатуристот Миле Манчевски-Милман

Вечерва во Велес се отвора „Самостојна изложба на ковид-карикатури посветена на здравствените работници“. Денешните, вчерашните и идните настани сум ги нацртал по 100 пати, ништо не е ново во општеството, вели авторот Милман

„Миле Манчевски наоѓа време, енергија и мотив да ѝ пркоси на состојбата во која се наоѓаат карикатуристите кај нас, а и во светот. Во времето во кое живееме стварноста ја замени карикатурата. Во јавната комуникација денес како да недостига артикулација, затоа – крајно време е да ја вратиме карикатурата на вистинското место, а Миле Манчевски неуморно работи на тоа!“, истакна извршната директорка на „Остен“, Корнелија Конеска, неодамна пред самостојната изложба на велешкиот карикатурист Миле Манчевски, познат како Милман. Тој годинава ја доби наградата за животно дело „Цицо“, наменета за македонски карикатуристи, која му беше врачена во просториите на Светската галерија „Остен“ во Скопје, што е своевидна круна на неговата 38-годишна уметничка кариера.

Манчевски живее и работи во родниот град Велес. Својата прва карикатура ја објавил во 1984 година и оттогаш објавил и публикувал повеќе од 4.500 карикатури, кои јавноста ги видела на стотина изложби. Вечерва (среда) во Ликовниот салон во Велес (19 часот) ќе биде отворена неговата „Самостојна изложба на ковид-карикатури посветена на здравствените работници“.



Каква уметност е карикатурата?

- Карикатурата е комбинација од новинарство и уметност. Да се изработи една карикатура, потребно е да се познаваат сите прилики и неприлики во општеството. Во новинарството можеш сите настани со текст да ги објаснуваш, што не е мала работа. А, во карикатурата А4-страница можеш да ја направиш без да користиш зборови. Потребна ти е информација, за што треба да имаш новинарски осет и сето тоа треба да го претвориш во цртеж во различна техника и затоа карикатурата се смета за таква комбинација.

Каков е денес односот на гледачот кон карикатурата, има ли артикулација во јавната комуникација во ова дигитално време?


- Баш сега на светската галерија во Скопје имавме панел-дискусија со меѓународно искуство. Општ заклучок е дека на времето барем кај нас во Македонија имаше десетици пишани медиуми. Имавме локални весници, фабрички весници, каде што ние, карикатуристите, имавме можност да ги пласираме своите карикатури. Меѓутоа, времињата си го направија своето и денеска електронскиот начин на презентирање на социјалните мрежи ни е единствено место каде што можеме да ги искажеме своите ставови преку карикатура, што и не е толку добро. Во времето на златните уредници имавме карикатури кои ќе ги однесевме да ги разгледаат и ако не друго, имаше барем корекција на нашиот литературен јазик. Мене ми се случувало да однесам по 30 карикатури, а 3-4 од нив да бидат објавени. Имаше тежина и строги критериуми. Денес на „Фејсбук“ можеш да си пуштиш што сакаш и сите среќни, а немањето критериум е најлоша придобивка од дигитализацијата.



Може ли карикатурата да го следи дигиталниот тренд?


- Го следи. Кога објавувавме во весник, ние цртавме карикатури во колор. Денес сѐ се сведува на дигиталната техника, што е многу брзо и многу едноставно. Тогаш секоја карикатура беше оригинал од авторот. Но, мора да се приспособи човек на времето кое доаѓа и тоа беше општ заклучок кај сите колеги. На овие фестивали што ги имаме ги пласираме оригиналните карикатури кои се врска помеѓу уметноста и новинарството, додека во секојдневието тоа најчесто е дигиталната карикатура.

Кога почнавте со карикатурата, цртаните, хуморот и сатирата?

- Првата ми беше објавена во „Студентски збор“ во 1984 година. Таму постоеше група од карикатуристи „Кикс“, од која излегоа најдобрите карикатуристи во Македонија. Групата имаше свој меѓународен конкурс за карикатура, на кој учествуваа најпознатите светски уметници. Јас ја имав таа чест неколку години да бидам уредник на „Кикс“ и добитник сум на неколку награди на тој фестивал.



Што ви претставува наградата „Цицо“ за животно дело, која неодамна ја добивте, олеснување или товар?

- Овие денови размислував баш за тоа. Сепак, убава сатисфакција е за моите 38 години во карикатурата и објавени над 4.500 карикатури, над 100 изложби. Ме изненадија малку, уште сум млад за таа награда. Ќе ми биде провокација да творам и понатаму и не планирам да сопрам. Оваа изложба сега е во Велес, а учествував на повеќе меѓународни фестивали во Куба, Англија, Индонезија, Мароко, Португалија, Кина, Хрватска и во Јапонија.



Изложбата е на тема ковид-19 и пандемијата, за кого е наменета и колку карикатури настанаа во време на пандемијата?

- Во пандемијата настанаа повеќе од 1.200 карикатури. Темата е поддржана од сите карикатуристи во светот. Цел свет работи карикатури за поддршка на здравствените работници. Ова е светска војна во која треба да си подадеме рака еден на друг, особено на здравствените работници. Во војна го гледате непријателот од другата страна на ровот, тука не гледате ништо. Тука гледате само пациенти за кои лекарите се борат деноноќно. Оттаму е поривот да се поддржат. Моите карикатури се превентивни, во дел од нив ги поддржувам лекарите и мислам дека ние како уметници дадовме голем придонес. Не запирам тука затоа што ковид-19 веројатно ќе има уште полувремиња.

Колку оваа кампања ја цени лекарската фела, како публиката ги прими овие карикатури и до кога ќе цртате на таа тема?

- Одлично, презадоволен сум. Ги читав коментарите од инфектолози од Гевгелија, Велес, Кичево, Битола, Кочани кои зборуваат за карикатурите. Јас би сакал утре да престанам со цртање, но, за жал, мислам дека ќе ја презимиме и оваа зима со пандемијата. Нема точни предвидувања кога ќе заврши. Еден од лекарите напишал во каталогот на карикатури: „Ти благодариме, ама ајде доста е, нека заврши пандемијата и да гледаме друго.“

Доктор Јован Узунов на една од Вашите изложби рече дека смеата и шегата ја победуваат трагедијата. Кај нас кој кого победува во последните 30 години?

- Имав една изложба лани и никој не знаеше дека тоа се карикатури од пред 30 години. Не сменив ништо во текстот, само технички ги преработив. Ја отворам изложбата и велам овие карикатури се стари, што би се рекло дека за три децении ништо не се променило кај нас во општеството. Темите се исти, а сите се смееме на нешто на што сме се смееле пред 30 години. А тоа не е смешно, тоа е веќе трагедија. Денешните, вчерашните, утрешните настани во Македонија, ние и колегите сме ги нацртале по 100 пати и ништо не е ново.



Што цртаат колегите од развиените општества?


- Раѓањето на сѐ поголем број карикатуристи кај нас и во соседството е показател дека нешто не штима во општеството и дека се раѓа критичка мисла. Ме воодушевува кога ќе видам дека колегите од Запад цртаат литература, вселена, екологија. Тие ги цртаат 23 и 24 век, а ние сме тука заглавени. Не сфаќаме дека бродот ни тоне. А како дозволивме бродот да тоне? Се исполитизиравме и не може да биде поинаку. Секој политичар придонесе да дојдеме до ова дереџе. Проблемот е што не гледаме напред, туку сме заглавени во минатото и навистина не знам како ќе се одглавиме како општество.



Фото: приватна архива
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема