Карикатурата е всушност чудна уметност и иако на прв поглед изгледа смешно, можеби најдобро ги опишува состојбите во животот и можеби е најблиска до реалниот живот од сите други уметности, вели за Факултети.мк професор д-р Јордан Ѓорчев
Тој е еден од ретките оживувачи на избледената македонска карикатура. Активно се занимава со цртање уште од средношколските денови. Неговите карикатури во минатото можеле да се сретнат во „Млад борец“ и „Студентски збор“ , подоцна во „Остен“ и во многу странски медиуми. Денес, сатиричниот цртеж на проф. д-р Јордан Ѓорчев, кој совршено добро ја отсликува денешницата, можете да го сретнете на неговата
фејсбук-страница.
Ѓорчев неодамна укоричи дел од своите карикатури преку серијал на тријазични збирки на карикатури: „На мој начин“, „На мој начин 1“ и „На мој начин 2“ .
Тој е поранешен градоначалник на Општина Свети Николе, основач на Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“, автор е на повеќе збирки поезија кои се објавени на македонски и на руски јазик – „Еден, една, едно“, „Чекори еден ден осамен“ и „Здивот на волшебното огледало“. Ја има напишано збирката раскази „По 3000-тата“, која беше објавувана во повеќе македонски весници. Во 2020 година го објави илустрираното кратко дело „Принцот што личеше на малиот принц“, а се потпишува и на повеќе стручни книги од областа на економијата.
Низ разговорот се задржавме за карикатурата како форма на изразување.
Сега кога едвај се создаваат карикатури или некогаш кога конкуренцијата беше голема, кога е потежок патот на еден карикатурист?
- Во Македонија сѐ уште творат неколку добри карикатуристи, но за жал освен на социјалните мрежи, тешко дека некаде се објавуваат (со чесни исклучоци). Да се биде карикатурист не само во Македонија, туку и во светот не може да се смета дека професионално ќе може да се живее од тоа. Тоа е повеќе страст и лично задоволство отколку професија.
На што се должи неприсутноста на карикатурите во нашето секојдневие, за разлика од порано кога најчитана страница во дневниот печат беше токму онаа со карикатурата?
- Не, воопшто не е изгубен интересот за карикатурата, само формата и носителите на визуелната порака се изменети. Печатените медиуми стотици години беа главни носители на карикатурата до читателите. За жал, печатените медиуми во последно време го изгубија своето значење, но не само за карикатурата, туку и воопшто, и не само во Македонија, туку и во светот. Но карикатурата сега го најде својот простор во електронските медиуми и социјалните мрежи. Секоја порака што ја носи карикатурата сега доаѓа до читателите на најбрзиот можен начин. Денешното време носи, всушност, и нов модел и нова парадигма за карикатурално изразување. Сега го нема уредникот во редакцијата, на некој начин нема ни цензура освен самоцензурата, карикатуристот е оставен сам на себе да одбере што претставува добар вкус, префинет хумор или политичка порака или воопшто каква било порака. Но, за жал, кога ги нема редакциите да ја вршат својата уредувачка политика, ја нема ни континуираноста на стилот, а го нема ни она слатко исчекување на излегувањето на весникот од печат.
Проф. д-р Јордан Ѓорчев
Какво е местото на карикатурата во општеството денес споредено со минатото?
- Порано карикатурата и стрипот беа многу популарни и како блиски уметности се надополнуваа во многу нешта. Сите професионални карикатуристи и стрип-цртачи по правило се припадници на синдикати. Синдикатите во овој случај не се работнички синдикати, туку се трговци и дистрибутери за уметничките дела, на пример, King features синдикат, Universal strip art и слични кои де факто ја развиваат и унапредуваат кариерата на авторот. Тие, всушност, ги промовираат за да бидат мегапопуларни авторите. Во Македонија, за жал, нема такви, туку авторите мора да побараат членство во некои од странските синдикати. Мислам дека претходните генерации беа понаклонети кон визуелните уметности и поради начинот на живот и поради отсуството на електронските уреди. Практично тогаш сите уживаа во цртањето и во предметот ликовна уметност.
Каква иднина посакувате за Вашите карикатури?
- My way станува популарна фан-страница која ја следат околу 70.000 луѓе низ цел свет и секоја година расте за 10.000 нови читатели. Своевремено излегуваше на англиски и на руски јазик. За приближно еден месец целата фан-страница ќе претрпи мала реконструкција за да можат да ја следат уште повеќе читатели. Оваа година ќе излезе од печат четвртата книга „My way“, а тоа се карикатурите публикувани во 2021 година.
Имам впечаток дека секој ден цртате нов цртеж. Колку време цртате една карикатура?
- Техниката на цртање на карикатурата е рутинирана и не одзема многу време, идејата е потешкиот дел во создавањето и во принцип секој ден излегува по една карикатура на фан-страницата, но понекогаш правам кратки паузи не поради недостиг на идеја или карикатура, туку поради некои објективни причини.
Се случило ли досега некој да се пронајде и да се навреди од Ваш цртеж, па да реагира?
- Досега нема никој директно изреагирано дека се навредил од некоја карикатура, напротив, често оние на кои се однесува карикатурата се смеат на апсурдноста на определени ситуации. Добрата карикатура понекогаш знае да ги „излекува” нездравите навики.
Што Ве прави среќни по завршеното дело?
- Карикатурата е всушност чудна уметност и иако на прв поглед изгледа смешно, можеби најдобро ги опишува состојбите во животот и можеби е најблиска до реалниот живот од сите други уметности, таа е кратко збиено текстуално ликовно дело и како такво од моментот на создавањето, односно од моментот на појавување во јавноста веќе го живее својот живот. Ми се чини дека понекогаш ни авторот не може да ги сфати скриените пораки кои некои од читателите ги пронаоѓаат во нив. Никогаш однапред не можете да знаете која карикатура ќе стане многу популарна, а која ќе биде просечна или незабележлива. По извесно време од создавањето таа се отуѓува од авторот и има сопствена судбина, дури и јас како автор кога ги гледам постарите карикатури, не можам да се сетам од каде дошла таквата идеја. Затоа мислам дека единствената работа што вештачката интелигенција нема да може да ја прави се карикатурите.
Какви карикатури Ви се допаѓаат, имавте ли идоли?
- Нормално, стрипот и карикатурата се многу слични уметности, но сепак различни, многу од стрип-цртачите ми беа идоли или сакав да ги имитирам или да го работам тој стил. Подоцна стиловите се прочистуваат, претпоставувам од влијанија и се создава самостоен модел на размислување и на создавање. Како младинец многу ги сакав Френк Робинс, Џон Прентис, Хуго Прат од карикатуристите, особено Гери Ларсон, нормално и нашите македонски карикатуристи извршија големо влијание врз моето спознавање на карикатурите.
Фото: приватна архива