Првата мисија на Марс на НАСА што вклучува човечки екипаж е години пред нас, но веќе се појавија неколку интересни предлози за изгледот на вселенската инсталација која ќе биде дом за астронаутите пред да тргнат кон Црвената Планета.
Индустрискиот гигант „Локхид Мартин“ овој прототип го претстави во Кејп Канаверал, а неговиот централен елемент е цилиндричен модул со димензија од 6,7 метри на 5,02 метри. Овој вселенски мотел е помал од Меѓународната вселенска станица, која е составена од 16 помали модули што покриваат поголем простор од просечен фудбалски стадион.
Со оглед на големината на цилиндрите, животот во вселената ќе биде прилично тесен за четири астронаути кои таму би требало да живеат до 60 дена пред да тргнат кон длабоката вселена.
Фото: Lockheed Martin
- Станува збор за нешто слично како камп-приколките - внатре цело време ќе ги преместувате работите за да се приспособите на просторот за живеење. Масата и каучот ќе се претворат во кревет, а останатите работи ќе ги распоредите во посебни оддели - вели Бил Прат, менаџер на „Локхид“ програмата за мотели во длабоката вселена.
Цилиндричниот вселенски мотел, покрај просториите за спиење, ќе има и опрема за вежбање, место за складирање работи, простор за научни експерименти и кујна. Модулот е осмислен како дел на предложената вселенска станица на
НАСА, „Дип спејс гетавеј“, минијатурна вселенска станица која би кружела околу еден месец и би служела како едно од местата на пат кон длабоката вселена.
Фото: Lockheed Martin