X
 17.12.2022 Наука

ДНК-истражување дава нови сознанија за историјата на Евреите во Европа: Третина од населението потекнува од една жена

Кон крајот на првиот милениум, на територијата на Светото Римско Царство била формирана еврејска етничка група по име Ашкенази, која, според некои процени, сочинувала само 3 отсто од еврејското население во 11 век. Во следните векови тие се развиле оставајќи зад себе неизбришлив белег и придонеси од кои имало корист целото човештво.

- Ако ги споредите Ашкеназите од САД и Израел денес, тие генетски се многу слични, без оглед на тоа каде живеат. Се чини дека станува збор за речиси иста популација - вели генетичарот Шаи Карми од Хебрејскиот универзитет во Ерусалим. Но, античкото истражување на ДНК што Карами го спровел заедно со меѓународен тим истражувачи покажува дека за разлика од денешната еднообразност, заедницата Ашкенази во Ерфурт пред 600 години била генетски поразновидна.

- Нашата цел беше да ги пополниме празнините во нашето разбирање на раната историја на Евреите Ашкенази преку податоци добиени од античка ДНК - објаснува Карми.

Мала популација


И успеале во тоа бидејќи сè укажувало дека т.н. „основачки ефект“ во овој регион се случил пред 14. век. Тие дошле до овој заклучок првенствено гледајќи ја митохондријалната ДНК - генетскиот материјал што го наследуваме од нашите мајки, врз основа на кој откриле дека околу 30 отсто од испитаниците споделуваат една специфична секвенција. Со други зборови, раното еврејско население на Ашкенази било толку мало, што една третина потекнувале од една жена ако се гледа само линијата од мајката.

Најмалку осум лица од Ерфурт, исто така, носеле генетски мутации кои предизвикуваат болести вообичаени кај современите членови на истата група, но ретки кај другите популации - белег на „основачкиот ефект“.

- Евреите во Европа биле религиозно малцинство кое било социјално сегрегирано и периодично доживувало прогонство - вели генетичарот Дејвид Рајх од Универзитетот „Харвард“. Сепак, тие се населиле во Ерфурт на почетокот на 14 век и се развиле во една од најголемите Ашкенази заедници во Германија.

Многу прашања остануваат неодговорени, како на пример како средновековните еврејски заедници Ашкенази станале генетски различни, колку биле поврзани раните Ашкенази Евреи со Евреите-Сефарди и како современите Евреи се поврзани со оние од античка Јудеја? Но, авторите се согласуваат дека оваа студија дава добра основа за понатамошни истражувања.

Извор: National Geographic
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука