X
 01.01.2018 Живот

Годишен хороскоп за 2018 година

хороскоп

2017 година веќе ја затвори вратата зад себе, а 2018 чека со голем број изненадувања и промени. Од астролошки аспект, овните енергично ќе влезат во новата година, а потоа ќе се одмараат во втората половина од годината, рибите ќе бидат желни за патувања, додека биковите и раковите очекуваат старо-нова љубов. Што порачуваат планетите за вашиот знак во новата година, прочитајте во продолжение.

Овен

Иако претходната година беше малку нестабилна на работен план, веќе од јануари 2018 година ќе имате можност за нови подвизи. Иако потсвесно се сомневате во себе, бидете отворени за нови можности бидејќи успехот нема да изостане. Обрнете внимание во текот на април и мај бидејќи во тој период ќе имате чувство дека среќната низа завршила. Од мај може да очекувате и изненадувачки промени на финансиски план, и во текот на летото раст на приходите, но и на расходите. Октомври е позитивен месец за ребаланс на буџетот и за издвојување на важното од неважното. Вашата задача за наредните седум години е да научите како да ги менаџирате парите.

Кога станува збор за љубовта, доколку сте сами и барате љубов, пролетта е вистинско време за тоа. Во текот на март Венера, планетата на љубовта, е во вашиот знак, така што некој изненадувачки може да ви го привлече вниманието и од пријателство може да се развие љубов. Ако веќе сте во врска или брак, ова не е година на терање инает, туку година за компромиси. Почетокот на есента е вистинско време за ретроспекција и преиспитување на вашиот однос, така што многу овни до крајот на годината ќе се одлучат на многу сериозни чекори (венчавка, основање семејство) бидејќи на некој чуден начин ќе сфатат дека моменталниот партнер е ваша судбина и дека вашите души се поврзани на многу подлабоко ниво.

Што се однесува до здравјето, чувајте ја вашата психа - ова е особено важно за овните во текот на оваа година. Во текот на мај, август и септември можна е голема драма во вашиот живот, без некоја посебна причина, што ќе ве доведе до лудило. Иако сте голем борец за правда, понекогаш подобро е да прескокнете конфликт, да се свртите и да си одите. Во текот на април внимавајте во сообраќајот.

Бик


Драги бикови, врзете ги појасите, полетуваме! По седум години престој во знакот на овен, Уран во мај се сели во вашиот знак. Уран последно престојувал во знакот на бик пред повеќе од 80 години, така што дефинитивно ова е ново искуство за вас. Идеите за нови бизнис-подвизи ќе ве преплават оваа година и ова е вистинско време да ги реализирате. Ако размислувате за започнување приватен бизнис, втората половина на август е поволна за тоа. Повеќето вработени бикови ќе имаат чувство дека повеќе не им одговара  моменталната позиција. Доколку не сте задоволни со моменталната ситуација, пролетта и есента се добри периоди за барање нова работа. Секако, не треба да брзате со конечната одлука. Ако најдете нова можност, подобро би било прво да проверите колку е долгорочно исплатливо да се менува позицијата, а потоа да го преземете наредниот чекор.

На емотивен план, зимата и пролетта за многу бикови ќе бидат како од бајка. Романтични патувања, дискретна вечера со свеќи и чувство на длабока поврзаност со партнерот. Но во текот на втората половина од летото биковите ќе почнат да чувствуваат замор во емотивните врски и ќе почнат да се оддалечуваат од партнерот. Во текот на есента можно е обновување на контактите со поранешна љубов, така што зафатените бикови ќе мора да донесат одлука дали сакаат да се обидат да ја стабилизираат моменталната врска и да ѝ се вратат на поранешната љубов, или пак крајот на годината да го дочекаат сами и посветени на себе. Слободните бикови во текот на октомври ќе имаат можност за старо-нова љубов, така што тоа е шанса што не треба да се пропушти.

Доколку се прашувате какво ќе биде вашето здравје оваа година, потребно е да внимавате и да се чувате од настинки. Вашата исхрана е лоша, и тоа може да ви се одрази на кожата, а ќе имате проблеми и со грбот.

Близнаци


Полната месечина на вашата оска на финансии и конјукцијата на Марс и Јупитер во вашето поле на секојдневието се сосема солиден почеток на работен план за оваа година, но поголемиот дел од годината сепак ќе бидете во финансиски осцилации. Тешкиот период може да кулминира во текот на летото. Сепак, долгиот престој на Марс во вашето поле на едукација донесува нова енергија што ќе ви годи. Близнаците што студираат или се средношколци и оние постарите близнаци можат да профитираат ако стекнат нови знаења и вештини. Крајот на август ви донесува брзо влегување во нов бизнис-подвиг или работа на одредено време. Можноста е добра, само проверете дали работите се законски регулирани.

Сатурн кон крајот на 2017 година го напушти знакот на стрелец, па слободните близнаци конечно во оваа година ќе излезат од емотивна стагнација и заробеност во минатото. Не дека оваа година ќе биде одлична за љубов, но ќе биде далеку подобра од претходната. Кон средината на пролетта се отвора можност за влегување во врска со личност од вашето непосредно опкружување. Тоа може да биде сосед/сосетка, пријател/пријателка или некој бизнис-соработник. Така што, ако сте слободни и ако сакате врска, заострете ги сетилата во текот на пролетта. Близнаците во долга врска или брак во текот на пролетта може да патат од хроничен недостиг на комуникација со партнерот. Ќе бидете преокупирани со работата и/или некои семејни проблеми и постојано ќе бидете во временски расчекор со вашата сакана личност. Не грижете се, и тој период ќе помине. Можеби нема оваа година да имате многу време за саканата личност, но планетите ќе ви помогнат преостанатото време да го искористите на најдобар можен начин.

Во новата година на удар се сите органи поврзани со излачување супстанции од организмот. Тука спаѓаат црева, уринарен тракт, но и респираторниот систем. Добро би било да се одлучите за поголема физичка активност.

Рак


На финансиски план, 2018 година ќе биде многу постабилна од претходната. Но со самиот почеток на годината ќе се создаде ново прашање - колку вие сте емотивно задоволни од работата што ја работите, дали работите со полно срце, дали се внесувате себеси во работата до последната трошка емоција што ја поседувате? Барањето одговори на ова прашање ќе биде посебно нагласено во февруари. Ако навистина сакате да промените нешто, ќе се појави нова бизнис-можност во втората половина на ноември, со помош на пријателите, кои претходно ви ветиле нешто вакво, но во тој момент не биле во можност да го реализираат тоа.

Раковите сепак најмногу внимание во новата година ќе посветат на емотивен план, бидејќи ова е област во која најмногу можат да доживеат експанзија. Јупитер, поддржан од Марс, уште на почетокот на годината ќе ја разгори страста во вашиот случај. Поради тоа, многу слободни ракови најдоцна до почетокот на летото непромислено ќе влезат во нова врска, со личност чија професија бара некаков вид униформа. Ако сте во врска, без разлика дали е кратка или долга, во текот на есента ќе влезете во фаза на преиспитување, и вашата врска ќе премине на едно сериозно ниво. Добриот аспект на Венера и Јупитер, на припадничките на поубавиот пол ќе им донесе и бременост.

Летото нема да ви годи поради осцилација во крвниот притисок, што може да доведе и до повремени несвестици. Ќе ве мачат и лошите соништа. Припадниците на знакот што страдаат од хронични болести ги очекува значително подобрување на здравствен план од втората половина на ноември.

Лав

Лавовите во текот на оваа година ќе бидат фокусирани на развојот на својата кариера, на стекнување позиции и зголемување на заработката. Но претераната фокусираност на работен план за многу лавови може да доведе до тензија на емотивен и семеен план. Во текот на април и мај внимавајте на работната атмосфера, посебно ако сте дел од поголем колектив. Сакале или не, овој период често ќе влегувате во конфликт со колегите. Од август може да очекувате стабилизација, а најамбициозните лавови до крајот на годината ќе одлучат да ја променат професијата или да започнат дополнителна работа. Оваа година е добра за вложување во недвижности, купување стан или куќа, реновирање и слично.

Како што веќе е споменато, лекцијата на лавовите во оваа година е да научат да направат баланс помеѓу приватниот и работниот живот. Многу лавови ќе почувствуваат засилена потреба да се насочат кон себеси и кон своите интереси. Проблемите ќе ги туркате под тепих, за потоа во еден момент сите наеднаш да излезат на виделина. Иако во август ќе бидете успешни во работата, на емотивен план ќе имате проблеми. Но после турбулентното лето, лавовите во текот на есента ќе научат да уживаат во топлата и семејна атмосфера и работата ќе ја остават настрана. Слободните лавови уште од почетокот на пролетта ќе имаат доста додворувања и понуди, но ниту една прилика нема да им се допадне.

Во текот на годината голем дел од вас ќе се пожалат на болки во забите, зглобовите, грбот и срцето, односно ќе имаат проблем со тахикардија. Ако е неопходен хируршки зафат, доколку е можно, одложете го за ноември или декември.

Девица


Првата половина на 2018 година на работен план за девиците ќе биде сосема солидна. Работите ќе течат според планираното. Но во текот на летните месеци многу девици ќе сфатат дека нивната работа е всушност „само работа“ и дека нивната моментална работна позиција не ги исполнува емотивно, и на некој начин ги задушува. Во втората половина на летото чувајте се од конфликти со надредените. Но не се работите толку црни. Во август ќе добиете зголемување на приходите, а ако одлучите дека сакате поголема промена и пресврт во кариерата, декември е вистинскиот месец за тоа. Невработените девици ќе бидат малку депресивни на почетокот од годината бидејќи навикнале на работата. Уште во јануари можете да очекувате понуди за некои ситни бизнис-можности, а подобра понуда очекувајте најдоцна до половината на мај.

Конечно е време да се опуштите и да се посветите на љубовта. На почетокот на годината се јавува желба за слобода и нови авантури. Годината ќе биде полна со романтични случувања, но и откривање одредени тајни. Оние девици што долго време се во врска воопшто не треба да се грижат - нивните врски ќе опстојуваат и на повидок е нешто посериозно - деца или брак. Сатурн влегува во вашето поле на емоции, каде што може да донесе стабилизација, но само ако станува збор за вистинска љубов.

Девиците важат за педантни суштества и многу се грижат за нивното здравје, но грижите околу финансиите и презатрупаноста со работата ќе доведат до хронична исцрпеност и несоница, и честа мигрена. Внимавајте, дигестивниот систем може да биде на удар, па затоа се препорачува да ја подобрите исхраната. Можен е недостиг на минерали, а можеби и железо или зголемен шеќер во крвта. Можни се и физички повреди, особено во пределот на потколеницата, на почетокот на годината и во текот на летото.

Вага


Работната година за вагите ќе започне добро. Уште на самиот почеток, средбата помеѓу Марс и Јупитер во вашето поле на финансии донесува нови извори на приходи или зголемување на приходите на некој друг начин. Но расходите ќе се зголемат во текот на март, а на почетокот на летото ќе имате финансиска обврска кон еден член од семејството и ќе се чувствувате должни да помогнете, така што ова нема да можете да го избегнете. Во текот на април се можни помали проблеми во врска со недвижностите, не се препорачуваат нови вложувања во оваа насока, освен извршување на веќе започнатото. Кон крајот на годината ќе ви се отворат нови работни можности. Напнатиот аспект на Сонцето и Уран во текот на октомври ви препорачува да го оставите егото настрана, бидејќи во спротивно ќе потегнете погрешни потези. Овој аспект ви препорачува да не влегувате во конфликти со колегите од работа, што генерално треба да го избегнувате во текот на целата година.

И слободните и зафатените ваги ќе доживеат голем број искуства на емотивен план во текот на поголемиот дел од годината. Ретроградниот Марс во вашето поле на емоции може да активира личност од минатото и наеднаш да ја доведе во вашиот живот. Колку и да е силно искушението, со оваа личност нема да можете да реализирате ништо повеќе од физички контакт. Слободните ваги можат да се впуштат во оваа приказна, но оние зафатените може да изгубат многу работи. Исфрлете го старото и побарајте нешто сосема ново, па крајот на годината ќе го дочекате во стабилна врска. Сатурн донесува заладување на семејните односи, конфликт меѓу децата и родителите. Без разлика дали сте родител или дете во оваа приказна, нема да ви биде лесно, особено во текот на втората половина од пролетта.

Во првите четири месеци нагласен е проблемот со органите за дишење, честите проблеми со носот и кашлица, а особено на удар се оние што патат од алергија. Обрнете внимание на сите промени на кожата и јавете се на доктор.

Скорпија

Скорпиите оваа година може да очекуваат почеток на стабилизација на финансиските ситуации бидејќи Сатурн конечно го остава вашето поле на финансии на мира. Оваа година ќе бидете исклучително креативни и полни со идеи поврзани со работата. Но, за успех е потребно време. А ако некој знае што го чека во заседа и како да го „нападне“ проблемот во најдобар момент, тогаш тоа сте вие, драги скорпии. Единствено што од вас се бара е да бидете трпеливи - првите поголеми резултати ќе можете да ги очекувате во последниот квартал од годината. Напнатиот аспект на Марс и Нептун може да доведе до ненадејни трошоци во текот на февруари, а во другата половина на јули и на почетокот на август ретроградниот Меркур ве опоменува да внимавате што потпишувате и да обрнете внимание на заостанатите проблеми од претходниот период.

Во втората половина на мај Уран влегува во вашиот сектор на партнерски односи и таму останува речиси седум години. Ова означува сосема нова ера во вашиот живот, кога станува збор за партнерските односи. Самиот почеток на овој период може да биде помалку тежок, со неочекувани и драматични промени, но драмата е уметничкото име на секоја скорпија. На почетокот од летото веројатно ќе почнете врска со чудна личност со која не споделувате никакви интереси, што ќе предизвика чудење помеѓу вашиот потесен круг на пријатели или семејството. Но, врската ќе биде кратка. Во септември Уран тргнува ретроградно, и тогаш ќе сфатите дека сепак ви е потребно нешто „нормално“ на емотивен план.

Ѕвездите советуваат повеќе престој во природа, јога или некој друг начин на опуштање. Како и кај овните, и вие првенствено во новата година мора да обрнете внимание на вашето психичко здравје. Исто така, чувајте ги синусите и внимавајте на физички повреди на главата.

Стрелец

Сатурн ги мачеше претходните две години на стрелецот, па полека навлеговте во рутина, бидејќи со Сатурн немаше движење ни на подобро ни на полошо. Но сега Сатурн се сели од вашето поле на финансии. Оваа година финансиски нема да биде лоша, но ќе ја бара вашата целосна посветеност во работата. Затоа е време да започнете. Полната месечина во текот на март ви носи нови бизнис-можности. Од април до септември ќе мора да штедите бидејќи ќе има повеќе трошоци отколку приходи, но годината ќе ја завршите со позитивно салдо. Втората половина од годината ќе можете да очекувате помош од членовите на семејството или близок пријател во врска со работата и финансиите. Од мај ви се отвораат патишта за нов бизнис, па ако некогаш сте имале некаква идеја за работа, време е да ја реализирате.

Полни сте со емоции, но имате проблем да ги искажете, што создава тензија. Трпат и партнерот и домашните. Во август ќе запознаете личност со слични афинитети. Врската на почеток ќе биде само од физичка природа, но треба да се потрудите да опстои. Зафатените стрелци во текот на пролетта ќе имаат проблеми во комуникацијата со партнерот, што дополнително ќе биде отежнато со недостигот на заедничко време поради премногу обврски на работа. Ќе бидете расположени за кавга до почетокот на летото. Но и тоа поминува. Другата половина од годината генерално е подобра за емотивниот живот.

Стрелците оваа година мора да бидат внимателни во сообраќајот, особено ако одат на подолги патувања во текот на летото. На почетокот на летото, поради силен стрес, може да дојде до дисбаланс на хормоните, особено кога станува збор за штитната жлезда.

Јарец


По 30 години Сатурн конечно се враќа дома, во знакот на јарец. Ова секако ќе биде една од најважните години за јарците, посебно за помладите припадници на знакот. Јарците се знак со најмногу амбиции, а за годината што доаѓа главно имаат доста планови. Ако сакате успех и добри финансии во 2018 година, ќе мора да излезете од вашата удобна зона. Јарецот е најголемиот работник во зодијакот, и за него не е проблем да ги „засука ракавите“, меѓутоа, излегувањето од удобната зона е вашиот најголем страв. Ќе имате проблем со мотивацијата во текот на мај, август и септември, но затоа јули е вистински период за нови подвизи.

Првата половина на годината ќе биде сосема мирна кога станува збор за емотивниот план на јарците. Без разлика дали сте слободни или зафатени, до крајот на пролетта ќе ви одговара статусот што го имате. Слободните јарци може нагло да се заљубат, а оние зафатените ќе мора да ја редефинираат нивната постојна врска. Секако, не постои причина за грижа ако вашата врска од почетокот е на цврсти нозе, периодот од половината на мај до почетокот на септември ќе биде одличен за врската да ја подигнете на повисоко ниво и потоа да уживате во среќните моменти. Од друга страна, ако вашата врска е на стаклени нозе, тогаш споменатиот период е време кога треба да одлучите да ставите крај.

Болки во вратот и грбот, постојани умор - потрудете се во текот на новата година да пронајдете време за опуштање. Телесната тежина може да ви варира.

Водолија


Многу водолии во претходниот период доживеале експанзија преку зголемување на приходите, започнување или откривање нов бизнис. Сепак, првата половина од 2018 година може да донесе мала стагнација. Самиот почеток на годината е поволен, посебно за оние чија работа на некој начин е поврзана со модерните технологии, но ретроградниот Јупитер во вашето поле на успех ќе ја забрза вашата брза промоција во периодот од март до јули. Немојте да очајувате. Овој помирен период е идеално време за планирање идни бизнис-активности. Иако е познато дека водолиите не се претерано ориентирани кон материјалното, преминувањето на Уран во знакот на овен ќе го промени вашиот поглед кон парите, па ќе се насочите кон практични идеи кои во краток временски период вашето знаење може да го претворат во пари. Добриот аспект на Јупитер и Нептун низ вашите полиња на кариера и пари ќе ви помогне во остварувањето на целта. Кон крајот на годината можете да очекувате враќање на некој долго заборавен долг или некоја исплата преку државни институции или осигурителни куќи.

Иако многу луѓе за водолиите велат дека не се себични, туку напротив - едни од најхуманите знаци на зодијакот, секогаш подготвени да им помогнат на другите што се во неволја, вистината е поинаква. Навистина, водолијата е „најголема другарка“, секогаш тука за пријателите и социјално загрозените категории, но кога се емотивните односи во прашање, водолиите често се доста себични. Лекцијата штоа водолиите мора да ја научат во 2018 година е емотивната несебичност. И да, ова се однесува и за зафатените и за слободните водолии. Еклипсата во вашето поле на партнерски односи ќе предизвика некои стари приказни и заборавени проблеми што ќе мора да се решат за да продолжите понатаму.

Водолиите оваа година најмногу проблеми ќе имаат со зглобовите, особено со колената. Потребно е да пронајдете физичка активност што ќе ви одговара, како што е на пример јогата - ќе ви помогне да ги избалансирате духот и телото.

Риби

Финансискиот план на вашиот знак беше подложен на осцилации во изминатите години, но како што Уран го напушта вашиот сектор на пари, изненадните ненајавени трошоци повеќе нема да бидат толку чести. Но исто така повеќе нема да има финансиски добивки на кои сте навикнале претходниот период. Иако поголемиот дел од годината ќе биде финансиски нестабилен, нема да ви наштети бидејќи секогаш ќе успеете да затворите некоја финансиска дупка. Оние што ви должат, во тој период ќе ви вратат пари, а вие само ќе ги проследите понатаму за да ги вратите сопствените долгови. Ако немате постојан ангажман, и ако вашата работа на кој било начин зависи од вашата репутација, самиот почеток на годината нема да ви биде наклонет. Но ситуацијата ќе се поправи од втората половина на февруари, па така на самиот почеток на годината можете да направите листа со желби што сакате да ги реализирате оваа година и полека да започнете со нивна реализација.

Слободните припадници на овој знак од почетокот на летото ќе се чувствуваат изолирано, несфатено и напуштено, па засолниште ќе бараат во „своето племе“, односно во кругот на луѓето со исти погледи кон светот и животот. И баш тогаш, една жешка вечер во август, може да ви се случи љубов со шармантен странец. Иако оваа средба ќе се чини како пропуштена можност, бидејќи тоа не е партнер каков што сте замислувале, конфигурацијата на големиот тригон преку земните знаци ни покажува дека оваа приказна може да многу постабилна отколку што се чини. Немојте лесно да ја пропуштите.

Рибите се наградени од Јупитер за сите шокови и стресови што ги преживеале во текот на изминатите години. Јупитер се наоѓа во вашето поле на судбината и полето на далечни патувања, па затоа оваа година ќе патувате почесто од кога било, каде било! Оваа година, здравјето ќе ви биде одлично, само немојте работите и луѓето околу себе да ги сфатите премногу емотивно.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот