Сѐ поголем број студенти дипломираат навреме и ги запазуваат роковите за студирање за разлика од пред 15 години кога бројот на дипломирани по рокот се движел над 70 проценти од вкупно запишаните студенти.
Според податоците на Државниот завод за статистика добиени од пристигнатите извештаи, во 2023 година дипломирале 7.422 студенти на додипломски студии на високите стручни школи и на факултетите. 64,8% се дипломирани студентки. Од вкупниот број студенти, 37% дипломирале во рокот, додека 63% дипломирале по рокот.
Во 2022 година дипломирале 7.483 студенти, а од вкупниот број студенти 40% дипломирале во рокот, додека 60% дипломирале по рокот.
Според податоците од Државниот завод за статистика, во 2007 година дипломирале вкупно 8.188 студенти од кои во рок 28,9 %, а дури 71,1 % по рокот. Во 2009 година бројот на дипломирани студенти на додипломски студии на високите стручни школи и факултетите е 10.232 од кои 35,2% дипломирале во рок, додека 64,8% дипломирале по рокот. Во 2012 година бројот на дипломирани студенти е 10.392, од кои 58 проценти дипломирале по рокот. Во 2015 година бројот на дипломирани студенти е 8.458. Од вкупниот број студенти, 40,9% дипломирале во рок, додека 59,1% дипломирале по рокот.
Во 1955 година сме имале само 304 дипломирани студенти, но нема податоци колку од нив дипломирале во или по рокот.
Според статутите на универзитетите и правилниците на факултетите, студент може да го одложи дипломирањето најмногу два пати од дадениот рок. Ако студиите се четири години, не може да студира подолго од осум години. По истекот на овој рок, студентот нема да може да продолжи да студира, туку ќе мора одново да се запише според дадени критериуми.
На Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ постои опција за ставање на студиите во мирување, ако има специјални околности како бременост, болест или други причини за неможност за студирање.
„На студентот, по негово барање, му мируваат обврските: за време на бременост; ако е со дете до 1 (една) година старост; за време на болест подолга од 1 (еден) семестар; поради семејни причини: издржување лица од потесното семејство; болест, помош и нега на лица од потесното семејство; - елементарни непогоди поврзани со живеалиштето, односно престојувалиштето на
студентот; за време на меѓународна размена на студентите во траење подолго од 30 дена во текот
на одржувањето на наставата, доколку со наведената размена не се стекнуваат ЕКТС-кредити; за време на подготовка и настапи на спортски настани кога има статус на член на репрезентацијата на Република Македонија; поради неможност за исполнување на финансиските обврски; За мирување на обврските од ставот 1 на овој член, студентот поднесува писмено барање и
доставува соодветна документација“, стои во Правилникот на УКИМ.
Доколку за време на мирувањето на обврските настанат измени во студиската програма, студентот продолжува да студира на изменетата студиска програма и е должен да ги исполни обврските кои претставуваат разлика помеѓу двете студиски програми.
Студентот е должен да го активира студирањето во рок од 15 дена по престанокот на причините за мирување. Студентот кој ги ставил студиите во мирување, а мирувањето не е прекинато до почетокот на наредната учебна година, должен е на почетокот на учебната година и секоја наредна учебна година да го продолжи мирувањето.
Се смета дека студентот ги прекинал студиите доколку не запише семестар, заклучно до почетокот на наредниот семестар, иако ги исполнил условите. Доколку за време на прекинот на студиите се измени студиската програма, студентот е должен да ги ислуша, да ги исполни и да ги полага испитите во изменетата студиска програма.
За времетраењето на прекинот на студиите, студентот не плаќа партиципација, односно школарина. Студентот ги продолжува студиите со плаќање школарина доколку прекинот трае 3 и повеќе последователни семестри.
Според Правилникот на УКИМ, на студентот му престанува статусот на студент ако дипломира; ако не ги заврши студиите во рокот утврден со закон и правилата за студирање на единицата; ако се испише, ако е исклучен; во други случаи утврдени со правилата за студирање на единицата.
Статусот на студент може да биде обновен освен ако статусот не престанал со трајно исклучување. Трошоците за обновување на статусот ги поднесува студентот и продолжува да студира со плаќање школарина. По обновување на статусот, студентот може да ги продолжи студиите по студиската програма која се применува.
Според Правилникот на УКИМ, студентите на прв циклус студии имаат право да ги завршат започнатите студии според условите и студиската програма на која се запишале, најдолго во времето што е двапати подолго од пропишаното траење на студиите, односно најмногу осум години од почетокот на учебната година кога е извршен уписот на факултетот.
Студентите на постдипломски студии имаат право да студираат најмногу четири години, ако студиската програма им трае две години или, пак, две години, ако програмата трае една година.
Рокот за завршување на студирањето ја вклучува и третата испитна последна сесија предвидена за предметите запишани во летниот семестар. По истекот на рокот, студентот може да ги продолжи студиите со поднесување барање за продолжување на студиите. Доколку
во меѓувреме настане измена на студиската програма, студентот ги продолжува студиите по студиската програма што се применува.