X
 22.03.2019 Живот

Три фактори што ја прават Финска лидер во светот, а образованието не е еден од нив

Образовниот систем во Финска е глобално познат. Повеќе од една деценија Финска е еден од врвните изведувачи во Програмата за меѓународна оценка на учениците (ПИСА). Но, Финците не само што ги надминуваат другите кога станува збор за образованието туку тие се лидери и во однос на управување со промените, имплементација на мерките засновани на докази и образованието поврзано со вештачката интелигенција. Овие фактори придонесуваат за имиџот на Финска како иновативна и амбициозна нација подготвена да ги задоволи новите општествени предизвици. Несомнено, многу земји од светот може да земат пример од Финска.

финска
Фото: REUTERS


Империјата на „Нокиа“ - подемот и падот


По падот на Советскиот Сојуз, Финска во текот на 90-тите години се соочила со длабока економска депресија. Сепак, во рок од неколку години земјата се променила од економија управувана од инвестиции во економија управувана од знаењето. Многу луѓе сè уште се сеќаваат на златната ера на „Нокиа“ во раните 90-ти и 2000-ти. „Нокиа“ ја стави Финска на мапата и уживаше глобална доминација како водечки бренд на мобилни телефони. Ова беше пред „Епл“ да го наруши целиот пазар со иновативните мобилни телефони и да лансира нова ера означена со новата генерација на паметни телефони. Назад во Финска, по абдикацијата на „Нокиа“, голем дел од инженерите влегле во индустријата за видеоигри. Ова резултирало со успешни приказни како „Енгри брдс“ и „Клеш оф Кланс“. Така, во последниве години Финска разви водечка стартап-средина од пепелта на паднатите „империи“.

Иницијативи за радикални истражувања


Финска импресионира во својот успешен пристап за интегрирање истражувања и иновации во сопствениот здравствен систем. Помеѓу 2004 и 2016 година Финска спроведе истражувачки проект во кој на учесниците им бил извршен скрининг за рак на дебелото црево со фекален окултен тест на крвта (FOBT). Резултатите од ова истражување не покажале јасни докази за намалена смртност од рак на дебелото црево со помош на овој скрининг, така што плановите за спроведување национална програма за скрининг биле ставени на чекање.

Сега, Финска планира да лансира нова програма за скрининг, но овој пат со користење на повеќе истражуван потврден фекален имунохемиски тест. Финците се фокусираат и на иднината на здравствените услуги. Во последните неколку години растот на здравствената технологија се забрзува на глобално ниво. Како резултат на тоа, сè повеќе и повеќе податоци се користат за подобрување на клиничките практики и исходите на пациентот. Овој развој бара еднакво вешти експерти за здравствена заштита, што може да се постигне со правилна обука. Терминот клиничка информатика се користи за да се опише ова поле, а Финска веќе инвестира во него. Меѓународната асоцијација за медицинска информатика создаде систем за акредитација на универзитетите кои предаваат клиничка информатика, а првиот акредитиран универзитет се наоѓа во Финска.

Освен тоа, Финска врши врвни истражувања за социјални иновации. Во 2017 година контроверзното истражување за универзален основен приход беше спроведено токму во Финска. Концептот за универзален основен приход се заснова на идејата дека владата им плаќа безусловен приход на сите граѓани. Во финскиот експеримент биле избрани 2.000 невработени луѓе, на возраст од 25 до 58 години, за да учествуваат во двегодишниот експеримент, при што добиваат основен месечен приход од 560 евра. Оваа група на луѓе била споредена со контролна група составена од невработени лица што добивале традиционална минимална плата за невработеност. Примарната цел на истражувањето било да се испита дали примањето на основниот приход би можело да ги стимулира невработените лица да бараат работа. Втората цел на експериментот била да се пронајдат нови начини и да се добие поголем увид за тоа како да се ревидира финскиот систем за бенефиции. Сепак, владата ја прекина поддршката за оваа истражувачка програма. Прелиминарните резултати по една година не покажале ефекти од основниот приход врз стапката на вработеност - меѓутоа се подобрила благосостојбата на учесниците.

Без оглед на прелиминарните резултати, овој пристап покажува дека Финска е подготвена да донесува решенија засновани на докази кога станува збор за политички прашања и е доволно храбра да ги проба големите идеи што малкумина ги тестирале претходно.

Вештачка интелигенција за сите


Финска беше првата земја во ЕУ што разви официјална стратегија за вештачката интелигенција во 2017 година, победувајќи ги земјите како Велика Британија, САД, Италија, Франција и Германија. Оттогаш многу земји се придружија во овој напор.

Финците се фокусираат на колективна компетентност во градење на вештачката интелигенција, што значи дека целото население треба ги познава основите на вештачката интелигенција. Во 2018 година Универзитетот во Хелсинки и консултантската агенција „Реактор“ лансирале бесплатен интернет-курс за вештачка интелигенција достапен за сите. Финска си постави цел - барем 1 отсто од населението да го заврши курсот. Целта била постигната далеку порано од очекуваното, а сега неколку земји се инспирирани да го сторат истото. Шведска и Холандија направија сопствени верзии и ја поставија истата цел од 1 отсто.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот