X
 12.01.2018 Култура

Лихачов: „Човекот е должен да биде интелигентен“

човек

„Човекот е должен да биде интелигентен! А ако неговата професија не бара интелигенција? А ако не можел да се школува: такви биле околностите. А ако опкружувањето не му дозволило? А ако поради интелигенцијата бил ’црна овца‘ меѓу соработниците, пријателите, семејството, и таа му пречела да им се приближи на другите луѓе?

Не, не, не! Интелигенцијата е неопходна во сите околности. Потребна е и поради другите, и поради самиот човек.

Таа е доста важна, пред сè за да живее долго и среќно - да, долго! Бидејќи интелигенцијата е еднаква на моралното здравје, а здравјето е потребно за да се живее долго - не само физички, туку и ментално. Во една стара книга пишува: ’Почитувај ги твоите татко и мајка за долго да живееш на земјата‘. Ова се однесува на целиот народ и на поединецот.

Многу луѓе мислат: интелигентен човек е оној што многу чита, што добил добро образование, многу патувал и знае неколку јазици. Но, човек може да го има сето тоа и да биде неинтелигентен, а може, во голем степен да нема ништо од ова и сепак да биде интелигентен.

Образованието не смее да се меша со интелигенцијата. Образованието живее со старите содржини, додека интелигенцијата создава ново знаење.

Интелигенцијата не е само знаење, туку и способност да се разберат другите. Таа се манифестира во илјадници мали нешта: способноста да се дискутира, да се однесува скромно на маса, умешноста незабележително да му се помогне на другиот, да се чува природата, да не се фрла ѓубре околу себе - да не се валка со догорчиња или пцости, глупави идеи (и тоа е ѓубре, и тоа како!).

На рускиот север запознав селани што беа навистина интелигентни луѓе. Тие имаа изненадувачки чисти домови, знаеја да ценат добри песни, умееја да раскажат приказна, водеа уреден живот, имаа разбирање за туѓата тага и туѓите радости.

Интелигенцијата е способност за разбирање, согледување, тоа е толерантен став кон светот и луѓето.

Интелигенцијата треба да се развива во себе, треба да се тренира - да се тренира духовната сила како што се тренира физичката. А тренингот е можен и неопходен во кои било околности.

Да, тренирањето на физичката сила придонесува за долговечност - тоа е разбирливо. Многу помалку се сфаќа дека за долговечност е неопходно тренирање на духовната и на менталната сила. Работата е во тоа што злобните и лошите реакции на опкружувањето, грубоста и неразбирањето на другите - се знак на ментална и духовна слабост, човечката неможност да живее...

Добрината на човек не само што му дава физичко здравје туку и убавина. Да, убавина.

Човековото лице, кога ќе го избере злото, станува грдо, а движењето на злобниот човек е лишено од грациозност - не посебна грациозност, туку природна, што е многу повредна. Општествена должност е на човекот да биде интелигентен. Тоа е обврска кон самиот себе. Тоа е залог на неговата лична среќа и ’аура на добрината‘ околу него и кон него.

Дмитриј Лихачов, советски и руски лингвист, „Писма за доброто и убавото“.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура