X
 18.01.2018 Живот

Генеза на детството: Како љубовта помати сѐ...


Детско точаче
(Фото: Pixabay)


Мое, твое и наше дете – како до подобри односи во небиолошко семејство?

Колку и да е тешко да поверуваме, детството не постоело отсекогаш. Општеството не го издвојувало отсекогаш детството како посебна фаза од животот. Не се сметало дека животот се врти околу децата, ниту дека постои нешто специјално што треба да се прави за нив. Во поголемиот дел од човечката историја на децата едноставно се гледало како на „мали луѓе кои чекаат да пораснат“.

Според денешните мерила, сето ова ни е целосно непоимливо, така што сите се прашуваме: Што се случи? Што се промени?

Љубовта.

Глупавата, глупава љубов.

Бракот како оков


Институцијата брак функционирала добро сè додека не се вмешала љубовта. Бракот се склучувал заради поправање на материјалниот статус, стекнување моќен законски статус, подобрување на социјалниот статус, склучување поволен бизнис, создавање неполитички или воен сојуз, причините за брак биле сосема јасни и дефинитивно неромантични.

Долго време идејата некое лице да се ожени од љубов се сметала за себична и целосно глупава. Во средниот век Французите гледале на љубовта како на вид лудило кое најефикасно се лекува со сексуален однос. Во древна Индија заљубувањето пред брак се сметало за неодговорен и несоцијален чин. Во 17 век во Америка и во Европа свештениците советувале дека е најдобро да се венчате со некој што подоцна ќе го засакате, но остро се спротивставувале на преголеми чувства, сметајќи ги за вид идолопоклонство.

Општо земено, бракот низ историјата бил прилично мрачна институција. Сепак, работите се придвижиле кон поромантичен правец.

Во романтизмот почнува да се отфрла идејата за бракот заради стратешки придобивки, фаворизирајќи ја идејата дека „сè што е потребно е љубовта“. Тие сметале дека љубовта сама по себе е смисла и крај. Нивното влијание не се задржало само на концептот на бракот кој е заснован врз љубов. Тие промовирале нова идеја за среќно семејство исполнето со љубов. Овој романтичен идеал резултирал со налет на љубов кон децата, како и експлозија на интерес и совети како најдобро да се воспитуваат потомците во новиот свет, каде што во центарот се наоѓаат новите поколенија.

Во оваа нова визија за семејството, установен е нов концепт за детството, при што децата се третираат како нова класа луѓе, со специфични потреби кои родителите треба да ги задоволат. Фокусот се премести од успехот на семејството како целина на постигнувањата на детето како поединец.

Комплексното чувство – љубовта – која се наоѓа во центарот на совршениот семеен живот, од една страна е чувство или емоција, а од друга е – цел или волја. И двете чувства се модифицирани и засилени од родителството и општествените или верските влијанија.

Љубов, брак и... развод

Можеби помисливте дека со воведувањето на идејата за љубов во равенката за брак работите тргнаа на подобро. Но, проблемот остана ист: ако се размислува за љубовта како добра причина за брак, тогаш недостигот на љубов стана добра причина да не се стапи во брак.

Разводот постои откако постои и бракот. Низ историјата причините за развод исто така биле различни, како што биле и различни причините за склучување брак. Сепак, причините за развод се промениле кога пресентименталните романтичари ја вовеле идејата дека љубовта е неопходна во односот меѓу мажот и жената.

Новиот век донел и нови пресврти. Стапката на разводи експлодирала. Се појавила нова професија – брачни  советници – кои го застапувале ставот дека разводот едноставно е исправка на погрешно донесена одлука.

Во периодот по Втората светска војна почна закрепнувањето на општеството од болното минато. Со зголемувањето на материјалното богатство и благосостојбата на луѓето, тие почнале да го поставуваат и прашањето за смислата на животот. Жените почнале да партиципираат во сите сфери на животот. Веќе не се задоволувале со тоа да бидат само сопруги и мајки, туку барале – и добиле – повеќе права. Првпат во историјата на човештвото жените се избориле сами да се издржуваат себе, а и децата, без маж. Стапката на разводи меѓу 1971 и 1981 година го достигна врвот.

Било, па поминало

Втората половина од оваа сторија, се разбира, ќе констатира дека сè помал број луѓе стапуваат во брак. Затоа и не зачудува фактот дека се измени односот кон децата родени надвор од брак. Иако долго време раѓањето деца надвор од институцијата брак се сметаше за скандалозно, денес тоа е вообичаена работа.

Статистиките укажуваат дека денес е сосема вообичаено една двојка да се реши заеднички да живее без да го официјализира односот.

Денес, големите прашања гласат: Што значи цел овој историјат за нас? Каде се движи модерното семејство? Како успешно да се снаоѓаш во еднородителско, мешано или посвојувачко семејство? Како да се биде добар самохран родител? Како да се биде добар очув или маќеа? Зошто децата се чувствуваат лошо ако го засакаат очувот или маќеата? Како да се создаде добро посвојувачко семејство и да се совлада стравот од биолошкиот родител?

Денешното модерно семејство нема традиционална, класична формула која подразбира биолошки родители и нивни деца. Но, авторот на овој духовит и практичен водич низ предизвиците на модерното семејство вели: „Семејството е чудна работа. Тоа е средиште на нашиот свет, го сакале ние тоа или не, и нè окупира на многу начини. Умее да ни донесе многу додевања, тешкотии и низа проблеми за кои во животот не би помислиле дека можат да нè снајдат, додека сме копнееле по него, замислувајќи како е да се биде родител. Сето ова двократно важи за модерното семејство – семејството на денешнината“.

Извор
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот