X
 19.09.2017 Живот

Ерих Фром: „Дали е можно да се има љубов?“

Дали е можно да се има љубов? Кога одговорот би бил позитивен, љубовта би била предмет, супстанција која човек може да ја има, да ја поседува. Но нема работи како што е љубовта. Љубовта е апстракција, можеби божица или отуѓено суштество, така што никој не ја видел оваа божица. Во реалноста постои само чинот на сакање. Сакањето е продуктивна активност. Тоа подразбира грижа, разбирање, реагирање, афирмација, уживање кон личноста, дрвото, сликата, идејата. Тоа значи оживување, зголемување на неговата/нејзината виталност. Ова е процес на самообновување и самоодржување.

Доживувањето на љубовта значи ограничување, затворање или управување со предметот љубов. Таа е полна со опасност од задушување, таа е бесчувствителна, задушувачка, смртоносна. Она што луѓето го нарекуваат љубов обично е злоупотреба на зборовите за да се сокрие реалноста на нивната несреќа. Останува сосема отворено прашањето колку родителите ги сакаат своите деца. Лојд де Маус наведува дека во изминативе два милениума на Западот имало толку многу извештаи за злосторства нанесени врз деца - од физичка до психичка тортура, занемарување, чиста посесивност и садизам - толку ужасни што човек мора да поверува дека сакањето на нивните деца е исклучок, а не правило.

Истото може да се каже и за бракот. Без оглед на тоа дали бракот бил заснован на љубов или на социјална конвенција и обичај, се чини дека исклучок се сопружниците што вистински се сакаат. Социјалната конвенција, обичајот, заедничкиот економски интерес, заедничкиот интерес за децата, заемната зависност, омраза или страв свесно се доживуваат како љубов - до часот кога еден или двајцата партнери не сфатат дека не се сакаат и никогаш не се сакале. Денес во тој поглед може да се види напредок: луѓето станаа пореални и потрезвени и многу знаат дека сексуалната привлечност не значи љубов, а заемниот пријателски однос, макар и далечен, претставува изразување љубов. Овој нов став придонесе до поголема почит и, секако, почеста замена на партнерите. Замената на партнерите не доведува до почеста љубов, а новиот партнер може да се сака еднакво малку како и стариот.

Промената од заљубеност до илузија за љубов често може конкретно да се следи кај парови што не се заљубени.

За време на додворувањето ниту една личност не е сигурна за другата, но секоја настојува да победи. И двете личности се живи, привлечни, интересни, дури и убави - толку што виталноста секогаш го разубавува лицето. Никоја од овие личности нема друга и поради тоа, имаат голема енергија. Со чинот на венчавање работите се менуваат. Брачниот договор на секој од партнерите му дава право на поседување на телото, чувствата и грижата на другиот партнер. И двајцата партнери престануваат да се трудат да бидат привлечни и да побудат љубов, па затоа стануваат досадни и со тоа исчезнува нивната убавина. Стануваат разочарани и збунети. Зар тие не се истите луѓе? Дали на почетокот направиле грешка? Секој обично причината за промена ја бара во другиот и се чувствува измамено. Притоа ниту еден од партнерите не гледа дека повеќе не е личноста каква што била во фазата на заљубеност. И сега, наместо заемно да се сакаат, тие се ориентираат на тоа заеднички да го поседуваат она што го имаат: пари, социјален статус, дом, деца. На тој начин бракот поттикнат од љубов почнува да се претвора во пријателска сопственост, во корпорација во која два егоизми стапуваат во еден: егоизам „семејство“.

Koга еден пар не може да ја преболи желбата за обновување на чувството на љубовта, еден од партнерите започнува да ја негува илузијата дека новиот партнер ќе ја задоволи оваа аспирација. Почнуваат да чувствуваат дека љубовта е единственото нешто што го сакаат.

Овој опис не значи дека бракот не може да биде најдобро решение за двајца луѓе што се сакаат. Тешкотиите не лежат во бракот, туку во посесивноста, егзистенцијалната структура на двајцата партнери и во крајна линија, општеството во кое живеат.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот