„Јутјуб“ поставува построги критериуми за профитирање за да спречи платформата да биде погрешно искористена, како што досега беше случај.
Сега платформата најавува промени откако беше критикувана поради блиската врска со Логан Пол, контроверзен видеоблогер, а ситуацијата ескалира кога Пол постирал видео на „Јутјуб“ на кое тој стои до мртво тело и се смее. Видеото остана на „Јутјуб“ некое време, а било отстрането од член на тимот на Пол, а не од платформата.
Исто така, веб-страницата е критикувана поради ставање маркетинг од огласувачи од висок профил (како владата и „Маркс и Спенсер“) веднаш до екстремистички видеа и друга недозволена содржина.
„Гугл“ објави дека сега ќе ги ограничи корисниците да се приклучат на програмата за партнери на „Јутјуб“, што им овозможува да земат дел од парите заработени преку реклами што одат пред видеата.
Пред ова на корисниците на „Јутјуб“ им биле потребни 10.000 вкупни прегледи на нивниот канал за да влезат во програмата. Сега „Гугл“ најави дека корисниците ќе треба да имаат 1.000 претплатници и 4.000 часа гледање во последните 12 месеци. Новиот праг на „Јутјуб“ значи дека креаторот на видеото ќе треба да има 1.000 претплатници и во просек 462 прегледи по видео за да почне да добива приходи од реклами.
Владата, „Маркс и Спенсер“ и Би-би-си се меѓу неколкуте компании што ги повлекоа рекламите од платформата откако било откриено дека се појавуваат до екстремистичка содржина.
„Јутјуб“ ќе го промени и „Гугл прифрд“, програма што им овозможува на рекламните компании да поставуваат реклами на најпопуларните клипови на страницата. Видеата на оваа листа сега ќе бидат „рачно прегледувани“ за да ги заштитат рекламните агенции од ненамерно поставување на нивните реклами на популарни, но проблематични видеа.
Исто така, ќе се воведе и „трислоен систем“ за брендовите да одлучуваат на какви видеа сакаат да им се појават рекламите.
22-годишниот Логан Пол собрал милиони прегледи на неговото видео снимено во шумата Аокигахара, добро познато место за самоубиства во Јапонија. Неговиот канал има 15 милиони
претплатници, а неговите видеа се прегледани повеќе од три милијарди пати, од неговото појавување во 2015 година.