X
 24.01.2018 Живот

Свеж и чист воздух на продажба!

воздух

Започнало како шега, но сега луѓето трошат богатство за свеж воздух во шише. Алекс Мошакис открива како глобалното загадување го разгорува овој тренд.

На почетокот од 2015 година, Мосес Лам и Трој Пакет наполниле вреќа „зиплок“ со свеж воздух и ја објавиле на „Ибеј“. Торбата била продадена за 99 канадски центи. Она што првично било шега меѓу пријатели, наеднаш станало реалност. Парот наполнил уште една вреќа и повторно ја објавил на интернет. Кога медиумите го забележале ова, почнала војна на наддавање, па така вреќата се продала за 168 канадски долари. И двајцата на „Ибеј“ виделе можност да создадат нов вид пазар - за свеж воздух. Внимателно развиле продукт доволно робустен за да преживее различни поштенски системи: алуминиумски канистер поврзан со пластичен отвор преку кој клиентите би можеле да вдишуваат воздух од различни локации во Банф, Алберта. Следно, тие спровеле истражување за загадувањето на воздухот и набрзо идентификувале примарен пазар: Лос Анџелес, град полн со автомобили, подложен на диви пожари, каде што воздухот е исполнет со токсини.

Наскоро парот ја основал и компанијата „Виталити ејр“. Во јуни 2015 година „Виталити ејр“ го продаде својот прв канистер. Неколку месеци подоцна компанијата доби нарачка за 5.000 лименки, исклучиво за градови во Кина. Како што растело вниманието од страна на медиумите, така растеле и порачките. Главно порачките доаѓале од Пекинг и од Њу Делхи. Потоа се проширувале во Виетнам, Кореја, Иран, Грција и Мексико. Се појавила нова стратегија: насочување кон жителите на најзагадените градови во светот.

Сега постои луксузен воздух, планински воздух, воздух за новите мајки, воздух за работа, за деца, за баби и дедовци.

Лам и Пакет развија мала индустрија, но и други почнале да ја користат оваа можност, па се појавиле стартап-компании во Швајцарија и во Австралија што лансирале слични производи: канистри полни со воздух собран од области со извонредна природна убавина.

1
Фото: Observer

Производот е скап - канистер од 8 литри „виталити ејр“ чини 32 канадски долари; во просек, секој од нас дише 6 литри во минута.

Во безброј урбани центри, особено оние во Азија, загадувањето редовно ги надминува границите на СЗО, понекогаш и десетпати. Но може да стане уште полошо. Во ноември во Њу Делхи загадувањето на воздухот било речиси 40 пати над препорачаниот максимум, поради што локалните жители го нарекоа градот „гасна комора“. Со денови патниците носеле шамии над маските. Училиштата биле затворени, а густиот смог го прекрил градот во мрачна темнина.

Ова било добра вест за „виталити ејр“. Лам вели дека неговата компанија продала повеќе од 200.000 шишиња и речиси сите нарачки доаѓале од регионите зафатени со високо ниво на загадување.

Д-р Сара Елкин, респираторна консултантка на Кралскиот колеџ во Лондон, дава мислење за тоа дали конзервираниот воздух им нуди здравствени предности на оние што живеат во регионите погодени од високите нивоа на загадување на воздухот. „Според моето знаење, не постојат докази за корист“, вели таа.

На прашање за здравствените придобивки на производот, Лим вели: „Не сакаме да си присвојуваме никакви здравствени тврдења“. „Ако дишете подобар воздух, подобра е вашата циркулација на крвта, живеете поздраво, живеете подолго и посреќно“, додава тој, опишувајќи го својот производ како „искуство што ќе го доживеете само еднаш во животот“.

Тој советува - оној што го купил неговиот производ да вдишува десетпати на ден.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот