Вдишувањето на загаден воздух може да го зголеми ризикот од бубрежни заболувања, покажа новото американско истражување.
„Загадениот воздух е фактор на ризик за развој на
бубрежни болести“, вели доктор Зијад Ал-Али од здравственото осигурување за воените ветерани во Сент Луис, Мисури, кој учествувал во истражувањето. „Тоа е уште поголем проблем во земјите како Кина и Индија каде загадувањето е многу, многу поголемо.“
Доктор Ал-Али и неговиот тим го проучувале влијанието на суспендираните честици кои се резултат од горењето на фосилни горива и други индустриски процеси, а преку дишењето се внесуваат длабоко во белите дробови. Високите нивоа на ПМ-честици со дијаметар под 2,5 микрометри се поврзуваат со болестите на срцето, мозочните удари, дијабетесот и краткиот животен век.
За да истражат дали овие честици влијаат и врз појавата на бубрежни заболувања, научниците ги проучувале податоците на речиси 2,5 милиони ветерани, собирани во текот на 8 години и истите ги ставиле во корелација со нивоата на загадување на воздухот во регионите каде живееле, а биле нотирани од страна на сојузната агенција за заштита на животната средина – ЕПА.
Резултатите потврдиле дека ветераните кои живееле во региони со највискои нивоа на ПМ-честици, боледувале од зголемен крвен притисок и дијабетес, а и двете овие состојби се фактор на ризик за појава на бубрежни болести, а ризикот за влошување на бубрежните функции растел со нивото на загаденост на воздухот.
Кога доктор Ал-Али и неговиот тим ја повториле анализата користејќи податоци за загадувањето на воздухот од НАСА, добиените резултати биле конзистентни на првите.
Секоја година во САД се дијагностицираат 45.000 нови случаи на бубрежни заболувања, и затоа сосема е веројатно дел од истите да се предизвикани од загадувањето со ПМ 2,5 честички кои ги надминуваат стандардите на ЕПА, сметаат експертите.
„Веќе се знае дека загадувањето на воздухот го зголемува ризикот од срцеви и белодробни заболувања. Ова откритие ги потврдува тезите дека дури и ниските нивоа на загадување на воздухот со суспендирани честички можат да го зголемат ризикот од сериозни проблеми со бубрезите“, вели доктор Џенифер Брег-Грешам од
Kidney Epidemiology and Cost Center на уУниверзитетот „Мичиген“ во Ен Арбор, која не учествуваше во истражувањето.
„Со оглед на фактот дека милиони луѓе се изложени на ризик од бубрежни заболувања заради загадениот воздух – се работи за сериозни јавноздравствени импликации.“
Таа истакнува дека луѓето можат да го намалат загадувањето во внатрешни простории со воздушни филтри, а во најзагадените градови со носење маски за лице кога се наоѓаат на отворен простор. „И двете мерки можат да влијаат врз намалувањето на крвниот притисок“, додава доктор Брег-Грешам.