X
 30.01.2018 Живот

Претворање на смогот во скапоцен накит?

Смогот и загаденоста на воздухот се огромен проблем во повеќе градови во светот. Меѓу нив се Мексико Сити, Пекинг, Каиро, Краков, а и Скопје. Докажано е дека смогот негативно влијае врз здравјето на луѓето, го зголемува ризикот од сериозни срцеви и белодробни заболувања. Најчесто е производ на комбинација од загадувачите од индустријата, автомобилите, чадот од цигарите, печките и друго.

фотоизвор: Materia

Дизајнерот Ден Русгард креирал производ кој не само што помага во чистењето на воздухот туку и го претвора смогот во скапоцени камења. Неговата кула „Смог-Фри“ им помага на градовите и на нивните граѓани повторно да дишат чист воздух.

Постојат низа урбани иновации за намалување на аерозагадувањето, а кулата „Смог-Фри“ е дел од нив. Станува збор за масивна правосмукалка. На висина од 7 метри, кулата го вшмукува смогот од околината користејќи технологија на позитивна јонизација. Внесениот смог се филтрира, па се испушта чист воздух кој поминал низ вентили од 6 страни. Користи енергија колку обичен уред за вриење вода и може да исчисти повеќе од 30.000 кубни метри воздух на час.

Иновацијата не застанува тука. Со користењето на истиот смог собран во вентилите, кулата го претвора воздухот во скапоцени камења. Ги зема честичките на јаглероден диоксид и ги кондензира, па потоа создава малечки коцки кои можат да бидат вградени во различни парчиња на традиционален накит. Секоја коцка содржи 1.000 кубни метри воздух.

Оваа кула првпат е искористена во Ротердам во 2015 година, а потоа била тестирана во 4 града во Кина. Овој февруари ќе биде употребена во Краков, Полска.

Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот