X
 25.04.2019 Технологија

Шефот на „Епл“ има важна порака за сите корисници на паметни телефони

Зависноста од телефоните стана проблем со кој се соочуваат луѓето низ целиот свет, а за кој предупреди дури и папата Франциск.

Со папата се согласува и извршниот директор на „Епл“, Тим Кук. Тој се согласи дека многу деца премногу ги користат нивните телефони и токму поради тоа беше создадена апликација што го мери времето поминато на „ајфон“. Гостувајќи на една конференција, Тим повторно предупреди за овој проблем и рече дека тимот на „Епл“ кој произведува и продава телефони не сака луѓето да поминуваат толку време на мобилните уреди.

- И родителите и децата премногу ги користат телефоните. Сите ние ги користиме - рече тој.

https://www.businessinsider.com/apple-ceo-tim-cook-how-to-avoid-iphone-addiction-2019-4
Фото: Reutres

Уредите на луѓето постојано ѕвонат и вибрираат од многубројните нови известувања од социјалните мрежи, повиците, пораките итн. Луѓето постојано „скролаат“ по телефоните следејќи што се случува токму во таа секунда. И додека стравуваат да не пропуштат некое случување во светот, пропуштаат други, многу поважни работи, комуникацијата со луѓето.

Според Тим Кук, промената што луѓето треба да ја направат е да обрнуваат помалку внимание на телефоните, а повеќе внимание на луѓето со кои се наоѓаат во просторијата бидејќи секојпат кога ќе го подигнете телефонот го тргате погледот од луѓето со кои разговарате. А, ако повеќе гледате во екраните отколку во луѓето, тогаш погрешно ги правите работите.

Кук открил колку е зависен од својот „ајфон“ благодарение на новата опција на следење на времето поминато на телефон. Тогаш одлучил дека мора нешто да промени. Она што го направил било исклучување на многубројните известувања што ги добивал на телефон. Тој се запрашал дали навистина треба да добива илјадници известувања дневно. Одговорот бил јасен.

- Тоа не е нешто што му дава вредност на мојот живот или поради што станувам подобра личност - заклучува тој.

Неговиот совет за сите корисници на паметни телефони е да ги следат неговите стапки и ако не ги имаат исклучено известувањата, тоа да го направат веднаш затоа што само така телефонот помалку ќе им пречи и ќе имаат време за други поважни работи во животот.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија